Актив арт, Актуелно, Доза вести

Кога читам размислувам, кога размислувам сакам да споделам: со „Nook Book“ го можам тоа

Време на читање: 2 минути

Размислував за место на кое одат луѓето кои сакаат да се со својата книга и мисли. Каде одат кога сакаат да разговараат за книгите? Кога веќе сè е дигитално и сè помалку се чита и разговара за тоа, дали некој се држи уште до добрите книги? Тогаш моја пријателка ми го претстави клубот „Nook book“. Се сретнавме со неговата основачка, Елена Василевска.
Интервјуто подолу ни објаснува како се бираат книгите кои ќе се читаат и ви откриваме како може да станете дел од нивниот клуб.

Што ве инспирираше да започнете читачки клуб?

Најмногу бев поттикната од личната потреба да споделам мислења за книгите кои ги читам со други книгољубци, и со тоа да направам место каде истомислениците ќе можат да се запознаат и дружат.

Како ги бирате/прифаќате новите членови? Ако јас сакам да бидам нова членка, како да го направам тоа?

Нема никаков процес на зачленување. Сите се добредојдени да учествуваат на која било дискусија! Доволно е да го следат профилот на Book Nook Community на Инстаграм каде се објавуваат сите најважни информации или пак да се претплатат на бесплатниот newsletter. За тие што сакаат дополнителна дружба може да се приклучат и на нашите групи на WhatsApp и Discord.

Кој го избира следното дело за читање?

Заедно го бираме следното дело за читање. Самите членови предложуваат што би сакале да се чита следно, на претходно зададена тема. Јас ја правам потесната селекција, и книгата со најмногу гласови е таа што ќе се чита следно.

Кој е најконтроверзниот избор што сте го направиле – и зошто?

Иако јас сметам дека не треба да е контроверзна, „Приказната за робинката“ од Маргарет Атвуд е забранета за читање во библиотеките и училиштата во САД. Со оглед на политичките промени кои ги забележуваме годиниве, не само во САД туку и во други држави, сметам дека оваа книга беше одличен (и симболичен) избор за месец март. Диксусијата која ја имавме за книгата беше една од моите поомилени до сега!

Што се слуша додека се чита?

Јас лично сакам да читам со инструментална музика во позадина. Најчесто бирам една од многуте плејлисти кои ги нуди Spotify. Композиторот Max Richter убедливо ја држи првата позиција.

Дали има книга што ја перципирате поинаку по разговор со групата?

Не би можела да одвојам само една, бидејќи секоја книга добива свој уникатен третман. Сите споделуваме мислења и идеи кои се надополнуваат едни со други. Така, заедно градиме нова перспектива на тоа што сме го читале. Јас секогаш повеќе ја ценам книгата откако ќе ја дискутираме.

Ова е иницијатива која нас нè инспирираше и сигурни сме дека има уште многу луѓе кои имаат вакви иницијативи.

Што би им порачале на оние кои имаат идеја, а немаат храброст да ја реализираат?

Не постои совршен момент, или совршени услови за да почнете нешто. Правењето грешки е дел од процесот. Грешки се неизбежни. Верувам дека доколку навистина верувате во вашата идеја, истата љубов и пасија ќе биде препознаена и од другите!

Напишете коментар