ГМП – Пат кон зависност и сива економија, наместо излез од сиромаштија?
Преку реформата на социјалната заштита и воведувањето на Гарантираната минимална помош (ГМП), државата, во 2019 година, најави дека ќе создаде систем кој ќе ги поддржи сиромашните, но и ќе ги активира, ќе им помогне да се вклучат на пазарот на трудот и да излезат од кругот на сиромаштијата. Шест години подоцна се тапка во место. Се прават напори, преку социјални програми овие сограѓани да застанат на свои нозе и да се вработат, но засега без значајни резултати. Нашите соговорници се едногласни дека се неопходни законски измени за Гарантираната минимална помош да стигне во вистински раце и да не ги држи во „заробеништво“ корисниците, туку да им го отвори патот кон формалниот пазар на труд

Ова е животната прикaзна на едно од 34.312-те семејства во Македонија, моментални корисници на Гарантирана минимална помош (ГМП). Средствата кои ги добиваат од државата, се далеку од потребните за да врзат крај со крај, но од друга страна пак, не можат да го замислат животот без нив. Клучниот момент околу кој се кршат копјата -доколку се вработат, корисниците веднаш ќе ја изгубат и паричната помош, но и останатите привилегии кои следуваат со неа. Оваа мат позиција доведува до кршење на правилата, па голем број од овие граѓани работат на црно, за да можат да го дополнат семејниот буџет.
Чувам стара жена во Центар, ми плаќаат за тоа и така се снаоѓаме. Сопругот работи исто, одржување тревници на куќи и џамии -вели една од нашите соговорнички, корисничка на ГМП.
Иако изгледа како сосема нормална човечка борба за живот, сепак е класично изигрување на системот. Затоа, познавачите советуваат дека се потребни нови правила, односно, изменето законско решение, кое од една страна ќе им овозможи пристоен живот на оние на кои социјалната помош навистина им е неопходна, а од друга, ќе ги спречи злоупотребите.

Всушност тоа и беше идејата. Државата, преку реформата на социјалната заштита и воведувањето на ГМП во 2019 година, најави дека ќе создаде систем кој ќе ги поддржи сиромашните, но и ќе ги активира, ќе им помогне да се вклучат на пазарот на трудот и да излезат од сиромаштија.
Шест години подоцна ситуацијата не е променета. Се прават напори, преку социјални програми овие сограѓани да застанат на свои нозе и да се вработат, но засега без значајни резултати.
Затоа и по толку години нема одговор на прашањата: дали социјалната помош навистина им помага на луѓето да станат економски независни, или ги држи заробени во систем кој ги демотивира да работат? Што всушност треба да се промени за реформата да стане двигател на вистинска активација, а не на социјална зависност?
Нашите соговорници се едногласни дека она што е суштинско е јасно да се направи разлика. Таму каде што социјалната помош е навистина потребна, да се даде, особено за оние кои се неработоспособни. Но, таму каде што примателите се работоспособни, да се создадат реални можности, поддршка и стимулации за нивна активација и вклучување во економијата.

ЗОШТО ИЗБОРОТ Е СОЦИЈАЛНА ПОМОШ И РАБОТА НА ЦРНО, НАМЕСТО ФОРМАЛНО ВРАБОТУВАЊЕ?
Статистиката покажува дека државата сè повеќе се соочува со недостиг на работна сила. Во моментов, според евиденцијата на Агенцијата за вработување (АВРМ) има вкупно 9.893 отворени работни места. Додека компаниите алармираат дека нема доволно работници, податоците од АВРМ покажуваат дека повеќе од 91.000 лица се евидентирани како активни баратели на работа. Ваквата слика говори дека сепак е возможно голем дел од корисниците на ГМП да бидат вклучени на пазарот на труд. Во оваа насока оди и фактот што поголем дел од овие граѓани се работоспособни.

