Час по родови прашања

Од интернет закани до реални последици: расте сајбер насилството врз девојки и жени

Сајбер насилство жени Мрежа Стела

Пишува: Светлана Дарудова

Близу 30 пријави за дигитално насилство пријавиле девојки и жени од Вардарскиот регион за нецели три години. Во периодот 2023 – 2025 година, до Министерството за внатрешни работи биле поднесени 35 пријави за дигитално насилство од жени и девојки кои живеат на териториите на општините Струмица, Ново Село, Босилово и Василево. Во Гостивар пак имало 24 пријави од жени и девојки.

Неодамна, токму една пријава за дигитално насилство врз малолетни девојчиња ја потресе јавноста во Кавадарци, Тиквешијата и пошироко. Малолетниците, од деветто одделение во основно училиште, неовластено преземале приватни фотографии од нивни соученички, ги монтирале и меѓусебно ги споделувале со врсници, со цел да ги навредат и исмеваат и да им нанесат штета на угледот. Родител на едно од девојчињата, тогаш рече дека деветтоодделенците правеле монтажи. Односно, од фотографии преземени од „Фејсбук“ на повеќе девојчиња, помлади и постари од нив, им ги монтирале главите со апликација на експлицитни фотографии од голи тела. Потоа ги споделувале по групни четови. 

Како што тогаш рекоа од Државниот просветен инспекторат, настанот со злоупотребени фотографии на малолетни девојчиња од страна на деветтоодделенци, се случил надвор од училиштето.

Димитар Каракулев, инспектор за превенција во пензија, е дециден дека уште од најмали нозе, децата треба да се воспитуваат, да се едуцираат да ги прифаќаат другите, да развиваат другарство и да бидат емпатични, солидарни и хумани. Да не ги делат другите по никаква основа, да не ги повредуваат и да не вршат било какво насилство.

– Мора да се превенира ваквото однесување. Потребно е да се подигнува свеста преку едукација. Потребно е да се негуваат позитивните особини, што ќе го направат светот подобро место за живеење – изјави инспекторот.

Судот во Кавадарци донесе воспитна мерка засилен надзор од страна на родители за четири деца, за злоупотреба на лични податоци на деца.

– Со користење и навлегување во компјутерски информатички систем на лични податоци, децата во неколку наврати прибрале лични податоци-фотографии од оштетените деца. Преку апликација ги обработиле преземните фотографии, направиле монтажа на нивните ликови и како монтирани ги испраќале и разменувале во група на социјалната мрежа „Фејсбук“. Co овие дејствија, децата во ризик ги исполниле елементите на кривичното дело кое им се става на товар, а со тоа на оштетените деца им нанеле штета – појаснија тогаш од Судот. 

Пред судот, а по барање за поведување на подготвителна постапка, поведена била постапка спрема шест деца во ризик, за кривично дело „Злоупотреба на лични податоци“.  По завршување на подготвителната постапка, од страна на Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесен бил предлог за изрекување на санкција кон четири деца. 

– На одржана главна, усна и нејавна расправа, Советот за деца изрече воспитна мерка Засилен надзор од страна на родителите. Кон две деца постапката е запрена, бидејќи за едното дете нема докази дека го сторило кривичното дело кое му се става на товар. За второто дете постојат околности, кои согласно член 20 од Законот за правда за децата го исклучуваат кривичното гонење. Решението со кое е изречена воспитна мерка, како и решението за запирање на кривичната постапка, се правосилни – информираа тогаш од Судот. 

Јавни акции за подигнување на свеста за дигиталното насилство

Под мотото „20 црвени сигнали“, во декември 2025 година, во Струмица, Демир Капија, Гостивар и Радовиш се реализираа паралелни јавни акции со цел подигнување на свеста за дигиталното насилство врз девојки и жени. Активностите ги спроведоа четири женски граѓански организации: Организација на жени од Струмица, во соработка со „Женско лоби“ – Демир Капија, ИГИ од Гостивар и „Женска акција“ од Радовиш.

Во секој град биле поставени дваесет црвени кругови, секој со порака или сведоштво што ја открива реалноста на дигиталното насилство.

