Интерактивни приказни, Лице в лице, Лице в лице тема

Да останам или да заминам?

Време на читање: 12 минути

Истражувањата на Фондацијата за демократија, Вестминистер, покажуваат дека 62 отсто од младите би ја напуштиле земјава ако им се укаже можност. Кај нив е евидентно огромно незадоволство што се занемарени и зависни од одлуките што се донесуваат во нивно име. Не затоа што така сакаат, туку затоа што државата нема волја да ги вклучи во општествените процеси. Кај голем дел од младите присутна е апатија, немотивираност, недостиг од поттик што често се заокружува со неискористување на нивниот потенцијал од што штетите се повеќекратни

Текст: Маја Васева Трајкова

Фотографии: Ирина Крстевска

Во земјава живеат вкупно 351.218 млади лица на возраст од 15 до 30 години, или 20 отсто од вкупната популација, покажува последниот попис. Според истражувањата на Фондацијата за демократија на Вестминистер, објавени 2024 година, 62 отсто од нив би ја напуштиле земјава ако им се укаже можност. Според 73 отсто, тие никогаш не биле вклучени или консултирани од локалните или националните власти при донесувањето одлуки. Прашање е колку од нив ќе останат да живеат во земјава до следниот попис.

Следното многу важно прашање е како живеат. Лина, 22-годишна девојка што ги завршува своите студии по психологија, вели дека младите, како категорија, се занемарени и зависни од одлуките што се донесуваат во нивно име. Не затоа што така сакаат, туку затоа што државата нема волја да ги вклучи во општествените процеси.

-Сум учествувала доброволно во невладини организации, отсекогаш сум била активна и сум сакала да бидам вклучена. Сметам дека има многу неправди поврзани со младите кај нас и многу проблеми. Младите треба да имаат можност за бесплатни услуги од секаков карактер, како што се формално или неформално образование. Но никогаш не сум била вклучена при донесувањето одлуки во институциите. Мислам дека општинските совети и Собранието се недоволно отворени за младите. Можеш да присуствуваш на седници, но тоа не е доволно. Се губи поентата на вклученоста ако е само на платформи на невладини организации наменети за млади

Лина, 22-годишна девојка

На прашањето како се чувствувала кога била дел од групното организирање, таа вели – убаво и возбудено.

– Се чувствував многу убаво, како да придонесувам. Сите се таму дојдени доброволно, не е обврска. Кога правиш нешто од желба и самата атмосфера е поубава, а луѓето порасположени. Има многу млади што сакаат да волонтираат како мене и сакаат да го кажат своето мислење, но се обесхрабруваат. На државните факултети нивниот глас не се слуша, и да го кажат тоа што го мислат, на пример дека се незадоволни од професор, ништо нема да се промени. Затоа се попасивни – објаснува таа.

Лина вели дека не се гледа тука во иднина.

-Колку и да звучи себично, сепак, не. Можеби на нас младите останува да ја обновиме државата, но и таа гледна точка е себична. Не сме ние тие што ја довеле до овде. Би останала тука само ако почне да се почитува вложениот труд. Ако државата се заложи за  тие што завршуваат со 10,00 просек. Кај нас не функционираат основни работи. Образовниот систем е катастрофа, исто и јавниот превоз. Врсничкото насилство не се сфаќа сериозно, дури и се поттикнува од професори. Потребна е промена на системот, од повеќе аспекти – појаснува таа. 

Секојдневието на средношколците

Како изгледа животот на еден млад човек? Половина и повеќе од денот го поминуваат пред компјутер. Игри и пребарување на социјални мрежи. На прашањето: „Што правите и што би сакале да правите, а немате услови во државава“, некои од нив ги креваат рамената. За момент може да се почувствува безидејност и анемичност, кои, на долги патеки, може да им ги нагризат соништата. 

Во средните училишта „Марија Кири-Склодовска“ и „Владо Тасевски“, кои се наоѓаат во Аеродром едно спроти друго, одат ученици со мешовито етничко потекло. На големи одмори и меѓу часовите се групираат одвоено, но нивното секојдневие е исто. И едните и другите се препуштени сами на себе. Во недостиг на посеопфатна стратегија за искористување на нивните потенцијали, некои од нив времето го поминуваат во обложувалници, коцкарници и во меѓуврсничко насилство, кое неретко избива во форма на вербални навреди.

