Летово Смилево беше европска лабораторија за алтернативна фотографија!

Манастирот „Св. Петар и Павле“ во Смилево кон крајот на јули се претвори во едно од најживописните собирања на уметници. Околу педесет фотографи, студенти по визуелни уметности и млади автор(к)и од цела Европа, заедно со волонтери од Македонија, Србија и Словенија, учествуваа на четвртото издание на фестивалот „Зрно“, платформа посветена на алтернативни и благородни историски фотографски процеси.
– Наместо класична школа, уметничка колонија или резиденција, „Зрно“ понуди простор за игра, експерименти и длабинско истражување на заборавените благородни фотографски техники. Се изработуваа цијанотипии, колодиумски плочи, гумени печати, лумен принтови, класични црно бели фотографии, хемиграми, фоџо-фотографии, мордансажи, креативни полароид техники – рачни изработки кои нудат тактилност, слобода во истражувањето и многу уживање – често со користење локални материјали, природна светлина и импровизирана опрема. „Зрно“ е повеќе од сето наведено, тоа е простор каде се сретнуваат и споделуваат различни културни и творечки светови, во божествена природа и автентично македонско опкружување – велат организаторите.

Се одржаа следниве седумдневни интензивни работилници под водство на:
Предраг Узелац (Нови Сад) – колодиумска фотографија;
Ивана Брезовац (Белград) – напредна црно-бела фотографија;
Мартина Павлоска (Милано) – креативна игра со Полароид;
Флориан Копр (Виена) – стратегии за развивање уметничка визија;
Вјеран Хрпка (Осијек) – Фоџо и хемиграм техники;
Дамијан Диаконеску (Темишвар) – гумоил и гум-бихромат принт;
Емилија Сандиќ (Белград) – експерименти со мордансаж;
Сашо Алушевски (Скопје) – цијанотипија и лумен принт.

Организаторите споделуваат и дека, врз избор на негативи од опусот на браќата Манаки, љубезно отстапени и скенирани од Архивот на Македонија – одделение Битола, беа користени и интерпретирани во некои историски техники, и им беше даден нов живот и современа интерпретација, како начин да се оддаде почит кон нивното дело. Овој сегмент беше дел од овогодинешната соработка на „Зрно“ со Архивот на Македонија.
– Како што фестивалот расте, Смилево сè повеќе се вградува на европската мапа како центар за експериментална фотографија и нови форми на визуелно образование – додаваат тие.
За пошироката јавност поинтересен дел од програмата се случи 19 јули во смилевската кооперација: изложбата на австрискиот автор Флориан Копр, поетска проекција на документарен филм, на сретсело под отворено небо во соработка со МакеДокс, и акустичен концерт на Филис Синаноска во селската кооперација – претворена во простор за мали културни чуда, собирање и поврзување, во соработка со НУ Смилевски Конгрес.
Покрај смилевци, на овој ден беа присутни и посетители од Битола, Прилеп и Демир Хисар.

„Зрно“ продолжува да ги брише границите меѓу фотографијата, уметноста, локалната заедница и природната средина – и од манастирскиот комплекс во Смилево, испрати силен сигнал дека новиот европски фотографски дух не се раѓа само во галериите, туку и таму каде што постои тишина, љубопитност и отворено небо.
– Со вистинска поддршка, „Зрно“ може да прерасне во сериозен заштитен знак на културата но и туризмот на Македонија – велат од фестивалот.
Во моментов, во рамките на манифестацијата Културен амалгам во соработка со КИЦ Скопје, „Зрно“ ја претставува работата на фото клуб Ирис од Темишвар, под палката Дамиан Диаконеску. Изложбата е поставена во Крива Паланка, а ќе патува и во Куманово и Скопје.
Фотографии: Калин Маџовски
- Летово Смилево беше европска лабораторија за алтернативна фотографија!
- Битола го слави Меѓународниот ден на младите со целодневни активности во Младинскиот Центар
- Отворен повик: Испратете го вашиот зборотвор и станете дел од првата „Зборотворба на годината“
- Не е нормално: Онлајн насилството не смее да биде дел од новинарската работа
- Не сум доволно слаб/а и не сум доволно дебел/а, всушност значат исто