Моќна жена – подобар свет, и еднакви можности за сите
Изминатата година UN Women Скопје, во партнерство со „Паблик“, ја спроведе програмата за економско засилување на жените што преживеале насилство, социјално менторство, преку сеопфатен и темелен индивидуален пристап.
Инклузивноста на работното место е императив на новото време во кое вработените добиваат еднакви можности. Дополнителна вредност е кога инклузивноста е „добредојде“ и кон една потенцијална работна сила на која ѝ е потребно препознавање и отворени можности за економски да зајакне. И уште повеќе економски да придонесе. Во оваа сила се и жените кои преживеале насилство, на кои им е неопходно и економско зајакнување.
Преку бројни ставови и соговорници, сите аспекти околу оваа тема ги носи и најновото издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, посветено на родовата рамноправност. Бројот се фокусира на можностите на промена на животите на жените кои преживеале насилство, за нивниот влез на пазарот на трудот, преку процесот на социјалното менторство.
– Многу фактори се важни, но, пред сѐ, партнерски пристап, обединети организации, институции, бизнис, добро обучени социјални менторки и ментори (ментори/ки за работна интеграција) и силен систем за нивна поддршка. На претпријатијата им треба квалитетна работна сила, која меѓу овие жени постои. Особено ако се соодветно водени и насочени, ако им се најде вистинскиот начин за да се препознае и надгради нивниот капацитет и да се стави во служба на потребите на пазарот на трудот. Програмата за социјално менторство го овозможува тоа. Во лицата што долго остануваат невработени, често поради пречки на кои системот не обрнал внимание, се крие огромен човечки потенцијал. Значаен дел од нив се жени – вели Климентина Илијевски, главна уредничка на „Лице в лице“ и извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, организација која ја креираше иновативната програма социјално менторство.
Бројот е направен во рамки на проектот „Можности за економска реинтеграција преку социјално менторство за жени жртви на насилство“, што го спроведува „Паблик“, во партнерство со UN Women Скопје, преку Регионалната програма на UN Women „Спречување насилството врз жените и девојките во западен Балкан и Турција: Имплементирање на норми – промена на ставови“, која е финансирана од Европската Унија.
Од таму велат дека ако сакаме вистински прогрес на поле на родовата еднаквост, тогаш таа не смее да се третира само протоколарно, туку суштински и системски. Значењето на родовата еднаквост за едно општество и потребата за промена на свеста мора да бидат проткаени низ образованието, медиумите, културата. Да станат секојдневна тема и секојдневна практика.
– Децата мора од мали нозе да се воспитуваат во духот на почит и поддршка, место да им се наметнуваат родовите стереотипи и да се прави сегрегација на боите, играчките, улогите за машко, односно женско дете, како и очекувањата кога ќе пораснат, во зависност дали се работи за синот или за ќерката. Децата треба да бидат воспитувани во духот на еднаквоста, само така ќе израснат во индивидуи што ќе придонесат општеството да биде прогресивно и просперитетно- нагласува Весна Ивановиќ-Кастаред, Раководителката на канцеларијата на UN Women во Скопје.
Според официјалната статистика, 54 проценти од жените во нашата земја се економски неактивни. Економското насилство е една од најчестите форми на насилство врз жените и, обично, тоа е придружено со други видови семејно насилство. Жените што се во насилни врски најчесто се економски зависни од сторителот.
Во новиот број на „Лице в лице“, читателите ќе се сретнат и со теми за важноста од родовото одговорно буџетирање, за женската солидарност и активизам, за жената во стартап светот, за мултистејкхолдерскиот пристап во справувањето со семејното насилство, со предизвиците на жените во руралните средини… и уште многу други содржини. Една од нив е посветена и на женската сила во „Лице в лице“ – продавачките на списанието кои важат како продвижувачи на промени во своите заедници.
Насловната страница е дело на дизајнерката Руки Чуки, авторка и на едицијата „Добри картички“ на „Лице в лице“, кои имаат за цел да укажат на улогата, силата и моќта на жената во општеството.