Добро ли е времето за риболов?
ЛИЦЕ В ЛИЦЕ ЧИТАЛНИЦА
Ноќта на 9 ноември 1938 година, трупите на Хитлер ги опустошиле домовите на Евреите во Германија, а излозите на околу 7500 дуќани биле искршени и улиците биле покриени со стакло. Оттука и името „Кристална ноќ“ или „Ноќ на скршено стакло“. Биле опустошени 1668 синагоги, а 267 биле запалени. Повеќе од 30.000 Евреи биле уапсени и однесени во концентрациските логори „Дахау“, „Бухенвалд“ и „Захсенхаузен“. „Кристалната ноќ“ како и многу дела сведочат за холокаустот на Евреите низ целиот свет, а меѓу нив е и книгата „Изброј ги ѕвездите“ на Лоис Лаури во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Приказната е вистинска и раскажува за 10-годишната Анемари, мало еврејско девојче од Данска во времето на холокаустот, и е само една трогателна приказна која за среќа завршува позитивно за разлика од онаа на 1.500.000 деца кои го загубиле животот во текот на Втората светска војна.
„Мора да смислиме што ќе правиме“, рече тато. „Сега се сомневаат. Да бидам искрен, кога воопшто дојдоа овде – а се надевав дека нема – мислев дека само ќе погледнат наоколу, ќе видат дека немаме место за да скриеме некого и ќе заминат.“
„Жалам што имам црна коса“, промрмори Елен. „Ги наведе да се сомневаат.“
Мама бргу посегна и ја фати Елен за рака. „Имаш прекрасна коса, Елен, исто како мајка ти“, рече таа. „Немој никогаш да жалиш за тоа. Немавме ли среќа што тато мислеше толку брзо и ги најде сликите? И немавме ли среќа што Лисе имаше црна коса кога беше бебе? Подоцна стана руса, кога имаше околу две години.“
„Во меѓувреме“, додаде тато, „беше ќелава некој период!“ И Елен и Анемари се насмевнаа колебливо. За момент стравот им се ублажи.
Анемари одеднаш сфати дека вечерва беше првиот пат мама и тато да зборуваат за Лисе. Првпат во три години.
Надвор небото почна да се осветлува. Госпоѓа Јохансен отиде во кујната и почна да прави чај.
„Никогаш не сум била будна олку рано“, рече Анемари. „Јас и Елен, веројатно, ќе заспиеме на училиште денеска!“ Тато ја протри брадата за момент додека размислуваше. „Мислам дека не смееме да ризикуваме да те пратиме на училиште денеска“, рече тој. „Можно е да ги бараат еврејските деца по училиштата.“
„Да не одиме на училиште?“ зачудено праша Елен. „Родителите отсекогаш ми зборувале дека образованието е најважно. Што и да се случи, мора да се образувам.“
„Ова ќе биде само одмор, Елен. Засега твојата безбедност е најважна. Сигурен сум дека твоите родители ќе се согласат. Инге?“ Тато ја викна мама во кујната и таа дојде на вратата со шолја чај во раката и прашален поглед на лицето.
„Да?“
„Мораме да ги одведеме девојчињата кај Хенрик. Паметиш што ни кажа Петер. Мислам дека денеска е денот да одиме кај брат ти.“
Госпоѓа Јохансен кимна. „Мислам дека имаш право. Но, јас ќе ги однесам. Ти мораш да останеш тука.“
„Да останам тука и да те оставам да одиш сама? Секако дека не. Не би те пратил на опасно патување сама.“
Мама стави една дланка врз раката на тато. „Ќе биде побезбедно ако одам само јас со девојчињата. Помали се шансите да се посомневаат во жена со деца. Но, ако нè набљудуваат – ако нè видат како заминуваме сите? Ако се свесни дека станот е празен, дека не одиш во канцеларијата утрово? Тогаш ќе знаат. Тогаш ќе биде опасно. Не ми е страв да одам сама.“
Мама многу ретко не се согласуваше со тато. Анемари му го набљудуваше лицето и знаеше дека се мачи со одлуката. Најпосле кимна со колебање.
„Ќе спакувам некои работи“, рече мама. „Колку е часот?“
Тато погледна во рачниот часовник. „Речиси пет“.
„Хенрик сè уште ќе биде таму. Тргнува околу пет. Зошто не му се јавиш?“
Тато отиде до телефонот. Елен изгледаше збунета. „Кој е Хенрик? Каде оди во пет наутро?“ праша таа.
Анемари се насмеа. „Тој ми е вујко – братот на мајка ми. И рибар е. Тие заминуваат многу рано, сите рибари, секое утро – чамците тргнуваат на изгрејсонце.
