Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
Во објектот Чифте амам на 31 март 2026 година, деца од повеќе училишта во земјава ќе изложат свои дела – уникатни монотипии инспирирани од морскиот свет, под менторство на професори и студенти.
Со изложба на уникатни уметнички дела на деца од повеќе училишта, на 31 март 2026 година, во Националната галерија – објект Чифте амам, традиционално ќе се одбележи Меѓународниот ден на лицата со аутистичен спектар на нарушување. Изложбата е дел од инклузивен проект, во кој повеќе деца креираа графики во техника монотипија, создадени на работилниците што се одржаа во текот на овој месец.
Ликовната уметност игра клучна улога во развојот на децата, поттикнувајќи имагинација и креативно размислување. За лицата со попреченост, уметничкото изразување преку бои и цртежи е посебно значајно, бидејќи им овозможува невербална комуникација и интелектуален развој.
Темата на овогодинешните работилници беше морскиот свет – риби, морски ѕвезди, октоподи, желки и школки – а учесниците учеа графичка техника монотипија. За разлика од другите графички техники, каде може да се направат повеќе исти отпечатоци, кај монотипијата секој отпечаток е единствен. Резултатот со ваквиот начин на сликање е уникатна графика.
– Навлегувајќи длабоко во морските длабочини, тие навлегоа длабоко во себе. Длабоко во својот свет, свет многу поискрено и поубав од оној во реалноста – споделува едукаторката Маја Димитрова.

Во работилниците учествуваа ученици од ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Исмаил Ќемали“, ОУ „Имри Елези“, ДСУ „Свети Наум Охридски“, здружението „Инклудиверса“ и студенти од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, под менторство на проф. д-р Бурхан Ахмети. Едукаторката Димитрова нагласува дека, благодарение на нивната поддршка, децата брзо ги совладале основите на графиката и создале уникатни уметнички дела.
Изложбата ќе биде достапна за посетители до петти април 2026 година.
- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот