Актуелно, Доза вести

Не можеме да влијаеме на сè што се случува во светот, но, можеме да контролираме што користиме во нашиот дом!

Време на читање: 9 минути

Опкружени сме со штетни хемикалии и не можеме да избегаме од тој факт. Ги има во нашите омилени миризливи свеќи, подготвителна и декоративна козметика, нашата омилена маичка и секако во повеќето средства за чистење, па дури и во оние кои се рекламираат како еко или природни производи. Не можеме да влијаеме на сè што се случува во светот, но можеме да контролираме што користиме во нашиот дом, нашата безбедна зона, во близина на нашето семејство, вели Данче Серафимова, претприемачка и креатор на програмата „Дом без токсини“

Адријана Георгиев

Данче Серафимовска е креатор на програмата за Low tox дом или Дом без токсини, која низ сопственото искуство започнува да трага по избалансирана средина и производи без токсични материи. Со неа зборувавме за тоа како хемикалиите и токсичните материи кои ги содржат производите кои ги конзумираме на најразлични начини влијаат на нашето здравје и на нашата благосостојба и како да се обидеме да живееме во еден малку поинаков свет.

Како започна твојот ангажман во делот на истражување и практикување на производи ослободени од штетни хемикалии и токсини?

Моето патување со помалку токсини  – low tox, започна кога станав мајка во 2020 година. Синот Ѓорѓи се роди со егзема. Кога почнавме со цврста храна, беше алергичен и на млеко и се соочив со предизвикот да го преиспитувам и читам составот на производите кои ги користиме дома. Тогаш поради алергијата почнав од исхраната. Ѓорѓи имаше на мени повеќе сирова исхрана, цедени сокови, повеќе зеленчук и овошје. Бидејќи го откривме рано на 6 месеци, не јадеше ништо од процесирана храна. За една година од тогаш алергијата помина. Одвреме навреме пробував огранизмот да се соочи со алергенот, а во меѓувреме го јакнев неговиот имунитет и здравјето на цревата се’ со цел да алергијата исчезне. 
Во врска со егземата почнав да ја истражувам детската козметика и сфатив дека амбалажата во име на маркетингот може да пишува се’, со цел да се продаде. Во овој бизнис не важат принципите за важноста на детската кожа, колку е таа тенка и колкав е процентот на апсорбција на состојките туку нивната цел е да се продава, што во нивни очи можеби е фер. Тука е нашата одговорност како потрошувачи да се информираме на што ќе ги дадеме нашите пари. 

Како настана природниот детергент за перење?

Втората бременост ме натера да преиспитам многу повеќе работи од само козметика за деца и сирова исхрана. Се доведе во прашање мојот начин на живот, какви производи јас користам, какви производи бирам да купам во домаќинството, за хигиена. Се’. Преиспитав се’ што имам во домот бидејќи чувствував вина и одговорност, дека загубата зависи од нашиот ендокрин систем.  Тогаш почнав да купувам суровини и да си изработувам сама производи. Така настана и мојот производ кој е во продажба, природен детергент за перење алишта, кој не содржи сулфати, парфеми и токсични состојки. Козметика за нега на лице, кожа почнав да си изработувам сама. Производите за чистење ги сведов на наједноставните состојки како сода бикарбона, алкохолен оцет, лимонтус, и универзално средство за чистење со чист состав. Го исчистив домот од токсични производи, го ослободив од вишокот и домот на некој начин почна да дише. Од тогаш наваму нашиот имунитет е одличен.



Колку според тебе хемикалиите и токсичните материи кои ги содржат производите кои ги конзумираме на најразлични начини влијаат на нашето здравје и на нашата благосостојба?

Живееме во време во кое секојдневно сме изложени на голем број реклами, што не’ тера импулсивно да купуваме работи кои не ни се потребни или кои се лоши за нас. Во нашиот дом внесуваме производи кои немаат посебна функција освен создавање пријатна атмосфера или убава декорација, но ги внесуваме и оние кои полека но сигурно му штетат на нашето здравје поради начинот на кој функционираат, дури и кога не ги користиме директно.

Опкружени сме со штетни хемикалии и не можеме да избегаме од тој факт. Ги има во нашите омилени миризливи свеќи, подготвителна и декоративна козметика, нашата омилена маичка и секако во повеќето средства за чистење, па дури и во оние кои се рекламираат како еко или природни производи. Не можеме да влијаеме на сè што се случува во светот, но, можеме да контролираме што користиме во нашиот дом, нашата безбедна зона, во близина на нашето семејство. Ако ги отвориме очите и ја набљудуваме околината, ќе заклучиме дека има сè повеќе луѓе и деца со проблеми со кожата како дерматитис, разни егземи и слично, оние со проблеми со респираторниот систем, како и жени со хормонални нарушувања, неможноста да се зачне со здрава бременост. Тоа е производ на животниот стил што го негуваме во оваа модернизирана доба, без да размислуваме за последиците и штетите што веќе се направени.



Што прават ендокрините пореметувачи во нашето тело?