„Ах, Елен“, продолжи таа. „Многу ќе ти се допадне таму. Тоа е местото каде што живееја баба ми и дедо ми и каде што пораснале мама и вујко Хенрик. Толку е убаво – веднаш до водата. Можеш да стоиш на работ од ливадата и да гледаш преку водата кон Шведска!“
Таа слушаше додека тато зборуваше по телефон со вујко Хенрик и му кажуваше дека мама и децата ќе дојдат во посета. Елен отиде во бањата и ја затвори вратата; мама сè уште беше во кујната. Само Анемари слушаше.
Разговорот беше многу загадочен.
„Значи, Хенрик, добро ли е времето за риболов?“ весело праша тато, и слушаше кратко.
Потоа продолжи, „Денеска ти ја праќам Инге со децата и ќе ти донесе кутија цигари.“
„Да, само една“, рече по еден момент. Анемари не можеше да ги чуе зборовите на вујко Хенрик. „Но, има многу цигари достапни сега во Копенхаген, ако знаеш каде да побараш“, продолжи тој, „па ќе ти дојдат и други, сигурен сум.“
Но, тоа не беше вистина. Анемари беше мошне сигурна дека не беше вистина. Цигарите беа единственото нешто што му недостигаше на тато, како што на мама ù недостигаше кафе. Често се жалеше – баш вчера се пожали – дека немало цигари во продавниците. Мажите во неговата канцеларија, рече со гримаса, пушеле речиси сè: понекогаш сушен плевел замотан во хартија и мирисот бил ужасен.
Зошто тато зборуваше на тој начин, речиси како да зборуваше со шифри? Што му носеше мама, всушност, на вујко Хенрик?
Тогаш се сети. Елен. *
Патувањето со воз кон север по должината на данскиот брег беше прекрасно. Можеа одново и одново да го видат морето од прозорците. Анемари често одеше на ова патување за да ги посети баба и дедо кога беа живи, и подоцна, откако починаа, за да го види веселиот, исончан, неженет вујко, кого многу го сакаше.
Но, патувањето беше ново за Елен, која седеше со лицето притиснато врз прозорецот и ги гледаше убавите домови на морскиот брег, малите земјоделски куќи и села.
„Види!“ извика Анемари и покажа кон спротивната страна. „Тоа е Клампенборг, Еленскиот парк! Ах, да можеме да застанеме овде, само на кратко!“
Мама одмавна со главата. „Не денеска“, рече таа. Возот, навистина, застана на малата станица Клампенборг, но никој од патниците не се симна. „Си била ли некогаш, Елен?“ праша мама, но Елен рече дека не била.
„Е па, еден ден ќе одиш. Еден ден ќе шеташ низ паркот и ќе видиш стотици елени, питоми и слободни.“
Кирсти сe изви на колена и ѕирна низ прозорецот. „Не гледам ниеден елен!“ се пожали. „Таму се, сигурна сум!“ ù рече мама. „Се кријат меѓу дрвјата.“
Возот пак тргна. Вратата на крајот од нивниот вагон се отвори и се појавија двајца германски војници. Анемари се стегна. Не и овде, во возот? Беа насекаде.
Војниците прошетаа заедно низ вагонот, ги погледнуваа патниците, застануваа понекаде за да постават прашање. Еден од нив имаше нешто заглавено меѓу забите; мрдаше со јазикот и го кривеше лицето. Анемари посматраше со еден вид исплашен восхит додека двојката се доближуваше.
Еден од војниците погледна надолу со израз на здодевност. „Каде одиш?“ праша тој.
„Гилелаје“, одговори мама смирено. „Брат ми живее таму. Ќе го посетиме.“
Војникот се сврте и Анемари се отпушти. Потоа, без предупредување, пак се врати. „Го посетувате ли брат ти за Нова година?“ праша одеднаш.
Мама се загледа во него со збунет израз. „Нова година?“ праша таа. „Октомври е.“
„И погоди што!“ наеднаш извика Кирсти, гласно гледајќи во војникот.
На Анемари срцето ù отиде во петиците и погледна во мајка си. Мајчините очи беа исплашени. „Шшш, Кирсти“, рече мама. „Не туку дрдори.“
Но, Кирсти не ù обрнуваше внимание на мама, како и обично. Гледаше радосно во војникот и Анемари знаеше што ќе рече следно: ова е нашата другарка Елен, и нејзе ù е Нова година!
Но, не го кажа тоа. Место тоа, Кирсти покажа кон нозете. „Ќе го посетам вујко ми Хенрик“, зацрцори таа, „и ги носам моите најнови сјајни црни чевли!“
Војникот се закикоти и продолжи понатаму.