Според прашалникот кој го спроведе „Лице в лице“, на кој што одговорија 50 корисници на ГМП, речиси сите се работоспособни. Приближно една третина од тие што решија да го споделат своето искуство се на возраст меѓу 30 и 39 години, а уште една третина припаѓаат на групата на млади лица (20–29 години), што укажува на висока застапеност на работоспособната популација во рана и средна зрелост. Тие над 50 години се помалку застапени (12%). Но, сите практично се дел од работоспособната популација.
Во однос на образованието, половина од нив (50%) имаат средно образование, 38% имаат основно образование, а 10% имаат високо образование. Само 2% се без образование. Сепак, според одговорите на прашалникот, една третина изразуваат страв од губење на социјалната помош, што ја ограничува нивната подготвеност да прифатат формална работа. Ниските плати и трошоците за превоз, како и грижа за семејството, ја прават работата економски неисплатлива за многумина.
Во оваа насока одат и искуствата на социјалните ментори на „Паблик“, кои работат со овие луѓе и се обидуваат да ги охрабрат да направат чекори да излезат од „сигурната зона“.
Социјалната менторка Снежана Новаковска од Тетово вели дека има корисници кои навистина имаат реални причини, посебно од психолошко-социјален карактер, кои ги следат со години наназад, поради кои не успеале да се пронајдат на пазарот на трудот. Но, за жал, вели дека има и такви кои ја злоупотребуваат мерката и мислат дека ја надмудриле државата.
Кога ќе навлезете подлабоко во разговор со поголемиот број од лицата ќе заклучите дека овие парични средства им се како една добивка на лото. Со нив си ги плаќаат сметките, а поголемиот дел работат на црно и остваруваат добивка која не се прикажува во системот, бидејќи се платени на рака и средствата не се евидентираат за да тие може да бидат откриени и избришани од приматели на ГМП- вели менторката Новаковска.
Клик на фотографијата до целосното интервју со социјалната менторка на „Паблик“,
Марија Цветаноска Трпески.
Според директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Тетово, Магдалена Веселиноска, поголем дел од корисниците, околу 80% се работоспособни.
За жал, не покажуваат интерес да се вработат и се фокусираат да ја задржат помошта – вели Веселиноска.
Социјалната менторка Бојана Постолова од Кочани, пак, на прашањето дали ГМП овозможува комфорна зона за корисниците, вели дека тоа е премногу блага формулација.

Истакнува дека од поголемата листа на корисници со кои работи, засега само двајца имаат вистинска желба да се вработат.
– Двајца млади корисници поднесоа проект за самовработување и тоа сериозен, со изработен бизнис план, и сега се на листа на чекање. Се надевам дека и системот ќе ја препознае нивната желба да застанат на свои нозе. Останатите се незаинтересирани за работа. Или, имаат барање платата да не им биде пониска од 30.000 денари. Сè е во ред, но голем дел од нив се со основно или неосоодветно образование, а на пример јас, со два факултети, ја земам платата која тие ја очекуваат – посочува Постолова.
Таа споделува дека дел од корисниците од нејзината листа, работат во странство, бидејќи кога се обидела да стапи во контакт со нив, добила одговор дека се на привремена работа надвор од државата. Сепак овие луѓе и понатаму се во системот и секој месец добиваат социјална помош од државата.
Социјалните ментори посочуваат и дека една од причините зошто корисниците толку цврсто се „држат“ за оваа помош е и тоа што, освен паричните средства, добиваат уште неколку социјални „привилегии“ – образовен детски посебен додаток, субвенционирање на сметките за домаќинството, заштита од извршители. Последново значи дека корисник на ГМП не може да биде даден на извршител за наплата на долгови.
РЕОРГАНИЗАЦИЈА НА СИСТЕМОТ И ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ
Нашите соговорници велат дека се неопходни законски измени за да може, ГМП да стигне во вистински раце и да не ги држи во „заробеништво“ корисниците, туку да им го отвори патот кон пазарот на трудот.