Нашата кожа има одбранбена функција, но некои молекули се едноставно премногу мали и кожата ги пушта во нашето тело. Таквите молекули патуваат низ нашиот крвоток, имитираат хормони и го имитираат однесувањето на хормоните. Ендокрините жлезди ги лачат своите хормони во крвта, кои патуваат низ крвните садови до различни ткива и органи, но делуваат само на целното ткиво, односно она што има рецепторни молекули – рецептори за тој хормон. Ендокрините пореметувачи (хормони на животната средина, т.е. штетни хемикалии), сепак, го попречуваат процесот на нормално врзување на хормонот за целното место и неговото очекувано дејство со различни механизми. Така, тие можат да го имитираат дејството на „вистинскиот“ хормон (агонисти), а исто така можат да го блокираат врзувањето на „вистинскиот“ хормон за неговиот рецептор, така што саканиот ефект на хормонот е отсутен (антагонисти). Исто така, тие можат да предизвикаат промени во самиот рецептор, односно да влијаат на процесите на синтеза, транспорт или метаболизам на „вистинскиот“ хормон и на тој начин да доведат до прекумерна или премногу слаба хормонална стимулација“.

Како сето ова влијае на раниот пубертет кај девојчињата?

Денес е познато дека потеклото и развојот на одредени болести кај луѓето се поврзани или со хормонална стимулација или со хормонална инхибиција, како што е случајот со хормонски зависните форми на рак  на дојка, простата, јајници, ендометриум итн. Потоа синдром на полицистични јајници, машка и женска неплодност, крипторхизам (неспуштен тестис), хипоспадија (нарушување во развојот на машкиот генитоуринарен систем), предвремен пубертет, ендометриоза (многу болно нарушување кај кои ткива кои вообичаено ја обложуваат внатрешноста на матката почнуваат да растат надвор од матката), имунолошки нарушувања и нарушувања на функцијата на тироидната жлезда.

Затоа, правилно е што хипотезите, студиите и научните докази за причинско-последичната врска помеѓу изложеноста на ендокрини пореметувачи и зголемената инциденца на овие болести се повеќе се појавуваат во научната заедница.

Се дискутира за можниот ефект на естрогенот од храната од животинско потекло (млечни производи, месо) врз пораниот почеток на пубертетот кај девојчињата и врз плодноста кај мажите и жените. Постојат набљудувачки студии кои покажуваат дека девојчињата кои биле најмногу изложени на животински протеини, во споредба со групата на оние кои биле најмалку, влегуваат во пубертет седум месеци порано. Причината не е самото консумирање месо, туку употребата на хормони за раст и хранењето на добитокот со жито што е загадено со пестициди и хербициди. Секуларната промена во времето на почетокот на пубертетот и возраста на првата менструација се помести неколку години надолу во текот на 20-ти век. Познато е дека пораното појавување на првата менструација претставува ризик за некои хронични болести во зрелата возраст, како што се ракот на дојката и други видови на рак зависни од хормони.
Со сигурност е познато дека ефектот на ендокрините пореметувачи е најголем и најдалекусежен во одредени чувствителни периоди од животот како што се пренаталниот развој, детството и адолесценцијата, така што постои сомневање дека токсичноста е можна во овие периоди дури и при помали дози. а промените што се случуваат на таа возраст имаат тенденција да компензираат или се неповратни (непроменливи). Пестициди како што се ДДТ, полихлорирани бифенили, фталати (пластификатори), полифлуорирани соединенија во облогите на тави, контејнери за храна, парабени во козметиката и фармацевтските производи и многу други природни и вештачки хемиски соединенија често се споменуваат како ендокрини пореметувачи.
Познати се околу 80.000 хормонски или ендокрини пореметувачи. Тоа се хемикалии кои штом ќе влезат во телото, се врзуваат за местата (рецепторите) каде што нормално би се врзале нашите природни хормони и го имитираат нивното однесување. Таа способност го става нашето тело во состојба на конфузија бидејќи мисли дека има или премногу или премалку одреден хормон  – нашето тело функционира според принципот на пренесување и примање информации меѓу клетките. Резултатот е дисфункција на физиолошките процеси во телото.

Можеме ли некако да влијаеме?

Проблемот со денешниот свет и начинот на размислување во кој се наоѓаме како општество е што се фокусираме на блокирање на симптомите, наместо да го бараме коренот на проблемот. Не треба да се прашуваме „како да се намали овој и оној симптом“, туку „од каде овој симптом, што го создава, што го поттикнува?

Женските болести немаат единствена причина, туку неколку фактори предизвикуваат различни симптоми. Збир од овие симптоми помагаат да се утврди дијагнозата, односно името на болеста што ја има жената.

