Лице в лице интервју, Лице в лице, Час по родови прашања

Кога женските гласови замолчуваат губиме вистини, храброст и демократија

Време на читање: 4 минути

Зошто прекршувањето на дигиталните права е закана за демократијата?
Разговараме со експертката по дигитални права Лилјана Пецова Илиеска, за тоа како дигиталното насилство ги замолчува жените во медиумите, влијае негативно на плурализмот, јавниот простор станува сиромашен и едноличен и губиме идеи и надеж за промена.

Авторка на текст: Бјанка Станковиќ
Авторка на фотографии и видео: Натали Китаноска

Критичките женски гласови во нашето општество, без разлика дали станува збор за оние на новинарките или активистките, често се мета на онлајн насилство, напади, закани, навреди, замолчување и дискредитација. Се наметнува прашањето: што губи демократијата кога тие гласови се под притисок да исчезнат од јавниот простор?

Во ова интервју со м-р Лилјана Пецова Илиеска, експертка по дигитални права и претседателка на здружението ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување, отвораме важни прашања за родово базираното дигитално насилство, сериозноста на doxxing (злокументирање, злоупотреба на лични податоци), заканите врз слободата на изразување и потребата од системски решенија за заштита на жените во медиумите. Пецова јасно укажува дека дигиталните напади не се само личен проблем, тие се длабоко политичко и демократско прашање.


Колку онлајн нападите претставуваат обид за замолчување на новинарките и во која мера се удар врз демократските процеси?

– Овие напади во голема мера се директен обид за замолчување на критичките женски гласови. Преку дискредитација и заплашување, се создава клима на страв и автоцензура, што директно го загрозува слободниот говор, го нарушува плурализмот и ја ослабнува демократијата. Со намалување на слободата на изразување, граѓаните губат пристап до важни информации и критичка анализа, што е директен удар врз демократските процеси. 

Онлајн нападите не се изолирани инциденти, тие се дел од поширока стратегија за заплашување, маргинализација и елиминација на критичките гласови од јавниот простор. Особено кога се насочени кон жени, овие напади имаат и родова димензија, при што се доведува во прашање нивната компетентност, моралност и легитимитет, само затоа што се жени. Замолчувањето на новинарки и активистки доведува до автоцензура, намалена медиумска слобода и ограничување на дебатата по прашања од јавен интерес.
На долг рок, ваквите трендови ја ослабуваат довербата во медиумите, го намалуваат граѓанското учество и ја подриваат демократијата, бидејќи јавноста останува без клучни информации, анализи и гласови на отпор и правда.


Што значи злоупотреба на лични податоци (doxxing) од безбедносен аспект за новинарките и активистките?

– Од безбедносен аспект, doxxing претставува сериозна закана. Ги изложува новинарките и активистките на ризик од физички напади, вознемирување и континуиран психолошки притисок. Објавените лични податоци (адреси, телефонски броеви, податоци за семејството) можат да бидат злоупотребени за заплашување и принудување на повлекување од јавната сцена.

Doxxing претставува сериозно нарушување на приватноста и директна закана по безбедноста. Кога се објавуваат адреси, телефонски броеви, информации за деца, роднини, па дури и рутини на движење – тоа отвора простор за физичко следење, вознемирување, а во некои случаи и реални напади. Психолошкото влијание врз жртвите е исто така значајно – тие често се чувствуваат постојано набљудувани, парализирани од страв, и принудени да се повлечат од јавниот живот. За новинарките и активистките, тоа значи компромитација на нивната работа, тишина наместо истрага, и изолација наместо јавен говор. Без соодветна заштита и институционален одговор, doxxing станува ефикасно оружје за загрозување на слободата на изразување.

Што губи општеството кога критичките женски гласови исчезнуваат од јавноста?

Губиме многу повеќе од поединечни гласови! Губиме перспективи, искуства, храброст и вистини што некој мора да ги каже. Кога жените замолчуваат, медиумскиот простор станува еднообразен, без балансиран приказ на реалноста. Теми како родово-базирано насилство, социјална неправда, злоупотреба на моќ и нееднаквост исчезнуваат од фокус. Со тоа, општеството не само што губи во квалитетот на демократскиот дискурс, туку и во можноста за промена. Женските гласови често носат нови решенија, повици за правда и социјални иновации. Без нив, реформите се површни, а системските неправди се одржуваат.
Општеството губи плурализам, квалитетна критика и перспективи кои се неопходни за демократски развој. Исчезнувањето на критичките женски гласови значи намалување на различноста во јавниот дискурс, ограничен јавен простор и слабеење на свеста за родова рамноправност и човекови права, што доведува до осиромашување на демократската култура.

Какви системски решенија би препорачале за долгорочна заштита на дигиталните права на жените во медиумите?

На долг рок, потребна е национална стратегија за дигитални права со родова перспектива. Треба да се формираат специјализирани тела за следење, анализа и отчетност во случаите на дигитално насилство, со вклучување на граѓанскиот сектор и женските организации. Во образовниот систем мора да се вметне дигитална етика и заштита на човековите права онлајн. Судството мора да добие алатки и знаење за процесирање на овие случаи. Системот треба да функционира на принцип на „неказнивост нема“. Тоа пак, бара политичка волја, ресурси, и активна вклученост на медиумите, институциите и граѓаните. Новинарките треба да бидат сигурни дека имаат право да зборуваат и дека државата стои зад нив.

За долгорочна заштита потребни се системски решенија, меѓу кои: Хармонизација на законодавството за да ги адресира специфично дигиталните закани; Формирање специјализирани институционални единици и сервиси за жртвите на дигитално насилство; Континуирана обука и тренинзи за надлежните органи; Изградба на партнерства помеѓу институции, медиуми и граѓански организации за ефективна превенција и реагирање; Регионална соработка за размена на искуства и добри практики; Вклучување на дигиталната безбедност како задолжителна тема во образованието и континуирано подигање на свеста на сите нивоа на општество.

Illustration: Freepik

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

Напишете коментар