Социјалната менторка Новаковска посочува дека на социјалниот систем му е потребна целосна реорганизација, не само на работа на терен, туку и законска интервенција.
Колку повеќе разговарам со корисници, толку повеќе излегува на површина тој психолошки момент на зависност од редовно примање на минимални средства. И кога на нивната несигурност ќе ја додадете неефективноста на системот (недоволна реализација на програми за нивно вработување, со период на адаптација на работно место, па потоа укинување на паричните средства од ГМП правото), тогаш го имаме овој резултат – децидна е Новаковска.
Таа додава дека пред сè, мора да се смени Законот за социјална заштита.
Потребно е и да се стават построги критериуми за остварување на правото, но и награда за оние кои ќе успееме да ги изменторираме и да ги извлечеме од користењето на овие средства. Мора да ставиме акцент на младите од тие семејства. Нив треба, преку посебни програми да ги извлечеме од менталниот концепт кој им го наметнува начинот на живеење на родителите – вели Новаковска.
Менторката смета дека суштински промени зависат и од меѓуинституционалната соработка, за која, вели дека, за жал, е на многу ниско ниво. Според неа, клучна е соработката на релација општина – Агенцијата за вработување – Центри за социјални работи и надлежните министерства.
Обуките за активација на невработените се одлична можност луѓето да се прекфалификуваат и да се вработаат. Прашањето е дали тие обуки ѝ служат на намената. Во текот на трите месеци, колку што обично и траат обуките, учесниците на свое конто од државата имаат средства кои се уште една капка плус од системот во домашниот буџет, за кој тие не мора да работат – вели Новаковска.
Таа додава дека вистинското решение го гледа во формирање на Агенција за мониторинг и евалуација на социјалните права и услуги, која ќе биде специјализирана за контрола и евалуација на секое право и услуга која ја користат граѓаните.
НЕОПХОДНИ СЕ КОНТРОЛИ
Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот го спроведува Агенцијата за вработување, каде што акцент е ставен и на ранливите категории граѓани. Овој план се креира во соработка со Министерството за економија и труд.
Но, кога прашавме во Агенцијата, колку корисници на ГМП биле вработени во изминатите три години, добивме одговор дека тие како институција не водат евиденција за вработување на корисниците на ГМП.
Директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Тетово, Веселиноска, појаснува дека согласно важечкото законско решение, еднаш годишно треба да се врши преиспитување и проверка во систем и во домот на корисникот на ГМП. А доколку два пати одбие работа, правото престанува.
– Но оваа информација ние треба да ја добиеме од Агенцијата за вработување, за да можеме воопшто да реагираме – вели Веселиноска.