-Во слободно време шетаме, се дружиме, се тепаме – вели еден од нив.. 

-Зошто се тепате – прашувам.

-Па за да им покажеме на другите каде им е местото – вели тој.

Нивната енергија може да го реконструира општеството, но е насочена во погрешни цели. Меѓу нив неретко циркулира алкохолот и дрогата.

-è може да се најде, се зема и кокаин, а најчесто марихуана и амфетамини бидејќи се поевтини

вели едно момче, кое е трета година

На прашањето со што би сакале да се занимаваат, тие молчат и гледаат во земја.

-Со тоа што носи многу пари – вели еден од нив.

-Добро, и тоа е битно. Но што би сакал да работиш, што те влече? – го прашувам.

-Ќе работам што било, само ако е добро платено – ми одговара.

Добив чувство  дека се чувствуваат изгубено, дека се немотивирани, немаат поттик. Ми споделија дека не чувствуваат дека се разбрани и дека сакаат да бидат почитувани, но возрасните, како што велат, не ги сфаќале сериозно, па ни тие самите не се сфаќаат сериозно. 


Проследете ги одговорите во камера од неколку млади лица од Општина Струмица и слушнете ги нивните ставови и интереси.


Игри, пиво и брзи кредити

Антонио С. е 30-годишен скопјанец, кој неодамна почна да работи како СНС оператор. Зад себе има работно искуство во градежништво и во угостителство, но на привремени работни места, во кои не се пронаоѓал. Почнува да се осамостојува со последното работно место, а до неодамна се потпирал на брзи кредити и на финансиската помош од неговата мајка и членови на семејството.

-Се снаоѓав со брзи кредити и се заглавив со нив. Ми беа потребни четири месеци за да се одглавам. Половина плата од работа давав за раздолжување – вели тој.

Антонио е интелигентен и комуникативен. Деновите од сопствената младост најчесто ги поминувал пред компјутер. Страст му се игрите. Имал проблеми во училиштето и повторувал две години од своето средно образование, но се здобил со диплома за работа со електроника. Сепак, никогаш не работел во својата струка. 

-Последно се пријавив на општински оглас за комунална хигиена. Ќе прифатев да чистам улици бидејќи не можев да најдам ништо друго. Но, не ме побараа. Ми рекоа дека работното место е наменето за ранливи семејства, а јас не сум примател на социјална помош – додава.

Бранот иселувања не го повлекол и него. Вели дека повеќе му одговара работната етика во земјава.

-Лабаво е кај нас, одам на цигара кога сакам, пијам пиво кога сакам. На запад тоа не постои. Имаш пари на запад, но врзан си. Повеќе ми одговара неидеално општество затоа што сум Македонец и сакам да си се отпуштам на работа, па макар и за помала плата – посочува.

Политиката за него е валкана игра и вели дека никогаш не би се ангажирал партиски, иако е свесен дека е лесниот начин за наоѓање постабилна работа во земјава.

На прашањето што мисли за младите денеска како работна сила, Антонио вели дека бизнис-секторот не е секогаш правичен кон почетниците. 

Реално, половина од нив се мрзи или очекуваат плати по европски стандарди. Па, решаваат да не работат, туку да се гребат од родителите. Другата половина не се доволно мотивирани од работодавците. Секој почнува со минимална плата и сите газди се обидуваат да го извадат максимумот од тебе за малку пари, ако може и ти да им платиш. Пред сè е потребно почитување на работничките права

Антонио С. 30-годишен скопјанец

Обесхрабреноста на младите рапидно расте, живеат на туѓ трошок

Антонио до неодамна припаѓал на една четвртина од младите во Македонија, кои не се вработени и не се вклучени во обука или образование. Според последните податоци од 2021 година 94.000 млади не биле вработени или вклучени во образование / обука, речиси двојно повеќе од просечната стапка во ЕУ, покажува извештајот на Меѓународната канцеларија на трудот. 

Овие стапки се најголеми на периферијата на Македонија, особено во Североисточниот регион и Полошкиот регион. Позасегнати се жените, отколку мажите. 

