Лице в лице, Лице в лице интервју, Одговорна иднина

Од фабрички вишок до јаготка на шлагот – шапки што ја редефинираат одржливата мода во Македонија

Мирјана Јосифоска Шапки Mirjana Josifoska Shapki 3851

Пишува: Маја Раванска
Фотографии: Антонио Станков (едиторијал) и приватна архива на Јосифоска

Во едно мало студио во Тетово, меѓу внимателно обрани парчиња волна и рачно обликувани калапи за шапки, се раѓа една поинаква приказна за одржлива мода во Македонија. Приказна во која отпадот не е крај, туку почеток. Мирјана Јосифоска е млада македонска дизајнерка која го гради својот бренд врз принципите на циркуларна економија и етичко производство. Наместо текстилните остатоци да завршат на депонија, таа ги трансформира во уникатни, рачно изработени шапки со јасна порака: модата може да биде етичка, долготрајна и одговорна.

Шапките носат некоја магија од детството.

Ми навираат сеќавања на една сликовница која е во мојата „кор меморија“ – „Мојот чадор може да е и балон“ на словенечката писателка Ела Пероци, со прекрасните илустрации на Марленка Ступица. Кој знае каде е таа верзија на книгата која ја „дупнав“ од листање како дете… Првично издадена од „Наша книга“ (фала Тања за потсетувањето), а потоа и од „Темплум“.

Не се сеќавам многу на дејството (ќе ја читнам штом го објавам интервјуво), но сеќавањето на илустрацијата со ливадата послана со шапки наместо цвеќиња, ме однесе во едно време кога, одржливоста не беше мода, туку секојдневие. Кога циркуларната економија и реупотребата не беше „концепт“ за спас, туку начин на живот, кога ги чувавме ресурсите, имавме почит кон природата и не бевме толку алчни и себични.

Земјата Шапкарија – илустрација на Марленка Ступица од книгата „Мојот чадор може да е и балон“ на Ела Пероци. Издание: „Темплум“, 2016 година.
Фотката е моја.

Воведов и таа моја носталгија не е само меланхолија, тага по детството и младоста, туку и едно очудување… Како ли овој текст, од интервју за мода, го отерав кон муабет за носталгија и времето кога чоекот се грижеше за природата, како што се грижи за себе…

Фастфорвардирам во денешнинава.
Кога алгоритмот го „исчита“ мојот начин на живот и интереси, неколкупати на ден ми ја прикажуваше рекламата на Мирјана Јосифоска (сега, брендот се вика „Мija“). Се шекнав по шапките, а особено поради приказната која ја носи младата претприемачка и дизајнерка од Тетово. Професионално сум вклучена во развојот на социјалната економија во земјава, па веќе знаев за Мирјана и за нејзините убавинки. Но, не ми текнало дека може да сум и консумент на шапките…

Важната книга од детството. Фотографија: Тања Спасовска

Сè додека еден модел на нејзина шапка со мрежичка, не ме врати во детството, на книгата на Пероци и илустрациите на Ступица. На приказната кога шапките може да те претворат во тоа што сакаш да си.

Знам да се опседнувам со приказни, па така беше и овој пат.
Јас, консументката, уживачка во приказни и парчиња кои не се брза мода, вечна верувачка во одржливи решенија и економија која ја чува природата и луѓето, а не посегот кон бесконечното „повеќе, повеќе, повеќе“….
Ѝ пишав на Јосифоска, прво со нарачка на една од шапките, која цела зима ме чува од ветрот и од нападите на главоболка.

Потоа, договоривме и интервју.


Новата колекција шапки на тетовката, не случајно, ја носи и свежата инспирација од Шара. На фотографиите, Шарпланинецот е исто така модел, симболизирајќи нешто наше, локално, уникатно – истите квалитети што шапките на Јосифоска ги вградуваат во секое парче. Новата фотосесија е направена во соработка со домашни брендови кои и самите практикуваат одржливи решенија – Мinistry of second hand“ и „April 22“.


Во продолжение е разговорот за приказната на Јосифоска и нејзината визија за развој на овој социјален бизнис.

Вашиот бренд е познат по тоа што користи текстилни остатоци за да создаде уникатни рачно изработени шапки. Што Ве поттикна да размислувате за циркуларна економија во модата, како почнавте?

– Моето запознавање со одржливоста започна во 2018 година, кога како студентка учествував на работилница за одржлива мода организирана од „Fashion Weekend Skopje“, која ја водеше дизајнерката Ирина Тошева. Таму за првпат ја разбрав еколошката тежина на модната индустрија, но и креативниот потенцијал на текстилниот вишок. Како дел од работилницата дизајнирав јакна од текстилни остатоци од домашни фабрики, која подоцна беше претставена на „Ljubljana Fashion Week“ и наградена на „Fashion Scout Southeast Europe“. Тоа искуство ми покажа дека одржливоста не е ограничување, туку креативна предност и од тогаш, тоа стана основа на мојот бренд.

