Актуелно

Новото време бара систем фокусиран кон благосостојба, а не кон профит!

Време на читање: 4 минути

Пандемијата ќе остави долгорочни последици за економскиот развој, јавниот долг, вработувањата и благосостојбата на човештвото. Сето ова, пак, ќе ги продлабочи климатските и социјалните кризи што и пред пандемијата ја загрозуваа планетава.  Ако се остават овие проблеми без реакција, светот откако ќе заврши пандемијата ќе биде уште повеќе неодржлив, со поголема нееднаквост, и поранлив. Парцијални мерки и привремени „поправки на дефектите“ нема да го спречат ова сценарио. Мора да изградиме сосема нови темели за нашите економски и општествени системи или како што вели основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, „потребно ни е големо ресетирање на капитализмот.“

Игор Петровски

Деновиве во светската јавност одекна веста дека повеќе од 400 политички лидери, граѓански организации, активисти за човекови права и останати засегнати чинители од 34 земји потпишале писмо со кое се бара од гигантот во е – трговијата „Амазон“ да ги промени своите компаниски политики во насока на подобра заштита на работничките права и на животната средина.

Во писмото, адресирано до основачот и главен директор на компанијата, Џеф Безос, во моментов најбогатиот човек на светот, се вели дека светот знае оти „Амазон“ може да си дозволи да ги плати повеќе своите работници, да им обезбеди подобра здравствена заштита, да ги плати даноците, како и да насочи трошоците поврзани со екологијата, но дека упорно одолговлекува или одбива да ги исполни своите обврски кон вработените, кон општествата во коишто функционира бизнисот, но и  кон  планетата, како целина.

„Амазон“ енормно профитираше од тековнава пандемија. Поради карантините и остaнатите рестриктивни мерки, вртоглаво пораснаа онлајн нарачките на најразлични производи. За само 10 месеци ангажирани се нови 430.000 работници, со што вкупната бројка сега изнесува преку 1,2 милиони. Освен со ова, „Амазон“ привлекува внимание со своите крајно општествено неодговорни политики и постапки, коишто одат дури до таму што се користеле и технологии за надгледување на комуникацијата на вработените со цел спречување на синдикално организирање, како што тврди еден скорешен извештај на „Амнести Интернешнал“. „Амазон“ е само најочигледниот пример на општествено неодговорно  однесување.

Големо ресетирање на светската економија

Заложбата за некаков нов економски систем, нов капитализам, доаѓа и од местото каде што секоја година се собира глобалната бизнис и политичка елита – Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија. Илјадници политички и бизнис донесувачи на одлуки од највисок ранг се собираат традиционално во јануари на СЕФ за да дискутираат за тоа каде оди светската економија и да ги адресираат најголемите предизвици за човештвото на среден и долг рок, но ковид – кризата оваа година само го интензивира тој наратив во своевиден апел за нужни промени на светскиот економски систем, артикулиран во книгата „Ковид – 19: Големото ресетирање“ од д-р Клаус Шваб, основачот и претседател на СЕФ. Во книгата, Шваб вели дека пандемијата ќе остави долгорочни последици за економскиот развој, јавниот долг, вработувањата и благосостојбата на човештвото. Сето ова, пак, ќе ги продлабочи климатските и социјалните кризи што и пред пандемијата ја загрозуваа планетава. Некои земји веќе ја искористија ковид – кризата како изговор за да ги ослабат напорите за заштита на животната средина.

Три главни компоненти на агендата 

Прво, пазарите треба да се насочат кон пофер односи помеѓу сите чинители. За таа цел, владите треба да ја подобрат координацијата (на пример, во даночните, регулаторните и фискалните политики), да ги унапредат трговските договори и да креираат услови за т.н. „stakeholder economy“. Во услови на континуирано намалување на даночните извори и зголемување на јавниот долг, владите имаат силен мотив да преземат вакви чекори.  Владите треба да спроведат долгорочни реформи што ќе имаат за цел поголема еднаквост во општествата. Во зависност од условите во секоја држава одделно, овие чекори подразбираат промена во даноците на имот и луксуз, укинување на субвенции што стимулираат фосилни горива, како и нови регулативи за интелектуална сопственост, трговија и конкуренција. 

Втората компонента од агендата на големото ресетирање треба да осигури дека новите инвестиции ќе промовираат заеднички цели, како еднаквост и одржливост. Обемните програми за финансиска поддршка што ги подготвуваат државите, претставуваат голем потенцијал. На пример, Европската комисија неодамна го објави планот за вбризгување на 750 милијарди евра со цел закрепнување на економиите во Европа. САД, Кина и Јапонија, исто така имаат амбициозни програми за економска поддршка.
Наместо да се искористат овие извори, како и инвестициите од приватните субјекти, за пополнување на пукнатините од стариот систем, треба да ги искористиме за креирање на нов што ќе биде поотпорен, ќе промовира поголема еднаквост и ќе биде поодржлив на долг рок. Ова подразбира, на пример, изградба на „зелена“ урбана инфраструктура и креирање стимулации за индустриите за да ги подобрат своите резултати во делот на екологијата, социјалната заштита и доброто корпоративно управување. 

Третиот клучен приоритет е поттикот иновациите од Четвртата индустриска револуција (кованица која Шваб ја употребува за прв пат во својата истоимена книга) да се искористат за општо добро, особено за надминување на здравствените и социјалните предизвици. За време на ковид – кризата, компании, универзитети и останати чинители ги здружија силите за да развијат дијагностика, терапии и евентуални вакцини, да формираат центри за тестирање, да креираат механизми за следливост на инфекциите, како и да овозможат телемедицина, односно пружање медицинска грижа на далечина со помош на новите технологии. Да замислиме само што сè може да се постигне доколку слични напори се вложат во сите останати сектори на економиите и општествата.
-Ковид – кризата има влијание врз секој можен аспект на нашите животи во секое ќоше од светов. Но, трагедијата не мора да биде единствено наследство на пандемијата. Напротив, кризата отвори прозорец на надеж, на можност да го реосмислиме  и реобликуваме нашиот свет за создавање на поздрава и попросперитетна иднина и поголема благосостојба на сите облици на живот на оваа планета- заклучува Шваб. 

Целиот текст прочитајте го во издание 43



					

Напишете коментар