Во 2021 година во Агенцијата за вработување биле пријавени само 12 отсто од сите млади што се невработени и не посетуваат образование / обука. Антонио едно време бил евидентиран во службите за вработување. Агенцијата му нашла работа како келнер во мало, штотуку отворено кафуле. Работата не траела долго, а ниту кафулето. Престанал да се евидентира затоа што сметал дека Агенцијата не може да му најде соодветно работно место.

Обесхрабреноста е сериозен проблем кај младите. Дури 16 отсто од невработените, или 15.200 млади, престанале да бараат работа. Оваа стапка се зголемила за 7,5 проценти во споредба со 2016 година, односно се удвоил бројот на обeсхрабрените. 

Психолозите посочуваат неколку причини за овој песимизам. Пред сѐ, ја посочуваат ограничената достапност на работни места, но и тоа што многу од достапните  места нудат ниски плати и неквалитетни работни услови. Културниот стереотип е трета причина. За младите е понижувачко да работат професија што не е во согласност со здобиеното образование, место да ја перципираат како отскочна штица.

-Образовниот систем во Македонија често не ги подготвува младите со потребните практични професионални вештини, а уште помалку со  животни вештини. Без овие искуства, тие се чувствуваат неподготвени за преземање иницијатива и се плашат, несигурни се да бараат работа или да се натпреваруваат на пазарот на трудот – посочува психолог Натка Пачоска, специјалист по медицинска психологија и директор на Психолошкиот центар „Алтернатива“. 

Како резултат на тоа многу млади се решаваат да мигрираат, што дополнително ги влошува состојбите на пазарот на трудот.

Извештајот на Меѓународната канцеларија на трудот покажува впечатливи бројки кај женската млада и невработена популација. Статистиките велат дека во внатрешноста на Македонија дури 20.000 млади лица не можат да работат бидејќи се грижат за деца или немоќни возрасни. Од овие 20.000 дури 97 отсто се од женски пол.

Голем број од младите, кои се или обесхрабрени или се грижат за друго лице, се приматели на социјална помош. Затоа тие редовно се пријавуваат во Агенцијата за вработување, како услов за добивање на паричниот надомест.

Сепак, основниот извор на финансии им е помошта од другите членови на семејството. Дури 74 отсто се потпираат на семејството. 

Лутаат немајќи кој да им го покаже патот

Коцкање, импулсивно однесување, алкохол, дрога, брзи кредити и цело време закачени на социјални мрежи. Ова се активностите на младите, кои ги оттргнуваат од нормалниот развој. Со психологот Пачоска разговаравме за причините за појавата на овие девијации.

Таа смета дека и покрај многубројните можности за поврзување, отуѓеноста останува главен проблем на младите. Во „Алтернатива“ тие најчесто доаѓаат поради анксиозни и депресивни состојби.

-Овие состојби се предизвикани од чувство на отфрленост од врсниците и неспособност за успешно приспособување во социјалната средина, како и од зголемена сензитивност и интензивна емоционална болка. Во обид да избегнат реалните проблеми, младите често се нурнуваат во виртуелниот свет, што води до уште поголема отуѓеност – објаснува таа.

Кога не можат да се соочат со емоционалната болка, дел од нив посегаат по самодеструкција: се самоповредуваат, имаат самоубиствени идеи и развиваат чувство дека нивниот живот е безвреден. 

Пачоска посочува дека родителите и образовните институции го изгубиле својот авторитет, иако треба да бидат главни во обликувањето на однесувањето и размислувањето на младите. Родителите, најчесто, не успеваат да најдат доволно време за своите деца бидејќи се во потрага по кариера и финансиска стабилност, додека училиштата останале без својата воспитна функција. Како резултат на тоа авторитет им се социјалните мрежи и трендовите што циркулираат на нив.

-Повлекувањето од традиционалните социјални врски и ориентирањето кон виртуелниот свет дополнително ја нарушува нивната способност за изградба на здрави меѓучовечки односи. Приоритетите на младите се популарност и број на следбеници на социјалните мрежи. Социјалното одобрување од врсниците станува поважно од долгорочните цели, како што се образование и личен развој, што ја нарушува нивната способност за поставување реални цели и рамнотежа меѓу краткорочните задоволства и долгорочните планови – посочува Пачоска. 

