Од банер за фрлање, до ранец со дизајнерски печат
Сакаме да ја разбиеме стигмата околу користената облека, особено во балканскиот регион, каде што многу луѓе претпочитаат да купуваат нови, брендирани артикли. Наместо тоа, би можеле да изберат повеќе еколошки опции. Задоволна сум што поновите генерации се поотворени за винтиџ изгледот и имаат свесност за пренамена на предметите, вели Гордана Родиќ Китановска, лидерка на Центарот за интеграција и поддршка
Ги забележав нивните производи на повеќе настани за социјално претприемаштво изминатиов период. Иако се сметам за „труба“ во модата, ги издвојувам од останатите, прво, поради делувањето како социјален бизнис и пораката за етички консумеризам, но и поради дизајнот, кој е игрив и функционален. Станува збор за Центарот за интеграција и поддршка (ЦИП / SIEC), oрганизација која развива социјален бизнис кој ја промовира идејата за етичност и солидарност, за заштита на околината, но и за чување и негување на човечноста во секој/а од нас.
Ги посетивме на летниот настан за размена на облека од втора рака, кој се одржа денеска во кафулето „Ми каса“ на Кале. Со оваа иницијатива делуваат во рамки на нивната мисија за поддршка на претприемништво.
Фотографија: Ирина Крстевска
Разговаравме со лидерката на оваа организација, Гордана Родиќ Китановска, која е насмеаното, поттикнувачко и движечко лице на овие идеи. Родена во Босна и Херцеговина, каде, за време на војната учи важна животна лекција, се преселува во Холандија, од каде почнува да гради кариера. Љубовта ја носи во Македонија, каде, задржувајќи ги контактите од претходната кариера, создава организација и води социјален бизнис кој обединува повеќе корисни сегменти на општеството.
Фотографија: Ирина Крстевска
Како го формирате вашето социјално претпријатие?
– Посветени сме на создавање иден социјален бизнис кој има за цел промоција на одржлива мода и зајакнување на заедницата, фокусирајќи се на вработливоста на маргинализираните групи како што се жените, младите и ромската заедница. Нашиот тим рециклира и обновува стара облека и банери од конференции, трансформирајќи ги во нови предмети како чанти, престилки, ранци и панталони.
Од 2018 година, нашиот креативен процес е инспириран од активностите на Вишеград Фонд, особено од Фондацијата „Барка“ од Полска и меѓународните партнери од Унгарија, Чешка, Словачка и Србија. Со нашите партнери од „Љубезност“, „Мисла“, АРНО и „Солем“ создадовме неформална мрежа преку која развиваме иницијативи за социјално претприемаштво. Соработуваме и со регионални партнери од Србија, вклучувајќи ги општините Палилула, Ниш и Дели Простор. Дополнително, преку социјалното претпријатие „Копче“ обезбедуваме облека за пренамена и редизајнирање.
Популарните Б-чанти и ранци, со тимот за поддршка на ЦИП, дел од Центарот за социјални претпријатија
Кои се вашите најпродавани производи?
Најбараните и најкреативните предмети досега се нашите Б-чанти. Овие модерни чанти, направени од преработени конференциски банери, се доказ за нашата посветеност на нула отпад и заштита на животната средина. Обезбедуваме и редизајнирани чанти за конференции и семинари, придонесувајќи дополнително за свесното пренаменување на ткаенините. Со ова градиме отскочни каменчиња во мозаикот на македонската циркуларна економија, која сè уште е во пионерска фаза. До сега имаме добиено банери од „Меѓаши“, „Конект“,„Умпаки“ и очекуваме оваа листа да се шири. Соработуваме и со компании како што е „Ипротекс“ кои ни обезбедуваат остатоци од материјали од тапацирот на автомобили.
По што се разликувате од останатите социјални бизниси и од бизнисите кои нудат рачни изработки?
– Верувам дека вистинската иновација е континуирано патување. Секоја организација, социјално претпријатие или индивидуален уметник го внесува својот уникатен допир во својата креативна работа. Нашиот тим се издвојува поради разновидноста на идеи кои ги имаме преку соработката со нашите национални и меѓународни членови, секој со свои лични вештини и искуства. Обединуваме креативни, слободоумни поединци кои живееле и работеле во Словенија, Босна и Херцеговина, Холандија и во Обединетото Кралство. Секој од нив има силни врски со Македонија. Нашите заеднички принципи на солидарност, зајакнување на заедницата и страст за рециклирана мода и апсајклинг, природно нè здружија.
Вклучувате и млади дизајнери во вашата работа. Со кого до сега сте соработувале?
