„Џабе се трудам – ништо не се менува“ – што е феноменот на научена беспомошност и како да го надминеме?

Поради низа разочарувања и болни искуства, луѓето престануваат да веруваат во сопствената моќ за промена. Не станува збор за лични избори. Тоа се искуства кои ја „научиле“ личноста дека обидот е залуден. Прочитајте повеќе за чекорите кон излегување од оваа психолошка состојба, која може да се промени.
Авторка: Мила Ивановска
Фотографии: www.freepik.com
„Се откажав. Веќе не се трудам за ништо.“
Оваа реченица ја имам слушнато многупати. Не од луѓе што не се грижат за својот живот, туку од оние што премногу пати биле повредени, разочарани, исцрпени. Луѓе кои пробале сè, а ништо не вродило со плод.
Во психологијата, ова го нарекуваме феномен на научена беспомошност. Тоа е состојба во која човекот, по низа неуспешни обиди да влијае врз околностите, престанува да се обидува воопшто и верува дека, без разлика што ќе направи, исходот ќе биде ист, односно дека е немоќен да ја промени својата ситуација, дури и кога се појавуваат можности за тоа.
Овој концепт прв го дефинирал Марти Селигман во 70-тите години, преку експерименти кои покажале дека кога некој доволно долго се наоѓа во ситуација без излез, на крајот престанува да го бара излезот, дури и кога тој постои.
Иако на прв поглед изгледа како мрзеливост или незаинтересираност, научената беспомошност е психолошка адаптација на личноста, несвесен начин да се заштити од уште еден пораз. Наместо да ризикува уште една болка, човекот избира повлекување. Ова води до пасивност, намалена мотивација и чувство на безнадежност, кое може да продолжи дури и кога околностите се менуваат и е можно да се преземе контрола.
И тоа е она што најмногу боли, кога човек веќе не верува дека нештата можат да бидат поинакви. Не затоа што не сака. Туку затоа што е научен дека нема поента. Како изгледа научената беспомошност во секојдневниот живот?
Научената беспомошност не е само научен термин. Тоа е реална состојба која ја живеат многу луѓе околу нас. Сигурно во секојдневниот говор сте ги слушнале речениците како:
„Што и да направам, џабе е“, или
„Не се мачам веќе – пробав доволно пати.“
Зад овие зборови се кријат ситуации, како пријателот кој престанал да бара нови можности на работа, откако неколкупати не бил повикан на разговор. Или пак, тинејџер кој долго време добива слаби оценки и слуша дека не е доволно добар.
По неколку неуспеси, почнува да мисли: „колку и да се трудам, нема да успеам“. Почнува да се откажува од учењето, дури и кога има потенцијал. Можеби родителот, што долго време се обидува да го мотивира своето дете, но кога не гледа промени, почнува да мисли дека неговите напори не носат резултат.
Примерите се различни, но поентата е иста: поради низа разочарувања и болни искуства, луѓето престануваат да веруваат во сопствената моќ за промена. Овие примери не се само лични избори. Тие се резултат на искуството што ја „научило“ личноста дека обидот е залуден. Кога човек ќе се соочи со повеќе последователни неуспеси, природно е да ја изгуби вербата во сопствената способност да влијае на околностите. Тоа е начин на психата да се заштити од понатамошна болка и стрес.
Научената беспомошност не влијае само на поединецот, туку може да се прошири и на ниво на цело општество. Кога луѓето долгорочно се изложени на неправди или економски тешкотии, може да се појави чувство дека ништо не може да се промени, дека „сè е залудно“.
Што нè спречува да ја надминеме оваа состојба?
Научената беспомошност е предизвик за менување токму затоа што се инкорпорирала длабоко во нашиот начин на размислување и чувствување. Кога личноста се соочува повеќекратни неуспеси или стресни ситуации, тогаш мозокот почнува да развива уверување дека нема контрола врз исходите од настаните. Ова создава когнитивна и емоционална бариера, каде што луѓето автоматски очекуваат негативни резултати и не вложуваат напори да ги променат околностите.
Покрај внатрешните ментални процеси, и надворешните фактори играат значајна улога. Кога околината не нуди поддршка, кога луѓето се изложени на осудувања, критики или игнорирање, тоа дополнително ги зајакнува чувствата на беспомошност. Социјалната изолација и системски препреки само ја зацврстуваат оваа состојба, создавајќи зачаран круг од кој е тешко да се излезе без свесна помош и промена на перцепцијата.
Што може да помогне во надминувањето?
Првиот чекор кон излегување од состојбата на научена беспомошност е да се осознаеме дека ова е психолошка состојба која може да се промени. Промената започнува со малите чекори и свесноста за сопствената моќ да влијаеме на нашето секојдневие. Една од најважните стратегии е да ги промениме мислите што ни ја одземаат енергијата и мотивацијата. Ова може да се постигне со когнитивно-бихевиоралната терапија (КБТ), форма на психотерапија која е ефективна и може да помогне во надминувањето на размислувачките и однесувачките образци што придонесуваат за научената беспомошност. Целта на КБТ е да помогне да се препознаат негативните мисловни шеми што го поттикнуваат чувството на беспомошност и потоа да ги заменат тие мисли со пооптимистички и порационални размислувања.
Исто така, поставувањето мали, достижни цели и прославувањето на секој мал успех помагаат да се врати чувството на контрола и ефективност. Наместо да се фокусираме на големата слика која понекогаш изгледа неостварлива, треба да се посветиме на мали победи кои ни даваат мотив да продолжиме.
Поддршката од околината е исто така клучна. Кога луѓето добиваат разбирање, охрабрување и позитивна енергија, тие полесно ги надминуваат пречките и повторно веруваат во себе. Затоа е важно да се бара помош и да се гради мрежа на доверба со пријатели, семејство или професионалци.
Со вистинска поддршка, трпение и малите успеси, луѓето можат да ја вратат вербата во себе и во можностите за промена.

Научената беспомошност не е непобедлива пречка
Колку порано станеме свесни за себеси, толку повеќе време ни останува да создадеме убав и квалитетен живот. Но ако дозволиме да живееме во состојба на научена беспомошност убедени дека околностите ни се случуваат и не можеме ништо да промениме, тогаш ризикуваме да останеме заробени во тие услови до крајот на животот. Тажна е вистината што многу луѓе го перципираат тоа како „живот“. Но тоа не е живот, туку само преживување, што е штетно за нашето ментално здравје.
Научената беспомошност не е непобедлива пречка, туку состојба која може да се менува со свесен труд и поддршка. Преку препознавање на негативните мисли, поставување мали цели, барање помош и практикување самоподдршка, можеме да ги разбиеме ограничувачките ментални шеми и да го вратиме чувството на контрола врз својот живот. Најважно е да запомниме дека секој од нас има внатрешна сила и способност за промена, дури и кога тоа не ни изгледа јасно.
Животот е полн со предизвици, но и со можности. Зошто би го набљудувале пасивно својот живот, со кој не сме задоволни, кога ги имаме сите алатки да го промениме?
(Авторката е психолог)