Колку е предизвик да најдете, сортирате и создадете производ од малите парчиња текстилен отпад, особено во контекст на Македонија каде рециклирањето на текстил сè уште е недоволно развиено?

– Предизвикот постои, но повеќе е креативен отколку логистички. Работиме со индустриски deadstock ткаенини и курирани производствени вишоци од фабрики, премиум материјали кои останале без финална намена. Во Македонија, каде не постои развиен систем за менаџмент на отпад, тие често остануваат неискористени. Наместо тоа, ние ги селектираме и им даваме нова вредност. Кога работите со ограничени количини, дизајнот мора да се прилагоди на ресурсот. Тоа бара прецизност, но токму таму се создава ексклузивноста. За мене, одржливоста не е компромис, туку нова форма на луксуз.


Вашите колекции носат инспирација од женски ликови и уметнички движења. Како ја поврзувате оваа симболика со одржливиот пристап на брендот?

– Сите модели се инспирирани од класични женски ликови. Целта не е да се следат краткорочни трендови, туку да создаваме силуети што можат да се носат со години. Токму во тоа ја гледам и врската со одржливоста, не само во изборот на материјали и производството, туку и во самиот дизајн. Кога едно парче е класично, квалитетно и внимателно изработено, тоа не излегува од мода и може да живее многу подолго од една сезона.

Како искуствата од различни меѓународни натпревари за стартапи и за циркуларни бизниси, ви помогнаа да размислувате пошироко за циркуларна економија, а не само за мода?

– Меѓународните натпревари ми помогнаа да излезам од класичната „креативна“ перспектива. Често креативците се фокусирани на дизајнот, но за да постои одржлив бренд, мора да се поврзе со бизнис елементот. Токму преку тие искуства почнав да размислувам за циркуларната економија не само како естетски или етички избор, туку како бизнис модел. Научив како креативната идеја може да се структурира, да се скалира и да стане одржлив систем, а не само колекција. Тоа ми помогна да го гледам брендот пошироко, како компанија што може да расте, а не само како дизајнерски проект.


Во многу индустрии, еден од најтешките делови од циркуларната економија е воспоставувањето систем за повторна употреба или рециклирање на ресурси. Како го поминувате тој дел во процесот? Што би препорачале на други млади креативци кои сакаат да работат „зелено“ и одржливо?

– Тоа беше процес што го учев низ самата работа. На почетокот најголемиот предизвик беше да ги пронајдам вистинските материјали. Подоцна сфативме дека и од нашето производство остануваат вишоци, па од нив создадовме линија на аксесоари за коса. Најмалите парчиња ги собираме и ги донираме во текстилни училишта, со цел да продолжат да се користат. Целта ни е постепено да изградиме систем во кој ништо не останува неискористено. На младите креативци би им препорачала да не чекаат да знаат сè однапред. Да започнат и да експериментираат, бидејќи токму низ работата се откриваат вистинските решенија. Одржливоста не е совршен систем од првиот ден, туку процес на постојано учење и подобрување.

Како ја доживувате улогата на локалната заедница во вашиот бренд во смисла соработка со локални фабрики, обучувачки програми, други партнери?

– Локалната заедница има клучна улога во развојот на брендот, особено преку соработката со фабриките. Она што за нив е неискористен материјал, за нас е вреден ресурс, така што оваа соработка создава взаемна корист и поодржлив систем. Воедно, програмите и партнерствата што се развиваат во регионот во последните години се важни, бидејќи им помагаат на младите брендови да размислуваат не само креативно, туку и стратешки. Ниту еден бренд не се гради сам. Тоа е процес во кој учествуваат многу луѓе, од фабрики и соработници, до клиенти и партнери, и токму таа мрежа овозможува една идеја да стане реалност.

Како гледате на иднината на одржливиот текстилен сектор кај нас? Кои се добри практики, каде мислите дека има најголем потенцијал за развој, на што треба да се фокусираме?

– Мислам дека иднината на одржливиот текстилен сектор кај нас има голем потенцијал, особено затоа што Македонија веќе има силна традиција во производство. Имаме фабрики со огромно знаење и капацитет, но најголемиот дел од тоа производство сè уште се користи за странски брендови. Она што е охрабрувачки е што веќе постојат домашни брендови кои произведуваат локално и работат со одговорно селектирани материјали. Верувам дека токму тука е најголемиот потенцијал, да се создаваат повеќе вакви брендови кои ќе ја поврзат одржливоста со локалното производство. Одржливоста не значи само создавање во мали количини, туку градење систем каде дизајнот, производството и материјалите се поврзани на одговорен начин. Токму тоа е основата за создавање силни и препознатливи македонски брендови што можат да растат и надвор од земјата.

