Доза вести, Лице в лице, Лице в лице интервју

Не сум доволно слаб/а и не сум доволно дебел/а, всушност значат исто

Време на читање: 3 минути

Телесната тежина не е секогаш индикатор за здрава исхрана. Кога исхраната и физичката активност стануваат извор на анксиозност или начин на себеказнување – тогаш сме ја преминале границата – вели нутриционистот Антонио Велковски.
Со него, разговаравме за една од маките на денешнината – физичкиот изглед, здравата исхрана и физичката активност.

Кога размислувам за нечија добросостојба, прво размислувам за ставот кон себе. Како се доживуваат, дали се доволни самите на себе, такви какви што се? Или, секогаш нешто (ни) фали? Кога се протега нота на фин изглед наместо на здравје, тука, за мене, нешто не чини…
Moите покрупни пријатели се трудат да намалат некој килограм, додека оние што се поситни, се во борба да каснат нешто повеќе, што стварно ќе се „залепи“ за нив.

Гледаме секакви предлози за тоа како да се „грижиме“ за себе си на социјалните мрежи. Побаравме мислење од стручно лице – Антонио Велковски, магистер по нутриционизам. Тој споделува дека замената на „здравиот начин на живот“ со опсесијата со изгледот е новата мака меѓу луѓето. Споредувањето со други никогаш не ни носи добро, особено ако сакаме да ги „достигнеме“ другите преку физичка активност и исхрана која преминува во себеказнување.

Читајте повеќе и избегнувајте задоволството да го претворите во казна.

Кои се најчестите нездрави навики што ги среќавате кај младите во однос на исхраната? Дали тие секогаш се поврзани со прекумерна тежина?

Најчестите нездрави навики кај младите вклучуваат прескокнување оброци, особено појадок, честа консумација на брза храна и засладени пијалаци, како и грицки со мала нутритивна вредност. Сето тоа често оди рака под рака со недоволен внес на зеленчук, овошје и протеини. Но, овие навики не секогаш се поврзани со прекумерна тежина. Има млади кои изгледаат „слаби“, а сепак имаат нарушен метаболизам, слаба концентрација, ниско ниво на енергија или проблеми со кожата и дигестијата. Телесната тежина не е секогаш индикатор за здрава исхрана.

Дали постои ризик од замена на „здрав начин на живот“ со опсесија за изгледот? Како можеме да ја препознаеме таа граница?

Апсолутно! Во последните години гледаме како „здравиот начин на живот“ лесно може да стане прикриена опсесија за совршен изглед. Тоа се препознава кога фокусот се префрла од идејата за подобро здравје кон постојано споредување со други, страв од „лоша“ храна, избегнување социјални настани поради оброци или прекумерно вежбање. Здравиот живот треба да значи слобода и задоволство, не страв. Кога исхраната и физичката активност стануваат извор на анксиозност или начин на себеказнување – тогаш сме ја преминале границата.

Какви психолошки и физички последици може да имаат рестриктивните диети врз млади тела што сè уште се развиваат?

Рестриктивните диети може да имаат сериозни последици. Физички, можат да доведат до хормонални нарушувања, пореметување на менструалниот циклус, забавен раст и развој, слабеење на коските и пад на имунитетот. Психолошки, тие можат да предизвикаат анксиозност, депресија, нарушен однос со храната, па дури и нарушувања во исхраната како анорексија или булимија. Кај младите, телото и умот сè уште се формираат. Диетите што наметнуваат строги ограничувања може да остават долгорочни последици.

Кои се три најважни совети што би им ги дале на младите за да изградат здрав однос со храната – и со своето тело?

  1. Јадете разновидно, не совршено. Наместо да се фокусирате на забрането и дозволено, учете како различни намирници му се од корист на телото.
  2. Слушајте го своето тело, не трендовите. Апетитот, енергијата и расположението се најдобри водичи за тоа што ви треба за почеток.
  3. Почитувајте го сопственото тело, дури и кога не изгледа „идеално“. Телото не е украс, туку наш дом. Важно е како се чувствуваме во него, не само како изгледа.

Колку се важни медиумите во обликување на свеста за исхрана? Постои ли одговорност во начинот на кој ја прикажуваме „совршената“ фигура?

Медиумите играат огромна улога! Тие не само што информираат, туку и моделираат ставови и вредности. Кога постојано се прикажува само еден тип тело како идеал, младите можат да развијат чувство дека не се доволно добри. Затоа, постои јасна одговорност кај медиумите и инфлуенсерите да прикажуваат реални, тела со различен изглед и да промовираат здравје, а не перфекционизам. Потребна ни е искреност, а не филтрирана реалност.

Верувате ли дека образовниот систем доволно се занимава со прашањето на исхрана и здравје? Што може да се подобри?

Жал ми е што морам да кажам – не, недоволно. Исхраната често се третира површно, со неколку лекции по биологија, без практична примена. Она што ни недостига е редовна, структурирана едукација за исхрана од најрана возраст, вклучувајќи и вештини како правилен избор на намирници, подготовка на оброци и разбирање на поврзаноста меѓу храната и здравјето. Би било од огромна корист да се воведат часови или програми што ќе ги подучуваат помладите на практичен, секојдневен и релевантен начин.

Фотографии од приватна архива на Велковски

Напишете коментар