Според неа, за бесперспективноста придонесува недостигот од стабилни можности за работа, финансиската несигурност и одолженото детство, кое им ги скратува можностите да учат како да се соочуваат со сопствените проблеми.

Пачоска препорачува програми наменети за родители и наставници со цел создавање позитивни модели на однесување. Таа смета дека треба да се воспостави регулација на содржините од социјалните мрежи преку поттикнување млади креатори, кои ќе промовираат позитивни вредности, како и создавање можности преку иницијативи за вработување и поддршка на младите претприемачи.

-На овој начин на младите ќе им се овозможат стабилни начини за заработка, место да се насочуваат кон ризични активности. Сѐ со цел обезбедување здрави и продуктивни членови на општеството – подвлекува таа.

Имаме одговорност за градење подобра иднина

„Да се биде млад денес значи да се живее во време на брзи промени, големи можности, но и предизвици. Младите се соочуваат со прашања како квалитетно образование, можности за вработување и личен развој, но истовремено имаат пристап до модерни технологии, глобални мрежи и програми за размена. Ова време носи и поголема одговорност за градење подобра иднина, за себе, но и за општеството“

Ангела Витанова

Вина – и кај државата и кај родителите

Алексиј Тасиќ е средношколец, кој постигна значителни успеси на државните и меѓународни натпревари по математика, физика и хемија. Пред четири години, како 14-годишно момче, освои златен медал на Меѓународните ирански геометриски олимписки игри. Следните години продолжува да ниже успеси, па лани го собра сребрениот медал на Меѓународните математички олимписки игри во Јапонија. Денес, како матурант, Алексиј се издвојува не само како исклучително интелигентен, туку како мудро, вредно и љубопитно момче со многу можности за својата иднина.

За жал, луѓето како Алексиј се недоволно експонирани во Македонија, па нивниот успех не е пример што младите се навикнати да го следат.

Тој смета дека за да се сменат нештата во Македонија, пред сè, се потребни реформи во образованието, кои ќе ги стават во преден план интересите на младите. Потребно е, вели тој, да ги заинтересираме младите за напредок и развој. Проблемот со незаинтересираноста тој го лоцира во прекумерното користење социјални мрежи.

-Многумина денес бараат среќа на брз начин. Најчесто е собирањето информации што не ни требаат. Малку хумор, неколку видеа и готово—ни поминал денот. Утре нема да се сеќаваме на ништо од тоа што сме го виделе, па ќе бараме нови содржини за да помине времето. Треба да најдеш нешто што го сакаш и што би те водело кон самоподобрување – смета Алексиј. 

Во решавањето на проблемот, вели тој, треба да се вложи самата држава, но и родителите. И тој предлага работилници за родители за да се зголеми свеста за штетноста од прекумерно користење интернет и едукација за правилно родителство, кое се темели на време поминато заедно, поддршка и охрабрување. 

– Државните органи може да бидат погласни против реалната опасност од неумерената и несоодветна употреба на интернетот, кој го забавува развојот на децата. Младите треба да се пронајдат себеси во нешто и да се надградуваат. За да го направат ова, секако, подобро е да се има некои активности каде што може, на пример, да разговараат со професионалци од разни сфери и да видат што, навистина, сакаат да прават – посочува тој.

Според него, успех е да си среќен правејќи го тоа што го сакаш.

Еве една успешна приказна полна со крстосници која се надоврзува на тврдењето на Алексеј дека успех е да си среќен, правејќи го она што го сакаш.

Приказната е на Никол Клесова која споделува дека покрај тоа што е студент, таа за време на пандемијата учи дека секоја криза носи нова можност! Таа тогаш започнува да волонтира и активно да се вклучува во заедницата. Започнува со волонтирање во Центарот за истражување и анализи НОВУС, чекори кон практикант, проектен асистент, а подоцна и како проектен менаџер!

<—– Слушнете ја нејзината приказна!