Во циркуларната економија, растот често не значи нужно зголемување на обемот, туку зголемување на вредноста. Како гледате на „растот“ на вашиот бренд? (преку влијание или промена на навиките кај потрошувачите?

– Растот за мене значи создавање поголема вредност и градење систем кој може да се развива одржливо на долг рок. Често постои перцепција дека поголем обем значи помала одржливост. Но, одржливоста не е прашање колку произведувате, туку како произведувате. Ако процесот е одговорен и производот е создаден да трае, тогаш и растот може да биде одржлив. Исто така, верувам дека одговорноста не треба да падне само на потрошувачот. Брендовите имаат обврска да создаваат подобри производи и да бидат транспарентни, а институциите да постават јасни стандарди. За нашиот бренд, растот значи да продолжиме да се развиваме без да ги компромитираме принципите врз кои сме изградени.

Работите со ограничени ресурси и уникатни материјали, што е спротивно од масовното производство. Како го балансирате ексклузивитетот со економската одржливост на брендот?

Ограничените ресурси не ги гледам како ограничување, туку како рамка што нè прави попрецизни и покреативни во одлуките. Работиме со внимателно селектирани материјали и произведуваме во контролирани количини. Балансот го постигнуваме преку две категории. Шапките се произведуваат во помали, поексклузивни серии, додека аксесоарите за коса се произведуваат во поголеми количини и обезбедуваат економска стабилност на брендот. Токму оваа комбинација ни овозможува да ја задржиме уникатноста, а истовремено да изградиме одржлив бизнис.

Размислувате ли за иновации надвор од самиот производ – на пример, нови продажни модели, колекции по нарачка, или враќање и повторна употреба на старите шапки?

– Во моментов сме фокусирани на проширување во нови категории на аксесоари. Веќе изработуваме модели по нарачка, како и поправка и освежување на постоечките парчиња, со цел да им се продолжи животниот век. Во иднина, размислуваме за поорганизиран систем за враќање и повторна интеграција на старите шапки во нови производи. За мене, одржливоста не завршува со продажбата, туку продолжува низ целиот животен циклус на производот.

Кој момент во развојот на бизнисот беше најкритичен досега? Што научивте од него како претприемачка, а не само како дизајнерка?

– Најкритичниот момент беше кога од дизајнирање преминав во производство. Дизајнот е идеја, скица и прототип, но вистинскиот предизвик започнува кога тој производ треба да се претвори во систем што може да се повторува. Производството бара стандардизација и прецизност, за секое парче да биде конзистентно. Тогаш сфатив дека бизнисот не е само креација, туку систем. Тој процес ме научи дисциплина, трпение и како да размислувам како претприемачка.

Ако утре би имале пристап до поголема инвестиција, во што најпрво би инвестирале: технологија, луѓе, едукација на пазарот, интернационализација? Зошто?

– Доколку би имала пристап до поголема инвестиција, најпрво би инвестирала во луѓе и во интернационализација. Ниту еден бренд не се гради сам, зад него стои тим, и верувам дека луѓето се најважниот ресурс за неговиот развој. Истовремено, би инвестирала во отворање кон нови пазари. Тоа е природен следен чекор, бидејќи верувам дека производите што се создаваат тука имаат потенцијал да се позиционираат и надвор од земјата.“

Која е Мирјана приватно? Што читате, слушате, гледате, кога ви треба креативен подвиг? Која е Вашата омилена музика, филм или документарец, личност, инспирација?

– Приватно, читам многу и редовно пишувам во дневник. Често им се навраќам на истите книги, делата на Чехов и Петре М. Андреевски, како и на книги за историја на уметност, особено италијанската ренесанса. Слушам Nina Simone. Од филмовите, омилени ми се „Paris, Texas“, „In the Mood for Love“ и „Cold War“. Одам на балет кога имам можност, а „Лебедово езеро“ ми е омилено. Наоѓам инспирација во рускиот конструктивизам, De Stijl, како и во минимализмот и естетиката на 1990-тите и моментално стилот на Carolyn Bessette Kennedy. Голем дел од времето го поминувам сама во студиото. Пијам повеќе кафе отколку што би признала, работам до доцна и ретко излегувам без црвен кармин и црвен лак на ноктите.

Напишете коментар