Дигитална инклузија или дигитална дискриминација? Кога пристапноста е само збор, а не реалност

Што значи да живееш во земја, каде онлајн услугите и платформите се само за еден дел од граѓаните?
Дигиталните права и слободи не се привилегија – тие се основно човеково право!
Но, за нашите сограѓанки и сограѓани со попреченост, секојдневната реалност во онлајн светот не е многу едноставна. На националниот портал за е-услуги кој треба да е пристапен за сите, има сегмент за пристапност. Но, искуствата на лица со оштетен вид, кои ги споделиле со здружението „Икуалити“, споделуваат дека таа алатка е нефункционална. Лицата со оштетен слух пак, откриваат дека формуларите и упатствата немаат ниту еден видео превод на знаковен јазик. И тогаш, нивниот избор е јасен – мора да одат физички во институција, да чекаат ред и да зависат од достапен толкувач. Во меѓувреме, јавноста смета дека имаме пристапни е-услуги, кои во реалноста значат само ново ниво на фрустрација.
Ова не е содржина за технологија, туку за тоа како системот, преку екранот, им ја одзема самостојноста на луѓето.
Кога човек со оштетен вид мора да замоли за помош за да заврши обврска што би можело самостојно да ја направи онлајн, или пак некој со оштетен слух мора физички да оди во институција за услуга што би требало да е достапна со неколку кликови, тогаш зборуваме за системски пропуст. Дали Македонија е подготвена да ја надмине дигиталната дискриминација, или ќе продолжи да создава нови пречки зад екранот?
Зборуваме со Гере Трипков, претседател на здружението „Икуалити“ кој ги има податоците од истражувања во оваа сфера, но и од искуство, дискусии и вклучување на целните групи сограѓани.
Кои се најголемите предизвици и бариери со кои се соочуваат лицата со попреченост при користењето на дигитални платформи? Можете ли да наведете конкретни примери за од секојдневието?
– Дигиталната инклузија е област во која нашата држава е далеку од европските стандарди. Немаме официјална статистика, но можам да кажам дека ниедна владина или општинска интернет страница, која е промовирана како пристапна за лица со попречености, а поготово оние што се користат за давање на услуги за граѓаните, се во незадоволителната категорија, од минимално до средно пристапни.
Да речеме дека на лице кое е со оштетен слух или вид потребно му е пристапување на порталот uslugi.gov.mk. Лицето со оштетен вид, наместо да користи апликација-читач на македонски јазик, овозможена од државата и постојано надоградувана, користи туѓи дигитални читачи, а функционалностите го збунуваат. Лицето со оштетен слух пак, и да поседува дигитални вештини, сепак се одлучува да отиде физички и да користи помош за комуницирање со службите преку толкувач на знаковен јазик. Во обата случаи повеќе е корисно да појдат и да завршат обврска директно во институциите. Ова ниту е инклузивност, ниту е добро за нивната независност, ниту е почитување на нивните потреби и права.
Дали лицата со попреченост можат рамноправно да учествуваат на социјалните мрежи? Што би промениле на платформите како „Фејсбук“, „Инстаграм“ итн. за да бидат подостапни и инклузивни?
– Генерално, социјалните мрежи се тие кои би требало да се предводници и промотори на дигиталната инклузија, но тоа не е така. На пример „Фејсбук“ и „Инстаграм“ се од истата платформа. „Фејсбук е средно кон високо пристапна, а „Инстаграм“ е ниско пристапна. Тука, дополнителна и значајна улога имаат владите на земјите каде овие социјални мрежи се користат и треба да бидат под надзор. Едноставно, платформите и оперативните системи се тие кои пружаат пристапност на мобилните уреди или пак при употреба на компјутер. За жал, македонската кирилица и дигиталните алатки како аудио-во-текст го одбегнуваат македонскиот јазик. За ова пак, државата не води грижа, ниту доволно го поттикнува овој процес, за подобар, пофункционален, побезбеден и поедноставен дигитален простор. Од друга страна, бизнис секторот само делумно одговара на потребите на овие лица. Ќе се послужам со примерот во банкарскиот сектор, каде само од неодамна имаме пристапни банкомати и филијали со физички пристап.
Темата е комплексна и бара соработка на јавниот и со бизнис секторот, па и централните со локалните власти, за локални адаптирања, во физичкиот, но и во дигиталниот свет.
Клучот лежи и во директно вклучување на лицата кои се најзасегнати, слушање на нивните потреби. Во нашата земја го имаме Кристијан Лазарев. Тој е лице со оштетен вид и експерт за дигитална пристапност. Неговите мислења и мислењата од познавачите треба да се слушаат од институциите, пред сè, Министерството за дигитална трансформација. Далеку сме од Естонија или САД, но доколку сме посветени, зошто да не тежнееме да станеме позитивен пример во регионот.
