Актив арт, Доза вести

„Зборци“, дефиницијата за патоплочувачи

Време на читање: 3 минути

Дека генерацијата Z е постојано „зјапната во екраните“е веќе факт. Не ви треба истражување. Само седнете на клупа и гледајте околу вас, ќе забележите дека телефоните се, или в лице или в рака. Со едната рака го држам поводникот од кучето, а со другата скролам…

Не ми се гледаат видеа кои сите личат едно на друго: некој тим игра во канцеларијата или се „забавува“… Не ми се ни препораки или факти кои ги смислува некој што работи од дома, седејќи и размислувајќи што најмногу собира лајкови.
Така размислувајќи што да следам, а што не – на социјалните мрежи наидов на @zborci.zborci.

Место каде што можеш да бидеш креативен со сопствениот јазик и воедно да го збогатуваш. Не можев ни да замислам колку зборови не ми ни текнало дека ги знам… На пример – патозависност…
Да не го прочитав ова, немаше ни да знам дека сум патозависна.

Разговарав со овој креативен тим и дознав и други зборчиња.

Што ве изнервира, па ја направивте оваа иницијатива?

-Нервозата не беше нашата почетна мотивација за формирање на „Зборци“. Идејата, моментот на инспирација, тоа беше нешто многу пошироко. Првите зборци беа идеолози, дружина на зборољубители кои пред десетина години формираа здружение, но поради разни причини приказната тогаш не продолжи. Едноставно, животот се случил.

Она што остана беше идејата, а ние бевме тие што станаа нејзини носители. Загрижуваше тоа што меѓу младите сè почесто се слушаше фразата дека македонскиот јазик е „сиромашен“. И дека токму затоа патуваме кон англискиот, барајќи зборови што ги немаме. Да, јазикот на крајот постои за да се разбереме, и ако пронаоѓаме начин, во ред е. Но, она што за нас беше неприфатливо е токму ова второто, да кажеш дека твојот јазик е сиромашен.

Тука почна предизвикот. И речиси случајно, или можеби не, влеговме во процесот на зборообразување. Почнавме со неколку збора, без сериозен план, и одеднаш тоа стана возбудливо. Ја запознавме професорката Славица Велева, организиравме настан и така приказната почна да живее. Денес, скоро една година подоцна, се подготвуваме за „Зборотворба“. Возбудени сме и многу среќни, веруваме дека идејата сега е поблиску до повеќе зборољубители, дека сè повеќе луѓе се охрабруваат да ја кршат речничката бариера и да си играат со јазикот, да бараат и да смислуваат нови зборови кои го збогатуваат нивното секојдневие.
Затоа што зборот не е само збор, тој е симбол. А секој симбол е точка на означување: означување на потреба, задоволство, незадоволство, игривост, тажност. Зборовите се нашиот живот, тие ги градат и обликуваат нашите мисловни патеки. Тоа значи дека секој нов збор е свој универзум, своја приказна со автентични атрибути.

Три „нови“ зборови што ви се омилени?

– Ох, колку е ова нефер за сите други зборови, секогаш тешко прашање… Но, ако мора, ќе одиме со: патоплочувачи, мислоред и дискобол. Тоа што немаме диско цело лето, навистина многу боли…

Како гледате на себе си: лингвисти, активисти, уметници или нешто трето?

– Лингвисти не сме, активисти, да. Активисти можеби е најдобриот опис за нас, бидејќи и нашиот стил на живот, надвор од „Зборци“, е активистички. Не молчиме, не прифаќаме неправда и секојдневно размислуваме како нашиот простор може да биде подобро место за живеење. А дали сме уметници? Не знаеме сами да кажеме,  нека остане тоа како прашање за следен пат.

Што мислите за „заменските“ зборови на младите и англицизмите?

– Нашиот став е дека е нормално, до одредена мера, англискиот јазик да има влијание и самите ние не сме исклучок. Англиски зборови се дел од нашиот секојдневен говор, поради едноставна причина: огромното количество содржина на англиски, додека на македонски, не баш. Ова е сериозно прашање и мора внимателно да се разгледа, особено во ерата на глобализација во која живееме. Јазиците со мало говорно подрачје, како нашиот, се под постојана закана од јазиците со поголемо говорно подрачје, и тоа е нешто на кое мора да внимаваме.

Идеалистичкото сценарио би било секој од нас да создава содржина на македонски јазик. МТВ да ја заживее продукцијата и да се разбере ова како прашање од национална важност, а Владата да преземе активна стратегија за поддршка на креаторите на македонски содржини, од образование, преку култура, до медиуми. Потребно е јасно дефинирање на јазичната политика, финансиски стимули за автори, преведувачи и медиумски куќи, како и создавање национални дигитални архиви и платформи за македонска содржина.

Јазикот е жива материја, а сè што е живо може да згасне ако не го негуваме. Затоа, секој треба да ја препознае својата улога: државата како чувар, медиумите како преносители, образованието како темел, а граѓаните како секојдневни практичари на јазикот. Ако не ја преземеме оваа одговорност, ризикуваме нашата култура да се претопи во туѓа.

Има ли збор што сте го повлекле од објава како контроверзен?

– Ууу, не сме имале вакви ситуација до сега. Но, тоа би било многу интересно да видиме како би изгледало, дебата за нов збор во македонскиот јазик, многу многу интересно да се замисли.

Со еден збор – опишете го вашиот тим!

– Патопоплочувачки <3

Илустрацијата е во сопственост на „Зборци“.

Напишете коментар