Моралната паника и претставата на ЛГБТИ во медиумите
Претставата на ЛГБТИ во медиумите е како тие да се непријатели кои создаваат страв кај јавноста. Коалиција „Маргини“ работеше на истражување со кое посочи на причините зад оваа претстава, демистифицирајќи ги критичните точки, однесувањатa и ефектите на снежна топка која прераснува во лавина
Мања Величковска
Феноменот на моралната паника е предмет на истражување во многу области. Со книгата „Разбирајќи ги медиумите“ на Маршал Меклуан тој влегува во медиумската теорија, но, доведен во релација со општествените ефекти што ги создаваат медиумите, ја проширува својата дефиниција. Како социолошки концепт првпат се проучува во „Народни бабароги и морална паника“ на социологот Стенли Коен, каде се објаснува како процес во кој одредена „состојба, епизода, личност или група на луѓе“ добиваат статус на носители на закани за надразливите прашања, како на пример оние што ги засегаат: децата, родителите, семејните вредности и националниот идентитет. Во рамки на моралната паника тие се означуваат како непријатели кои создаваат страв кај јавноста, што потоа повикува на акција за нивно спречување.
Тогаш, во медиумите заземаат став одредени „прокламирани експерти“ што почнуваат да се перципираат како единствени „здраворазумни луѓе“ што, како што посочува Коен, изрекуваат дијагнози и решенија за спас од заканата.
Поради тоа јавноста реагира и власта прави општествена промена што повлекува стигматизација и насилство врз лицата што се гледаат како предизвикувачи на непосакуваните промени.
Создавање на закани преку искривени слики за Другоста
Во земјава, ваков случај на морална паника што се одвиваше според сите теориски „параметри“ се случи во првата половина на 2021 година. Повод за тоа беа промените на план на образование, што се поврзаа со родовиот идентитет и сексуалноста. Објавувањето на новата Концепција за основно образование oд 2020 година, предлагањето на Законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование од 2021 и воведувањето на изборниот предмет сеопфатно сексуално образование (ССО) беа првите настани што предизвикаа остри реакции кај јавноста. Дебатата уште повеќе ја разгори донесувањето на пресудата на Судот во Стразбур во корист на трансродов маж. Овој случај придонесе кон утврдување на недостатоците во постојниот Закон за матична евиденција и предложување на нов закон што ќе ја уреди постапката и условите за правно признавање на родот. Одржувањето на втората по ред Парада на гордоста во Скопје лани, беше крајното придвижување на моралната паника.
Причина за создавањето на моралната паника беше појавата и мобилизацијата на антиродовите движења во Северна Македонија, што создадоа искривени слики за оние чиешто постоење е за нив неприфатливо, што им се други и туѓи. Статус на непријатели добија ЛГБТИ луѓето, граѓанското општество и тогашната министерска за образование и наука Мила Царовска. Тие, иако беа групи од посебен интерес, неразделно се врзаа во дискурсот на антиродовите движења кај нас, а со тоа и во медиумите. Од самиот почеток, некои политичари ја искористија ситуацијата за политички пресметки и зајакнување на нивната конзервативна позиција пред партиските членства. Религиозните претставници повикуваа на осуда и покајување, а одредени професори се јавија како „умни гласови“ ширејќи лажни вести, злоупотребувајќи ја нивната општествена позиција. Групи на граѓани се мобилизираа на социјалните медиуми и во јавниот простор, организираа протести, создаваа притисок кај носителите на одлуки, попречуваа долгоочекувани законски измени и повикуваа на исклучување на ЛГБТИ луѓето и на нивно дополнително маргинализирање. Сите апелираа на одредена акција за сузбивање на заканата, користејќи ја нееднаквоста како основен принцип за воспоставување на контрола.
Всушност, како и секогаш во историјата, кршењето на човековите права и слободи во овие услови стана морално оправдано во очите на активираната јавност што повикаше на итно решение.