Колку државните веб-страници и е-услуги се прилагодени за лицата со попреченост? Имате ли пример од ситуација кога некоја витална информација или услуга не сте можеле да ја добиете поради непристапност онлајн?
– Во рамки на нашето истражување „Проектирање на дигитални алатки за услуги и сервиси за лица од ранливи категории и лица со попречености во Општина Кисела Вода“, на прашањето, „дали лицата со попреченост имаат еднаков пристап до дигитални алатки?“, дури 91,5% се изјасниле негативно. Овој податок говори многу.
Непристапноста е прифатениот стандард од страна на институциите, но и бизнис секторот во Македонија. Тоа е пред сè заради тоа што при изработка на нови интернет страни или адаптации на постоечките, се слушаат совети од компаниите кои ги изработуваат интернет страните, кои немаат високо-квалификувани експерти во дигитална пристапност.
Се сретнуваме со случаи каде при прилагодување на една интернет страница, тоа се прави со помош на додатоци (plugin), кои не само што не одговараат потполно на потребите. Напротив, уште повеќе им ја оневозможуваат функционалноста за едно лице со дислексија, оштетен вид, слух, интелектуална попреченост.
Дали постојните закони и прописи (на пример, Конвенцијата на ОН, националните закони) доволно ги штитат дигиталните права на лицата со попреченост? Што би издвоиле како најитна правна или системска промена кај нас?
– Во рамки на советодавните тела во институциите задолжени за спроведување на дигитална трансформација, најголем удел има Кристијан, кој е лидер во нудењето услуги за унапредување на пристапноста во дигиталниот простор.
Некои забелешки се прифатени, но има и дел што не се прифатени или спроведливи поради комплексноста и немањето финансиски средства. Институциите некогаш тој трошок го оправдуваат преку тие дополнителни инсталирани, но нефункционални алатки, прикачени на структурата на интернет страната. Тие не направени по индивидуална мерка и потреба за истата, што повеќе ја комплицира отколку што ја упростува нејзината употреба.
Попознатите популарно ally стандарди за пристапност или Законот за онлајн пристапност на ЕУ (Web Accessibility Act, 2016, ЕУ), не се тие кои се единствените одлучувачки и најбитни фактори за да ја надминеме дигиталната дискриминација на лицата со попречености.
Во моментов во Собранието е поднесен Законот за дигитална пристапност на веб-страниците и мобилните апликации во јавниот сектор, кој би требало да направи придвижување во оваа област.
Но, проблемот е во волјата на надлежните лица од надлежните институции да ги спроведат законските и подзаконските одредби и обрски на дело долгорочно. Дигиталниот свет е динамичен. Имплементирањето мора да го следиме ревносно. Така ќе можеме понатаму да се адаптираме, како што тоа е случај во земјите од ЕУ.
Можете ли да споделите позитивен пример или успешна приказна на дигитална инклузија, било од странство или од нашата земја? Што научивме од тој пример?
– Посакувам да имаме позитивен пример за пристапна интернет страна на институциите, каде лицата со посебни потреби во дигиталниот свет самостојно и непречено ќе завршат некоја постапка. Но, дигитална апликација или интернет страна со пристапност од средно-високо ниво кај нас не постои. Во високо-развиените држави предничат Швајцарија, Франција, Германија, но огромни промени воведуваат, а во одредени области во пристапноста и се лидери – Полска и Шпанија.
Ние како „Икуалити“ веќе од оваа година работиме на создавање на пристапна интернет страна и форум за лица со попречености и се надевам дека наредната година говорејќи за позитивен пример ќе ја истакнеме интернет страната на нашето здружение.
Пристапност во дигиталниот свет значи подобар квалитет на живот. Така поттикнуваме самостојност и независност кај корисниците. За жал, на дигиталната пристапност сè уште е третирана несериозно од страна на институциите. „Поднаправените“ официјални интернет страни на институциите неоправдано се користат како успешни примери, кои ги посочуваат токму институционалните претставници и надлежните лица. Токму тие треба да го предводат тој процес, а не да го заобиколуваат со „е-трикови“.

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.
- Објавена програмата за 44. Скопски џез фестивал
- Поетска ноќ во Велестово обединува поети од шест земји
- Дигитална инклузија или дигитална дискриминација? Кога пристапноста е само збор, а не реалност
- Кому му е гајле за реалноста? – МакеДокс носи 75 документарци и македонски премиери
- Дигитално насилство врз новинарките: Зошто жените плаќаат повисока цена во медиумите?