Неплатените сметки чекаат, додека луѓето живеат во циклус што не ги ослободува од финансиската тежина
И според социјалната менторка Постолова од Кочани, контролите не се прават редовно. Вели дека има повеќе причини, бидејќи дел од корисниците немаат постојани живеалишта, често се селат, ги менуваат телефонските броеви… Појаснува и дека имало и непријатни моменти: кога вработените во Центрите за социјална работа и Агенциите за вработување, при обидите за контрола, стравувале за својата безбедност.
Социјалната менторка Новаковска коментира дека, со оглед на огромниот број корисници, очигледно е дека контроли нема.
За системот да биде пофункционален, важна е строгата проверка пред да ги вклучиме тие лица во правото на ГМП. Ако ставите некого да користи државни средства, тогаш е многу тешко да го исклучите. Од разговорите со водителите на случај имало примери кога им се нудела работа. Одбиле и биле тргнати од правото. Но, по 12 месеци, наоѓаат начин повторно да се вратат во системот – вели социјалната менторка.
ЈОВАНОВИЌ: ДРЖАВАТА НЕ ГО НУДИ СООДВЕТНИОТ МОДЕЛ!
Економскиот истражувач, д-р Бранимир Јовановиќ, кој учествувал во социјалната реформа за ГМП, вели дека е неопходна измена, бидејќи државата не може да очекува едно четиричлено семејство да живее со 13.000 денари месечно.
Моделот што го има Македонија во моментов, во принцип не е лош. Суштината на ГМП е државата да утврди колку треба да биде минималиот месечен приход на едно домаќинство, и да му ги надополнува приходите на тоа домаќинство, доколку се тие под тоа минимално ниво. Оттаму и називот Гарантирана минимална помош – државата гарантира дека никој нема да има помалку средства од она што е потребно за достоен живот – објаснува Јовановиќ.
Сепак, како што појаснува тој, првичната идеја не била реализирана во целост, односно моделот се вовел парцијално.
Планот беше мерката, по некое време, да се отвори за сите луѓе што имаат приход под гарантираното ниво (вклучувајќи ги и тие што работат), и тоа гарантирано ниво постепено да се зголемува. Ова за жал никогаш не се направи, помеѓу останатото и затоа што владата по 2019 година, и по смената на Драган Тевдовски од позицијата на Министер за финансии, целосно потпадна во рацете на бизнисмените. Имаше и објективни фактори, пандемијата, која бараше многу пари за справување со неа- вели нашиот соговорник.
Тој коментира и дека ГМП е замка, затоа што износот е пренизок и не ги вади луѓето од сиромаштија, туку ги држи цврсто заковани во неа.
– Она што треба да се смени, е да се предвиди дека социјалната помош нема целосно да се губи откако некој ќе почне да работи, туку постепено ќе се намалува, во зависност од примањата. Ова го има во Србија, а и Косово сега воведува таков модел, па ако можат тие, зошто да не и ние? – дециден е Јовановиќ.

ПОТТИКНУВАЊЕ НА „КРЕАТИВНО“ ОДНЕСУВАЊЕ НАДВОР ОД ЗАКОНСКИТЕ МЕРКИ
Активистот за човекови права Суад Мисини сугерира дека треба да се дизајнира нов социјален модел. Вели дека сегашниот е бесмислен, ограничувачки и ги поттикнува луѓето на „креативно“ однесување, кое е надвор од законските мерки. Истакнува и дека недостасува анализа на компетентни институции за досегашните ефекти на постојачкиот модел.
Доколку би се изработила независна и стручна анализа, таа секако би содржела траги или назнаки за тоа каков модел всушност ни треба во ова општество- заклучува тој.
По многубројните забелешки дека се неопходни законски измени и од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека се прави ревизија на актуелното законско решение.
– Во тек е ревизија на Законот за социјална заштита, како и детална анализа на Законот за заштита на децата- ни изјави портпаролката Зорица Велкова.
И резултатите од нашиот прашалник за корисници на ГМП, укажуваат на потребата од системски промени. И меѓу нив речиси еднакво се поделени ставовите за тоа дали ГМП поттикнува активност на пазарот на труд. Податоците од таму укажуваат дека сегашниот дизајн на програмата не ја постигнува целосно својата активирачка функција, бидејќи кај мнозинството корисници, ГМП се доживува како неопходен извор на егзистенција, а не како поттик за излез од сиромаштија.

Според податокот од Министерството за социјална политика, демографија и за бројот на корисници на ГМП за изминатите три години се забележува дека има намалување на корисниците. Вкупната сума која се издвојува од државниот буџет пак, е приближно иста. Сепак, од министерството потенцираат дека бројот на корисници може да варира од месец во месец, па затоа ни споделуваат податоци, за кои велат дека е направена просечна вредност.

Висината на ГМП се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година. Основицата во 2025 година изнесува 5.445 денари- вели Велкова.

Таа додава и дека домаќинството кое користи ГМП остварува и паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството во текот на зимските месеци од октомври до март. За 2025 година овој паричен додаток изнесувал 1.362 денари.
Прочитајте ја оваа содржина и на албански јазик на овој линк.

Клик на фотографијата и прочитајте го искуството на социјалната менторка на „Паблик“, Ирена Туфекчиева.
Анализа и обработка на податоци: Александра Илоска
Фотографии: Ирина Крстевска
Уредување на визуелни елементи и видео: Натали Китаноска
- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот
