Младите и политичкиот интегритет: онлајн галерија со уметност што поставува прашања за одговорноста
Делата од нашата изложба кои беа претставени во „Europe House“ – Струга, сега се достапни за пошироката јавност, како онлајн галерија која прикажува одговорност, транспарентност и активна граѓанска улога на младите креативци
Насловна фотографија: Лука Плушкоски
Кога младите зборуваат за политички интегритет, тоа не е апстрактна лекција по граѓанско образование, туку прашање за нивната иднина. Довербата во институциите, одлуките што влијаат врз животната средина, правдата и можностите за развој, „Лице в лице“ ги преиспитуваа низ креативен израз.
Со настанот „Осмели се, инспирирај, промени – политичкиот интегритет низ очите на младите“, што се одржа на 11 февруари 2026 година во „Europe House“ во Струга, Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ отвори простор каде уметноста станува алатка за јавен дијалог. Денес, сите дела од изложбата ги објавуваме онлајн – како архивa на младинскиот став, но и како потсетник дека политичкиот интегритет започнува со свесноста и храброста да се постави прашање.
За сите вас кои што не ја видовте изложбата во живо, ја поставуваме оваа онлајн галерија со сите селектирани дела од повикот.

„Јазол“
Андријана Весовска, Скопје
Корупцијата и непотизмот се заплеткани како црева. Патот надвор од овој лавиринт без почеток и крај, е на хоризонтот. Излезот бара храброст да се пресечат конците. Делото поттикнува да ја видиме ситуацијата од друга перспектива и да бараме акција.
„До кога вака?“
Андријана Весовска, Скопје
Раката на корупцијата се обвива околу нас како змија. До кога ќе трпиме, до кога ќе се гушиме?


„Преку глава ни е!“
Бисера Ќурчинска, Куманово
Сакаме да живееме, а не да преживуваме. Преку глава ни е од систем што ги фаворизира врските, пред знаењето и искреноста. Време е да се искажеме и да бараме почит, можности и правда.
„Разбуди сѐ“
Аника Цветановска, Скопје
Во град полн со убавина што мами и ветувања што лебдат на хоризонтот, еден лик гледа јасно. Делото е повик да ја тргнеме тивката покорност, да ги тргнеме розовите очила и да престанеме да веруваме во соништата што ни се продаваат како среќа.


„Дишеме изговори“
Климентина Соколовска, Македонска Каменица
Секојдневно „дишеме“ ветувања што исчезнуваат во воздухот: „немаме надлежност“, „се работи на тоа“, „таква е процедурата“… Овие изговори оставaт трага врз нашите животи. Но, сите сме на ист „брод“. Последиците од недостатокот на транспарентност и отчетност ги чувствуваме заеднички.
„И молкот е избор“
Ана Наумоска, Струга
Корупцијата ретко доаѓа со драматични сцени и очигледни злосторства. Почесто, таа седи мирно на маса, облечена во хартија, печат и со важен изглед. Обично не се препознава како кражба, или криминал, туку како одлука. Не се признава како неправда, туку се оправдува како исклучок. И токму затоа е опасна.


„Направи го вистинскиот потег“
Михаела Ѓоргиева, Пробиштип
До кога ќе зависиме од потезите на политичката моќ на „елитата“? Зошто некој „од горе“, да ни ја контролира „играта“? Во систем што често ја користи демократијата како привид, имаме доволно критичка свест и храброст за да го преиспитаме својот глас, својата улога и одговорност.

„Ова срце не чука. Ова срце сведочи.“
Дејвид Драгевски, Куманово
Кога гледаме низ призма на пари, а не на срце, добиваме систем, кој ја заменил човечноста со корупција. Дијагнозата си бара ампутација на заболеното ткиво и зараснување на раната со помош на правичност, транспарентност и храброст.
„Состојба на отпор“
Викторија Тодорова, Гевгелија
Дури и кога моќта изгледа поголема од стокатница, висока и недопирлива, обичните, морални луѓе се доволно силни да се борат против корупцијата. Делото поттикнува верба во сопствената сила и храброст да се спречи неправдата.


„Ти фали абер од главниот!“
Бојана Тошевска, Битола
Да го пуштиме посилно гласот на генерацијата која одбива да молчи, не прифаќа неправда како нормална состојба и не се помирува со институционална неодговорност. Младите секојдневно се соочуваат со систем што ги маргинализира и ги сведува на бројки. Делото не нуди утеха, туку инсистира на одговорност и повикува на отпор кон нормализацијата на корупцијата!
„Благодарност со цена“
Тамара Спасова, с.Истибања, Виница
Од детството нè учат: за да добиеме услуга, мораме да носиме украсно ќесе, подарок, знак на благодарност. Додека мислиме дека сме благодарни и одговорни, не гледаме дека само ја храниме системската неправда и поттикнуваме коруптивни практики кон некој што само ја врши својата работа, и е платен за тоа.

„Кој смее да ги крати соништата?“
Глориа Малинова, Штип
Стремеж нагоре, со можности вивнати кон бескрајот. Надеж и младешка амбиција.
Зар една вреќа пари смее да го скрати летот, да го запре растот и да ја ограничи слободата?


„Игри на моќта“
Ивона Јанчевска, Куманово
Кога моќта останува без одговорност, граѓаните стануваат фигури на шаховска табла. Ова дело ја прикажува лутината, стравот и беспомошноста на оние чии гласови се игнорирани. Истовремено, охрабрува и ни кажува дека сите имаме право да бараме правда.
„Не сум идиот“’
Илијана Ивановска Ivy, Прилеп
Медиумска бучава, микрофони и екрани што зборуваат наместо тебе… Во свет на пропаганда и искривена вистина, молкот ни е наметнат. Кога молчиме, го храниме системот кој не е скроен да го чуе твојот глас. Кога зборуваме и преземаме одговорност, започнува отпорот. Да го користиме својот глас како алатка за транспарентност и солидарност.


„Зад затворени врати“
Надица Митев, Радовиш
Многу млади имаат лично искуство со институционална неправда каде трудот и квалификациите им биле игнорирани, а предност е дадена на некој „со врски“. Преку симболиката на затворена врата, делото ја раскажува приказната на оние кои се исклучени, без право на објаснување и одговор. Делото дава повик да не молчиме, да се бориме за нашите права и да инсистираме на интегритет и транспарентност во институциите.
Прочитај повеќе за изложбата и настанот во Струга
Фотелјата е одговорност, не привилегија: млади од Струга испратија силни пораки против селективност и злоупотреба на моќ
Одговорете на прашалникот
Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства
Повеќе содржини на оваа тема
Лицевлице со интегритетот