Анемари пак се загледа низ прозорецот. Дрвјата, Балтичко Море, облачното октомвриско небо минуваа заматени како што продолжија кон север по брегот.
„Помирисај го воздухот“, рече мама кога се симнаа од возот и се упатија накај тесната улица, „зар не е прекрасно и свежо? Секогаш ми враќа спомени.“
Воздухот беше свеж и студеникав и го носеше остриот, но не и непријатен мирис на сол и на риба. Високо, наспроти бледите облаци, се вивнуваа галеби и пискаа како да тажат.
Мама погледна во рачниот часовник. „Се прашувам дали е вратен Хенрик. Но, не е важно. Куќата е секогаш отклучена. Ајде, девојки, ќе пешачиме. Не е далеку, малку повеќе од три километри. И убав е денот. Ќе одиме по патеката низ шумата место по патот. Малку е подолго, но многу е пријатно.“
„Не ти беше ли преубав замокот кога поминувавме низ Хелсингер, Елен?“ праша Кирсти. Таа цело време зборуваше за замокот Кронборг откако го видоа од возот, распослан покрај морето, масивен и древен. „Посакував да застаневме да го посетиме замокот. Таму живеат кралеви. И кралици.“
Анемари воздивна, изнервирана од помалата сестра. „Не живеат“, рече таа. „Живееле во старо време. Но, сега нема ниеден крал. Данска, секако, има само еден крал. А тој живее во Копенхаген.“
Но, Кирсти си потскокнуваше со високи чекори по тротоарот. „Кралеви и кралици“, пееше радосно. „Кралеви и кралици.“
Мама ги поткрена рамената и се насмевна. „Остави ја да сонува, Анемари. Јас го правев истото кога бев на нејзини години.“
Таа сврти и ги поведе по една мала, змијулеста уличка кон периферијата на селото. „Работите не се баш сменети откако бев девојче“, рече таа. „Тетка ми Гите живееше онаму, во онаа куќа“, покажа таа со прст, „и мртва е со години. Но, куќата е иста. Отсекогаш имала прекрасно цвеќе во градината.“ Ѕирна преку нискиот камен ѕид и погледна во неколкуте расцутени грмушки додека поминуваа покрај куќата. „Можеби уште ги има, но е погрешно време од годината – останале само неколку хризантеми.“
„А гледате, ене онаму?“ Пак покажа со прстот. „Мојата најдобра другарка – се викаше Хелена – живееше во онаа куќа. Некогаш преспивав кај неа. Но, таа почесто доаѓаше кај мене дома, за викенд. Беше позабавно да се биде на село.“
„Но, брат ми Хенрик секогаш нè задеваше“, продолжи со кикот. „Ни кажуваше приказни за духови и нè преплашуваше.“
Тротоарот заврши и мама сврти на една земјена патека порабена со дрвја. „Кога одев секое утро во градот на училиште“, рече таа, „моето куче ме следеше до тука. На крајот од патеката свртуваше и се враќаше дома. Веројатно беше селско куче и не го сакаше градот.“
„И знаете што?“ додаде со насмевка. „Го нареков Трофаст – Верен. И беше баш вистинското име за него, зашто беше толку верно куче! Секое попладне, секогаш беше токму овде и ме чекаше да се вратам. Некако го знаеше точното време. Понекогаш, кога вртам на овој свијок, дури и денес, чувствувам дека би можела да наидам на Трофаст, како чека мирно и мавта со опашката.“
Но, денеска патеката беше празна. Немаше луѓе. Немаше верни кучиња. Мама ја премести торбата од едната во другата рака, и продолжија да одат низ шумата додека патеката не излезе на една ливада исполнета со крави. Тука патеката се движеше по работ на полето, покрај една ограда, а зад него можеа да го видат сивото море, разбранувано од ветрот. Ветрецот ја движеше високата трева.
На крајот од пасиштето повторно влегоа во шумата и Анемари знаеше дека набргу ќе стигнат. Куќата на вујко Хенрик беше на една чистинка зад оваа шума.
„Ќе ти пречи ли ако трчам напред?“ одеднаш праша. „Сакам прва да ја видам куќата!“
„Оди“, ù рече мама. „Трчај напред и кажи ù на куќата дека сме дошле дома.“ Тогаш ја стави раката околу рамената на Елен и додаде: „Кажи дека сме донеле другарка.
(Извадок од книгата „Изброј ги ѕвездите“ на Лоис Лаури, издание на „Арс ламина“. Преводот е на Владимир Стојановски, а делото може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“)