Лице в лице интервју

Интервју со Ѓорѓе Јовановиќ: „Не зборувам наместо нив, туку со нив“ – Уметност што ги прави невидливите видливи

Џоле Јовановиќ изложба Приказни од Маргините

Интерактивниа изложба на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ и седум македонски и регионални писателки и писатели, отвораат нов поглед кон маргинализираните заедници и нивните тивки, но моќни микропростори на живот.

Додека вниманието станува најдефицитарен ресурс (со кој, речиси сите тргуваат), а јавниот простор е преплавен со брзи, и честопати, површни содржини, уметноста останува, за мене, единствениот простор каде можеме да го слушнеме она што обично се потиснува.

Новата изложба „Приказни од маргините“ на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, поставена во Музејот на Град Скопје, го прави токму тоа. Ги претвора тивките, невидливи и често игнорирани гласови, во визуелни и интерактивни искуства. Преку инсталации кои зависат од присуството на посетителите, инспирирани и креирани врз основа на раскази од седум истакнати автор(к)и, изложбата отвора простор за поглед кон заедниците што живеат „на работ“. Не како сензација, туку како реалност која заслужува да биде видена.

Изложбата е истовремено визуелно искуство и општествен коментар. Ги извлекува невидливите приказни на светло, ги поставува директно пред публиката, преиспитувајќи го нашето колективно слепило.  Беше отворена минатата недела во Музејот на Град Скопје, а јавноста има можност да ја види до 2-ри декември.
Во продолжение, прочитајте го интервјуто со Јовановиќ, со кого разговараме за инспирацијата и за темата на изложбата.

Изложба на Ѓорѓе Јовановиќ „Приказни од маргините“ Фотографија: Жарко Трајаноски

Во оваа изложба, краткиот расказ станува мост меѓу центарот и маргината. Како се одвиваше процесот на претворање на туѓите (литературни) гласови во визуелна форма?

– Процесот започна пред година и половина со разговори со писателите. На сите одделно им го презентирав коцептот на изложбата  и делата, како и начинот на којшто тие треба да функционираат во форма на интерактивни инсталации. Пет од седумте раскази вклучени на оваа изложба беа специјално напишани за оваа прилика (расказите на Петар Андоновски, Николина Андова Шопова, Стефан Алијевиќ и Теа Тулиќ). Два раскази, оној на Георги Господинов и Румена Бужаровска, веќе беа напишани претходно а совршено се вклопуваа во генералниот концепт. Откако и на нив им го претставив концептот, им се допадна идејата и така сите заедно тргнавме во оваа креативна авантура. Расказите ми дадоа пристап до приказни кои во секојдневието најчесто не допираат до „центарот“.  

Моја цел  не беше да ги илустрирам буквално, туку да ги следам нивните нијанси, атмосфери и тивки точки. Визуелните дела произлегоа од тие микро­емоции, како продолжение на телото на текстот. На крајот, мојата улога беше да создадам простор каде расказот и сликата заедно градат нов, подвижен поглед кон маргината.

Каква одговорност чувствувате кога зборувате, односно кога Вашата уметност зборува во име на „невидливите“?

– Одговорноста е двојна. Прво, да не ги замолчам повторно оние што веќе се исклучени. Најважно ми беше да не ги претворам тие луѓе во „тема“ или симбол, туку да го задржам нивниот интегритет. Не зборувам наместо нив, туку се обидувам да создадам простор каде нивните гласови можат да се слушнат на начин кој во реалниот социјален простор често им е оневозможен. Тоа за мене е етичка позиција, а не само естетска. Не зборувам „во нивно име“, туку со нив, преку нивните гестови, простори и тишини.

Изложба на Ѓорѓе Јовановиќ „Приказни од маргините“ Фотографија: Жарко Трајаноски

Најавата за изложбата говори за интимен поглед кон маргинализирани заедници. Што беше најпредизвикувачко во претставувањето на тие простори, без да се западне во стереотипизација или „егзотизација“?

– Главниот предизвик беше да избегнам поглед одозгора. Маргината често се третира како егзотичен простор, а всушност е составена од секојдневни, кревки, навидум „обични“ моменти. Наместо да го истакнувам „другото“, се водев од малите гестови, човечките навики, и од невидливите напнатости што ги носат тие животи. Така, делото станува интимно, а не романтизирано. Работев со многу свесност за тој ризик. Наместо да ги нагласувам разликите, се обидував да ја доловам материјалноста на секојдневието: едно одење, еден гест, една микропросторна трагедија или радост.