Улогата на медиумите во создавањето на моралната паника
Image by vectorjuice on Freepik
Медиумите имаа главна улога во создавањето на моралната паника, дури и кога само механички ги пренесуваа информациите. Текстовите од различни извори, надополнувајќи се, предизвикаа т.н. „спирала на преувеличување на девијантното“ и создадоа, како што вели Коен, „ефект на снежна топка која прерасна во лавина“. Тоа резултираше со „хајп“ што ја претстави ЛГБТИ заедницата како група чиешто постоење е ново, бидејќи на медиумите им одеше во прилог да го потенцираат она што Хол го нарекува „новитет на настанот“. Во овој контекст, беа присутни паралели со соседството и се проектираа заканувачки пророштва. Се воведе уверувањето дека заканата не произлегува оттука и дека таа кога-тогаш „наголемо“ ќе дојде и кај нас.
Моралната паника настапи заедно со добро познатиот ефект на помножување на фронтовите од каде заканата доаѓа. Авторите на текстовите наведуваа повеќе од една карактеристика на заканувачот што некогаш меѓусебно се исклучуваа. Тоа „наративно колебање“ е честа тактика за одвлекување на вниманието на читателите од вистинските хегемонии. На почекот заканата беше врзана исклучиво за ССО и децата, кои беа препознаени како немоќни учесници.
Тоа допре деликатен нерв во свеста на граѓаните, што ги отвори вратите за поширока дискусија. Децата се опишуваа како најлесни субјекти за манипулација коишто се веќе подложени на сексуални експерименти, од кои нема враќање назад.
Оттаму, заканата се „прошири“ врз родителите. Тие се претставија како немоќни субјекти што го имаат загубено авторитетот и бараат зајакната контрола што ќе им овозможи апсолутно владеење со децата, смалувајќи го значењето на образованието надвор од домот и игнорирајќи какво било насилство и вознемирување во округот на семејството.
Во овие наративи се воспостави идејата дека воспитувањето на децата во домот не треба да е во спротивност со содржините во училиштето, со цел да се наметне ставот дека родителите треба да им се даде можност да диктираат со правото на децата за пристап до безбедни и потребни информации.
Заканата лесно се пренесе врз неколку други полиња, како што се загрозувањето на традиционалните вредности, нацијата, културата и историјата. Тука, во нивна одбрана се јавија и политичари што ги искористија ЛГБТ луѓето како дискурзивно оружје за политички и партиски пресметки.
Создавање на антагонизам кон ЛГБТИ во јавноста
Поради сето ова, медиумските написи честопати ја гледаа ЛГБТИ заедницата како непријател уште во насловите. Одредени медиуми честопати непрофесионално ги пренесуваа и така ретките позитивни приказни на ЛГБТИ, злоупотребувајќи дел од искази за да ја врамат приказната како сензација. Така го зајакнаа нивниот статусот на предизвикувачи на закани.
Во многу случаи, тие се етикетираа како штетни и омразени само затоа што припаѓаат на помала група граѓани. Тука стана збор за борба меѓу „ние“ и „другите“, односно за создавање на, како што вели Шантал Муф, „позиција ‘ние’, која може да постои само преку демаркација на ‘тие’“.
ЛГБТИ заедницата беше прикажана како длабоко инфилтрирана во власта, изедначена со елитите и со политичарите (во кои обичниот човек нема доверба), што е типично популистичка техника за постулирање на ставот кој го посочува Маргарет Канован, дека „мислењето на мнозинството е контролирано од некое елитистичко малцинство“.
Во одредени текстови се правеше и компарирање на степенот на маргинализираност меѓу различните групи на луѓе, што предизвика зголемување на антагонизмот во јавноста кон ЛГБТИ. Тие се прикажаа како несензитивни провокатори што ги имаат стекнато сите права и бараат повеќе од останатите.
