„Кога јагнињата ќе стивнат“ – македонска верзија
И ЏАГОРОТ ДЕТСКИ СТИВНУВА, ЗАБРЗАНО, НЕПОВРАТНО. ПОСЛЕДНИВЕ ДВЕ ГОДИНИ ДУРИ И ПРЕКУ ЛЕТОТО СЕ ЧИНИ ДЕКА НЕМА ДЕЦА. ВЕРОЈАТНО ЗГАСНАЛЕ ОГНИШТАТА ВО КУЌИТЕ ВО КОИ ГИ ПОМИНУВАА НАЈУБАВИТЕ МИГОВИ ОД ДЕТСТВОТО. НЕМА КОЈ ДА МЕСИ МАЗНИЦИ, ДА РАСКАЖУВА ПРИКАЗНИ
„Рајот постои и тој се наоѓа овде, во Слоештица, Македонија“, е пораката што реномираниот сликар и професор на ликовната академија од Братислава, Стано Бубан, му ја испрати на пријател во Словачка, летото 2012 година. И тоа е, без исклучок, дефиницијат
а со која се согласуваат низата уметници, кои веќе 17 години се дел од меѓународната резиденција на „Арт поинт – Гумно“. Тие доаѓаат, носејќи ги вкусот, боите и мирисите на своите земји, а заминуваат со сликите за Слоештица и за Македонија во себе, за потоа да ги изложат, да споделат со јавноста макар мал дел од рајот, кој го доживеале во живо и кој полека и неповратно исчезнува…
… Прво се случи нешто со звуците. Селото почна да станува сè потивко.
Први стивнаа прапорците. Последниот бел коњ замина некаде во маглите, како јавнат од самовила.
Пред две години, разочаран од измамите што секоја година му се случуваа при откупот на јагнињата, единствениот овчар во селото реши да го намали стадото, од 50 на пет. Само понекогаш ќе се слушнеше еден клопотарец, колку да потсети дека се тука, тие, последните спомени на едно време кога празник за ушите беше музиката од клопотарците на овците што одат или се враќаат од пасење и радосното блеење на јагнињата што знаат дека мајките им се враќаат дома, во котарот… И потоа, минатата година, сосема замре и тој, звукот на единствениот преостанат клопотарец. Не мораше да се распрашуваме за да констатираме дека Бале и Балеица сосема раскрстиле со овчарството. А се чини како да раскрстиле и со сите други, и со себе самите, затоа што веќе никој не ги гледа. Само слабата светилка од нивната трошна куќа, на ридот од спроти навестува дека таму сѐ уште живее некој.
Остана уште Мито, иако веќе снеможен, на свои 85 години сѐ уште да ги води говедата, како да има мисија во расчистување на густежот што се заканува наскоро да го покрие и селото. „Сите ме пизмат и караат по мене, штети имам големи напраено со стокава моја по нивјево и ограѓево, ама кога ќе ме нема мене, тогај ќе видат каков пустеж ќе стане во селово, сè ќе зарасне, во змијарник ќе се престори“, кажува тој при секоја наша средба.
И џагорот детски стивнува, забрзано, неповратно. Последниве две години дури и преку летото се чини дека нема деца. Веројатно згаснале огништата во куќите во кои ги поминуваа најубавите мигови од детството. Нема кој да меси мазници, да раскажува приказни…
Во селското училиште уште три столчиња се топли во училницата исполнета со спомени од претходните генерации. Една училница – неколку одделенија. И една учителка, а многу генерации првенци, писатели, научници, професори, доктори… Ама кому му е грижа за тоа, ќе му го најдат крајот и на училиштето и на учителката. Имаме барем експерти за наоѓање крај, најдобри во светот. Имаат различни хербициди за никако да не пркне пирејот наш, да не се прошири случајно.Еве, неодамна и советот од општината се согласил дека нема да гласа за вработување возачи за четирите новонабавени комбиња што требаше да кружат низ руралните населби. И тој, единствениот автобус што едвај се тркалаше по трошните патишта, го укинаа. Што ќе им е на тие, последните селани, превоз, нека си седат таму каде што се, нека се снаоѓаат или нека цркнат! Ете, има такви што со сопствени возила се организираат да стигнат до регионалниот пат каде што ги чека комбето од „Кромберт и Шуберт“, со нив нека се снаоѓаат…
Место на нивите, поголемиот дел од работоспособните ги облекоа виолетовите маички и заминаа да работат во Битола, за една од најголемите странски инвестиции во земјава. Велат, нашиве селани биле меѓу најдобрите работници таму, затоа што тие од градот не биле способни да издржат таква работа, простум со часови и по неколку смени, па веднаш бегале. Тоа што сѐ уште има побарувачка за гравот наводнуван со чиста планинска вода, компирите, медот, печурките, тутунот, секако, не е приоритет на владата. Поради таа странска инвестиција се затвори и единствената селска продавница во Слоештица. Сопствениците, релативно млада брачна двојка, која одамна има аплицирано и за наградна виза за САД, велат дека не е лесно во фабриката, ама со продавницата имале премногу давачки. А што си мислеа? Не е ова Швајцарија, па да има посебни аршини за луѓето од руралните средини. Замислете, таму, тие, жителите на руралните области имале статус на заштитен вид?! Имале посебни даночни олеснувања, па дури и струја и вода не плаќале?! Кај нас и водата од планинските реки им ја зедоа на луѓето и на животните со малите хидроцентрали и струјата им ја наплаќаат како во градот. Еве, неодамна се слушна дека имало наредба и водата да ја земат, да ја наплаќаат. Само за отпадот нема никаква наредба дојдена „од горе“.
… Во меѓувреме, стана редовен единствено звукот на камбаната, која во согласност со часовникот на селскиот питроп Кузе, клепа во сабота навечер, во недела наутро и за празници, и сè повеќе за умирачки и за помени.
А тие, последните селани, токму така како во романот на Петре М. Андреевски, мажи и жени, одделно седнати на двете спротивни страни од заклучената врата на селската кооперација, секое утро чекаат да ги слушнат сирените на комбето што го носи лебот. Сѐ уште…
(Авторката е претседателка на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт – Гумно“, од село Слоештица, Демир Хисар, www.artpoint-gumno.org.mk)