Има многу фактори на кои можеме да влијаеме. Можеме да избереме целосна и нерафинирана храна и на тој начин да го намалиме внесот на адитиви, вештачки вкусови и бои, да избереме поквалитетни производи за домаќинството, декоративна и препаративна козметика со цел да се намали изложеноста на штетните ефекти на хемикалиите, хормоналните пореметувачи и да се олесни телото на токсичен товар. Кога трудницата е опкружена со штетни хемикалии, таа не само што се изложува на нивните штетни ефекти, туку и нејзиното бебе кое во себе носи герминативни клетки кои подоцна ќе станат јајце клетки или сперматозоиди. Голем број здравствени проблеми кои се манифестираат во зрелоста потекнуваат од феталната возраст и оваа хипотеза се нарекува „фетално потекло на болеста“ или „фетално програмирање“. Хипотезата ја изнесе англискиот акушер Дејвид Баркер во 90-тите. Тој претпоставува дека промените во феталната средина, исхраната и ендокриниот статус резултираат со трајни прилагодувања што воведуваат трајни промени во физиологијата и метаболизмот на фетусот. Хипотезата подоцна беше потврдена како точна со ретроспективни и проспективни истражувања и тестови. Поради оваа потврдена хипотеза, ние имаме одговорност не само кон себе, туку и кон идните генерации на кои им е потребна здрава средина за раст.

Кои би биле најважните совети до сите нас?

Најинтересна е реченицата – и ние сме живееле така и ништо не ни е. За почеток да разјасниме дека не сме живееле така. Нашите баби не готвеле на нелепливи тави. Сме немале толку голем избор на грицки. Па дури и тие што сме ги имале тогаш – не се со ист состав како денес. Во истите производи од пред 50 години денес составот не му е ист. Има многу повеќе адитиви, конзерванси. Самиот леб не е ист како некогаш. Од друга страна – како ништо не ни е. Можеби не сме откриле дека не ни е ништо или пак нас не’ скокнало па сме пренеле на нашите деца. Се има кумулативен ефект, ситуацијата со која се соочуваме на глобално ниво не може да излезе како производ од неколку години.

Ендокриниот систем е составен дел од лимбичкиот мозок кој е задолжен за емоциите. Емоциите, чувствата имаат клучна улога за правилна работа на ендокриниот систем и лимбичкиот мозок. Сите овие информации може да предизвикаат страв. Стравот е емоција со најниска фреквенција и преку неа најлесно може да се манипулира со народот. Она како јас гледам на работите е дека сите овие информации не мора да ни предизвикуваат страв. Јас сум благодарна на сите информации кои ги поседувам и што сум се едуцирала. Благодарна сум на достапноста на информациите. Не мора да одам да завршам факултет медицина за да знам како функционира моето тело, да можам да бидам критички настроена, и да умеам да реагирам за моите потреби.

Сите овие денешни популарни состојби се само сигнал, знак дека треба работите да се поедностават. Ни треба чиста храна, грицки ужинки не ни се потребни, освен јатки и овошје. Да успееме да ја одвоиме главата од храната и да направиме дистинкција за тоа за што ни служи храната. Храната не е задоволство. Храната е гориво за нашето тело оптимално да функционира. Хидратација, физичка активност. Многу е едноставно, а сепак, многу тешко. Но, не е невозможно, се шири се поголема и поголема свесност, постојат луѓе на интернет кои јавно зборуваат низ бесплата содржина или низ курсеви, програми, водичи… Јас лично поради голема заинтересираност креирам програма Low tox дом, каде им помагам на семејствата да ја намалат токсичната изложеност во домот. Можеме подобро. Чекор по чекор. Јас верувам навистина дека можеме. Особено на нашата територија.

Во рамки на тоа, какви се искуствата на луѓето кои контактираат со тебе преку социјалните медиуми?

Луѓето кои ме контактирале до сега се соочуваат со рак на дојка, нередовен циклус, проблем со зачнување.

Можеме ли да бидеме консументи на секојдневните намирници кои ни се потебни за домот, козметика, храна, играчки… а притоа истите да немаат хемикалии? Постојат ли такви производи кај нас на пазарот и колку се достапни за сите?

Можеме доколку успееме да ги контролираме нашите нагони. Исхраната доколку се сведе на она што му е потребно на нашето тело, тоа е прилично едноставно и не би рекла дека е скапо. Мислам дека во денешно време каде што имаме неограничени можности за заработка, каде може да се работи и со странски пазар каде е повеќе ценет трудот и вредноста што ја даваме, возможно е човек да се храни достојно и здраво. Козметиката, исто, доколку се сведе на неколку едноставни производи може да си ја дозволиме. Веќе имаме маркети кои нудат природна козметика со пристапни цени како што е ДМ, така што тоа апсолутно не е проблем. Со малку едукација човек може и сам да си прави козметика за нега. Од аспект на хигиена, јас лично користам концентрати на природна база кои ми заштедуваат пари а и создаваат помалку отпад. Бидејќи ми траат повеќе месеци не сум принудена да купувам секој месец различни средства за чистење. Имам две мали деца и можам да кажам дека индустријата за деца играчки е најскапа. Она што сум го забележала е импусилвното купување што доаѓа од нас самите, да си го усреќиме детето во нас, а тоа не мора да значи дека и за нашето дете е така. Колку помалку играчки толку подобро, од аспект на креативност. Децата имаат голема кретивност и можат да се заиграат и со најобични работи.  Многу поважна е играта со родител отколку играта со куп играчки. Во некој иделен свет би било прекрасно да се спои науката, медицина, религијата и психологијата. На тој начин многу од денешните ситуации ќе се решат.





Напишете коментар