Активноста на младите зависи од мотивацијата и поддршката

Алексиј вели дека само вистински заинтересираните имаат желба да го подобрат светот околу себе. Дали тоа значи дека со резигнирана младина, што е многубројна во земјава, не можеме да се надеваме на промени? 

Истражувањето на Вестминистер покажува дека само еден од тројца млади луѓе во земјава е задоволен со своето место во општеството. Притоа, задоволни се тие што се општествено активни. Тоа значи дека станува неопходност  да се менуваат работите. Но од каде да се почне?

Од Националниот младински совет на Македонија предлагаат неколку чекори. Тие бараат да се поттикнува култура на учество во општеството преку формалното и неформалното образование. Сметаат дека иницијативноста ќе се зголеми доколку се стимулира младинското учество во училниците, училиштата и факултетите. Но, клучно е, велат од таму, да се покаже сериозна политичка заложба на институциите за потребите на младите. Ова ќе се постигне само со спроведување на колку што е можно повеќе политика и мерки за младите да сфатат дека некој ги слуша и дава одговор на нивните потребите.

Важно е да се сфати дека инвестирањето во младите е профитабилно и дека целото општество има полза од тоа. Во спротивно, ризикуваме да ја изгубиме економската, социјална и културолошка стабилност. За да го реконструираме општеството, потребна е енергијата и еланот на младата популација, а, како што вели Алексиј, „активноста на младите зависи од мотивацијата, поддршката и можностите што им се нудат“.

Фијаско во спроведувањето на Законот за млади

Заложбите на државата да ја засили вклученоста на младите преку Законот за младинско учество и младинска политика, се чини останаа на хартија. Пет години по донесување на Законот, сите рокови беа пробиени, а целите ни оддалеку не се постигнати. 

-Ако направиме ретроспектива на остварените цели и исполнетите обврски не би можеле да констатираме дека Законот беше во најголема полза на младите – вели претседателот на НМСМ, Филип Ивковски.

Надзорот на НМСМ покажува дека националните форми на младинско учество сè уште не се формирани, локалните младински совети се ретко функционални, а од националната стратегија за млади речиси нема мерка што е спроведена.

-Ако се прашуваме зошто се вакви состојбите, неизбежен е заклучокот дека младите не се приоритет во нашата држава, колку тоа и да е општествено-политичка флоскула што ја слушаме често. Ова значи дека како општество потфрламе со тоа што нема политичка волја за младинските прашања и предизвици, нема доволно ресурси што се прераспределуваат за млади, недостига суштинско младинско учество, како и силен младински сектор.

Филип Ивковски, претседател на НМСМ

Според неговото мислење, потребно е, пред сѐ, институциите да ги вклучат младите во процесот на донесување одлуки.

-Мора да сфатиме дека младите се динамична категорија и дека која било одлука, мерка или политика што ги засега, а е донесена без нивно учество, најчесто на крајот се покажува како несоодветна. Квалитетна младинска политика не е таа што е донесена затоа што возрасните мислат дека тоа ни е потребно – посочува тој.

Не знаат да комуницираат

Стручњаците го идентификуваат и недостигот од меки вештини како главна пречки за вклучување на младите во општествениот живот. Станува збор за вештини како: комуникација, социјализација, тимска работа, способност за решавање проблеми во различни социјални и работни средини. Без овие способности, тие не можат правилно да се интегрираат во општеството. 

Психологот Натка Пачоска, една од причините за недостигот на меки вештини ја лоцира во одолженото детство. Дури и откако ќе навлезат длабоко во дваесеттите години, голем број од младите сѐ уште финансиски и емоционално зависни од своите родители. Ова ги лишува од потребното искуство и одговорност за сопствениот живот. 

-Младите не се принудени да работат или да придонесуваат за својата егзистенција, што може да доведе до чувство на безидејност, недостиг од мотивација и одложено влегување во следните фази на животниот развој. Без овие искуства, младите може да станат пасивни и неподготвени за преземање иницијатива, што дополнително ја намалува нивната способност за независно размислување и дејствување. Родителите треба да ги охрабруваат своите деца да преземаат одговорности и да развијат самостојност, место да продолжуваат со преголема заштитничка поддршка, која ја одолжува нивната зависност  – посочува таа. 

Напишете коментар