Така, наместо „стереотип“, настанаа интимни топографии – мапи на грижи, заглавености, транзиции и тивки отпори.

Како влијаеше литературната чувствителност на седумте автори врз Вашиот визуелен јазик? Дали имаше глас што особено Ве насочи?

– Сензибилитетот на секој автор отвораше различен начин на гледање: една перспектива на неочекувана нежност, друга на политичка резигнација, трета на егзистенцијална кршливост. Таа полифонија беше најголемата инспирација…

Расказите ги откриваат тие „епистемолошки зони“ на маргината, како што кураторката Јованка Попова ги именува во  текстот, простори од кои може да се препишува историјата „од спротивниот крај“.

Не би издвоил еден автор; напротив, мојот визуелен јазик се обликуваше токму од меѓусебните триења меѓу нивните наративи. Она што најмногу ме водеше беше чувствителноста кон „меѓупросторите“ каде тие ликови живеат меѓу невидливост и преживување.

Изложба на Ѓорѓе Јовановиќ „Приказни од маргините“ Фотографија: Жарко Трајаноски

Во изложбата има интерактивни инсталации што се активираат со движењето на посетителот. Што значи таа вклученост на публиката?

– Таa вклученост не е само технолошки избор, интеракцијата е свесно вградена како етички гест. Сакав посетителот буквално да мора да се движи низ приказната за да ја види, да стане активен учесник, а не само набљудувач. Така се преместува и неговата позиција на гледање: „центарот“ мора да ги допре границите што инаку ги игнорира.

Интерактивниот и патриципативниот елемент е многу често присутен во делата што ги работам низ годините. За мене е особено битен предизвик публиката да биде активен учесник, а во некои случаи и коавтор на делата што ги креирам, без разлика дали тоа бил перформанс, интерактивна инсталација или пак партиципациско дело кое не може да постои без вклученоста на публиката.

Може ли уметноста да ја промени видливоста на тие заедници? Или, таа видливост останува само во културниот простор?

– Уметноста не може сама да го промени системот, но може да го промени погледот, мислата, ставот кон работите. Понекогаш, тоа е првиот чекор. Тоа што го прави уметноста е создавање симболичка видливост: простори каде гласовите што инаку се изгубени, конечно би можеле да бидат слушнати. Промените во реалниот свет се бавни, но почнуваат токму од тоа поместување во свеста. Како што вели и Јованка Попова во текстот за изложбата, маргините стануваат „политички генеративни места“, простори каде се пресоздаваат животи. Тоа значи дека уметноста не може сама да ја промени политиката, но може да го помести начинот на кој гледаме на политиката, на заедницата, на нееднаквоста.

Изложба на Ѓорѓе Јовановиќ „Приказни од маргините“ Фотографија: Жарко Трајаноски

Постојат ли приказни или моменти од работата што лично Ве потресоа или Ви го променија погледот?

– Да, најмногу ме потресоа микромоментите: бездомникот кој „никогаш нема да се појави во вечерните вести“, квир-осаменикот кој постои надвор од секој кадар, уметникот што преживува „во постојана транзиција“.

Тоа се мали, речиси неприметни моменти. Приказните за луѓе што живеат во постојана транзиција, за осамените, за невидливите, за оние што никогаш нема да се појават во ударните вести. Токму тие судбини ме натераа да ја преиспитам сопствената позиција. При визуелното преточување почувствував дека текстот, како што пишува Попова, „ме превртува“ и ме прави соучесник со тие судбини и животи.

Изложба на Ѓорѓе Јовановиќ „Приказни од маргините“ Фотографија: Озбек Ајваз

Велат дека денешната јавност слабо чита. Дали оваа изложба е и коментар на тоа?

– Да, но не како прекор. Напротив. Изложбата нуди друг вид читање. Тука расказите се читаат преку движење, присуство, анимација, преку поглед што се активира во просторот. Ако навистина не читаме како порано, можеби треба да најдеме нови форми на читање. Изложбата е токму тоа: мост меѓу текстот и визуелноста, кој го враќа вниманието на приказната, но преку доживувањето и искуството на посетителот. Изложбата всушност предлага нов начин на читање: читање со тело, со движење, со поглед, со присуство. Краткиот расказ станува подвижна слика, а сликата станува текст што се „чита“ со чекор, со допир, со ангажман.
Ако не читаме како порано, можеби е време да се отворат нови форми на читање.

Во процесот се покажа дека ова дело сака да го  претвора читањето во простор, во искуство, во релација меѓу центарот и маргината.

Фотографии: Жарко Трајаноски и Озбек Ајваз.

Напишете коментар