Во дел од прилозите се сретна јасно дефинирање на дозволената траекторија за движење на ЛГБТИ луѓето во рамки на нашето општество. Во овие наративи се правеше разликување меѓу: „нормалните“ и „добрите“ хомосексуалци, наспроти „ненормалните“ и „лошите“ хомосексуалци. Низ овие споредби се диктираа правила за „прифатливо однесување на непријателите“, што подразбираа нивно отстранување и невидливост во јавноста, образованието и историјата.
Меѓутоа, моралната паника резултираше и со повици за акција што содржеа конкретни дијагнози и решенија. Написите содржеа конкретни предлози за спречување на ССО и Парадите на гордоста.
Физичко насилство и зголемен говор на омраза на социјалните мрежи – последици од моралната паника
ССО се претстави како излишен предмет наспроти функционалноста на „старото добро и функционално општество“. Овде фокус се стави на новото што го нарушува старото, без да се воочат недостатоците на статус квото.
Парадата на гордоста, пак, се дијагностицираше како провокација и неприлика што привлекува непотребно внимание за да црпи туѓа енергија. Таа беше прикажана како тајно оружје за узурпација на јавниот простор и наметнување на ЛГБТИ во јавноста. Парадите се видоа како непотребни закани за бракот и семејството и примитивни драми без уметничка вредност. Поради тоа, решенијата предлагаа затворање и замолчување на ЛГБТИ во сферата на приватното и организирање на контрапротести, повторно постанувајќи дел од самата дијагноза што беше воспоставена.
Последиците од ширењето морална паника во нашата земја беа многубројни.
Прво на удар беше стопирањето на образовните реформи. Поради константните притисоци од јавноста, предложената Концепција за основно образование беше ставена на удар. Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали беше повлечен од Собранието, а МОН го одложи и донесувањето на новиот Предлог-закон за средно образование. Јавноста и понатаму остана недоволно сензибилизирана и образована за секојдневните предизвици со кои се соочуваат трансродовите луѓе. Моралната паника придонесе кон парцијално прикажување на проблемите на овие луѓе, а Предлог-законот за матична евиденција, кој требаше да им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот, се повлече од дневен ред во Собранието. Последно, по одржувањето на втората по ред Парада на гордоста, имаше инциденти на физичко насилство врз ЛГБТИ лица и зголемен говор на омраза на социјалните мрежи. Јавноста не успеа да ја разбере смислата на овој настан и потребата за негова реализација. Сè фатено во вителот на моралната паника, остави трајна дамка врз претставата на ЛГБТИ луѓето пред јавноста и го отежна нивниот општествен статус.
Ефектот на морална паника стави силни кочници на развојот на целокупното образование, кој и така доцнеше со децении. Смислата на одредени реформи и предметни содржини што содржат потенцијал да го придвижат образованието во насока на подобрување остана засекогаш врзана за еднаш пуштените невистини, за чиешто демантирање и оспорување ќе треба секојпат да вложуваме надчовечки енергија и време.
Авторката е дел од Коалиција „Маргини“.
Целосната студија на случај „Моралната паника и претставата на ЛГБТИ во медиумите“ е достапна електронски, во рамки на истражувањето „Сексуалните малцинства, родот и медиумите: Анализа на медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство“, во авторство на Ирена Цветковиќ, Мања Величковска и Елена Гаговска. Публикацијата е достапна на веб-страницата на Коалиција „Маргини“ Скопје.
Мања Величковска (р. 1995) е компаратистка, книжевна критичарка и истражувачка. Дипломирана е на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје и е на магистерски студии од областа на естетиката, на Катедрата за филозофија на истиот универзитет. Има работено во полето на издавачката дејност и на неколку домашни културни фестивали. Од 2018 година е активна членка на регионалната група на критичарки „Pobunjene čitateljke”, а од 2021 е потпретседателка на ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена. Од 2019 година работи во Коалиција МАРГИНИ.