– Еден од клучните елементи на креирањето на нашиот социјален бизнис е вклучувањето и зајакнувањето на младите луѓе, подигање на нивната свест за важноста на етичноста во консумеризмот и бавната мода. Нашиот тим е разнолик и многу ја почитуваме различноста како принцип. Освен Амар Качар, кој дизајнира урбани чанти, имаме група млади, аспиративни, креативни и надежни дизајнери кои моментално подготвуваат предмети за Модната недела. Тука се студентите Сара, Тео и Анастасија кои ги запознавме на хакатонот кој го организирвме во East Gate Mall во март годинава. Како ентузијастички учесници, тие сега работат на идејата да бидат дизајнери за пренаменување облека и се страсни за создавање модерни предмети под водство на нашата дизајнерка Љиљана Петров. Соработуваме и со младата модна консултантка, Сара Стојчевска, која работи за стајлинг компанија од САД. Сара претходно беше една од волонтерите на SIEC, и нè поддржуваше во организирањето на SWAP за облека во 2021 година. Тогаш целта беше зајакнување на жените, нивните комуникациски вештини и подготовки за интервјуа за работа, вклучувајќи совети за бизнис стил. По завршувањето на студиите во Обединетото Кралство за мода и психологија, таа сега води свој старт-ап за стајлинг (stylesipher.com). Годинава започнавме успешна соработка со СОС Детско село и со холандската организација „Надвор од областа“. Заедно, организиравме две меѓународни студиски посети оваа пролет, и како SIEC бевме домаќини на повеќе од 100 холандски студенти и наставници. Во тек на мајскиот настан, заедно со волонтерите од Крик-Ерасмус и „Мировен корпус“, ги обновивме градините на SIEC и на „Крик“. За време на посетите, холандските студенти ја донираа својата користена облека, која наскоро ќе биде употребена за креирање чанти, ранци, престилки и други предмети.
Текстилниот отпад е еден од најголемите загадувачи. Честопати се фаќам себе си како, замамена од консумеризмот, сакам да си купам ново парче облека. Споделете ни совети како да бидеме пос(о)весни, како да одолееме на сите молови и реклами?
– Брз и зафатен живот често доведува до брз консумеризам, што е предизвик да се одолее. Сепак, многу луѓе денес стануваат посвесни за потребата да бидат етички потрошувачи. Ова значи да правиме помалку отпад и да купуваме користени предмети. Нашиот тим ја промовира идејата да ја проверите вашата стара облека за да видите дали можете да ја редизјанирате, наместо постојано да купувате нова облека.
Што може еден поединец да направи, во оваа насока?
– Ние ја промовираме оригиналноста и кружната употреба на облеката, преку купување во продавници како „Копче“, каде што можете да најдете убави и уникатни артикли по пристапни цени. Сакаме да ја разбиеме стигмата околу користената облека, особено во балканскиот регион, каде што многу луѓе претпочитаат да купуваат нови, брендирани артикли. Наместо тоа, би можеле да изберат повеќе еколошки опции. Задоволна сум што поновите генерации се поотворени за винтиџ изгледот и имаат свесност за пренамена на предметите. Се надевам дека ваков пристап ќе привлече повеќе луѓе кога станува збор за свесен избор на модни парчиња.
На кој начин може поединец, а како може еден бизнис да ја поддржи вашата работа?
– Како поединци, можеме да направиме разлика на навистина едноставни начини:
Купете облека од втора рака: Поддржете ја одржливата мода со купување од продавници за користени и винтиџ производи.
Исчистете ги вашите плакари: Погледнете што можете да пренамените или да донирате на добротворни организации, на продавници како „Копче“ или организации кои промовираат социјално претприемништво и редизајнирана мода. Донирајте на вашата локална добротворна организација.
Донирајте ги прочитаните книги на вашите локални библиотеки.
Истражувајте го отпадот од облеката: Едуцирајте се за тоа што се случува со отпадот од облека и разберете дека многу алишта завршуваат согорени на депонии, што ја загадува животната средина. Ова сакаме да го спречиме.
Војната ме научи дека животот е скапоцен, а во Македонија дојдов по љубов
– Пораката што ме научија моите родители е: „Следи го своето срце и секоја одлука ќе биде правилна“. Следејќи го срцето, дојдов од Холандија во Македонија, по љубов. Тука е моето срце. Како лидерка од граѓанскиот сектор и како активистка, се стремам да најдам рамнотежа помеѓу работата и семејството, водена од мојата страст и желба за позитивен поглед на животот. Овој поттик произлегува од моето животно искуство за време на војната во Босна и Херцеговина, каде сум родена. Откако ќе поминете низ војна, сфаќате колку е скапоцен животот и дека треба да го негуваме секој аспект, дури и моментите што изгледаат тешки или тажни. Овие искуства нè обликуваат, нè прават посилни и ни покажуваат дека сите ние можеме да бидеме лидери во нашите заедници и агенти на постепени, но видливи промени.
Лидерството не секогаш значи водење компанија или организација. Може да започне со мали чекори – купување користени предмети, поддршка на личност во неволја, помагање на вашиот сосед или дете на улица или едноставно давање насмевка на некој што има тежок ден. Преземање одговорност за нашите и животите на другите со тоа што ќе ги направиме поубави е исто така лидерство.
Суштински дел од мојата животна филозофија е солидарноста и поддршката меѓу граѓаните. Заедништвото носи напредок за сите. Како што еднаш рекол Хенри Форд, „Да се здружиме е почеток. Одржувањето заедно е напредок. Работењето заедно е успех“.
Значи, ајде да работиме заедно.
За повеќе информации за SIEC, линк до нивните профили на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“