– Црвената боја, како симбол на предупредување и аларм, ја испрати пораката дека сајбер насилството остава вистински и длабоки последици врз животите на девојките и жените. Перформансот беше чин на солидарност, отпор и поддршка кон сите кои се соочиле со дигитално насилство. Активностите се реализираа во оквирот на Меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Испративме јасно предупредување дека дигиталното насилство е сериозен и сепоприсутен облик на родово базирано насилство, што мора системски да се препознае и санкционира – истакнаа активистките организаторки на акцијата.

Според податоците добиени од Министерството за внатрешни работи-СВР Велес, во периодот од 1 јануари 2023 до 15 октомври 2025 година, поднесени се 28 пријави од жени и девојки – жители на териториите на општините Велес, Кавадарци, Неготино, Росоман, Градско и Демир Капија за случаи во кои биле жртви на дигитално насилство.

– Од нив, два случаи се однесуваат на уцена, 17 на злоупотреба на лични податоци, осум на загрозување на сигурноста и еден случај се однесува на ширење на ксенофобичен материјал. Жртвите се жени и девојки на возраст од 15 до 60 години – информираше Менче Николова, претседателка на организацијата „Женско лоби“ од Демир Капија.

По сите пријави, СВР Велес и ОВР Кавадарци постапиле и доставиле соодветни поднесоци до Основното јавно обвинителство во Велес и Кавадарци.

На акцијата „20 црвени сигнали – Гласно против дигиталното насилство!“ , се осврнаа од Организацијата на жени од Струмица, преку објава на нивната страница на „Фејсбук“.

„Во Струмица, Демир Капија, Гостивар и Радовиш застанавме заедно против дигиталното насилство од жени и девојки! 20 сигнали што алармираат за уцени, злоупотреба на фотографии и лажни профили – реалност што премногу жени ја живеат секојдневно. Испраќаме пораки, за пријавување на дигиталното насилство, апелираме за поддршка кон лицата жртви на ваков вид насилство и соодветна реакција, со цел да му се каже „стоп“ на дигиталното насилство и создавање безбеден онлајн простор за сите“, споделија од оваа организација.

Според податоците добиени од Министерството за внатрешни работи, во периодот од 1 јануари 2023 до 15 октомври 2025 година, биле поднесени 35 пријави од жени и девојки – жители на териториите на општините Струмица, Ново Село, Босилово и Василево, за случаи во кои биле жртви на дигитално насилство.

Од нив, 6 случаи се однесувале на уцена, а 29 на злоупотреба на лични податоци.

„Во еден случај пријавен во 2024 година и три пријавени во 2023 година, жртви се малолетни девојки. Во останатите 31 случај, жртви биле жени и девојки на возраст од 18 до 50 години. Тие биле уценувани дека ќе бидат објавени нивни експлицитни видеа или фотографии, а сторителите барале паричен надомест. Пријавени се и случаи на објавување фотографии преку лажни профили на социјалните мрежи без согласност на жртвите. По сите пријави, СВР Струмица постапило и доставило соодветни поднесоци до Основното јавно обвинителство – Струмица“, соопштија од струмичката организација.

Тие упатија  и апел за заедништво и солидарност,  против дигиталното насилство – гласно за безбедноста и достоинството на жените и девојките.

Сајбер насилството остава вистински лузни, но како се препознава и каде да се пријави?

„Сајбер насилството остава вистински лузни. Никој нема право да те вознемирува. Не молчи. Со мали, но значајни чекори, градиме онлајн простор ослободен од насилство и страв“, подвлекоа од Организацијата на жени од Струмица.

Тие споделија и публикација, со корисни информации за тоа што претставува дигитално насилство и како да се препознае. Појаснија дека е тоа злоупотреба, вознемирување или контрола преку интернет, мобилен телефон и дигитални платформи,а се осврнаа и на формите на дигитално насилство, како што се онлајн вознемирување, доксинг, сексуално вознемирување, одмаздничка порнографија, онлајн демнење…

Онлајн вознемирување е испраќање навредливи, заканувачки или понижувачки пораки, како и ширење гласини или лаги за да се наштети на репутацијата на личноста. Тука спаѓа и испраќање или објавување на негативни коментари или исклучување некого од онлајн групи или активности за да се чувствува изолирано.

Доксинг значи споделување лични податоци (телефонски број, адреса на живеење, работно место и други лични информации без дозвола). Одмаздничка порнографија е објавување на приватни снимки и фотографии без согласност, снимање на приватни и/или насилни сцени кои се масовно дистрибуирани.

Постојат и други форми на дигитално насилство како oнлајн демнење и контрола, создавање лажни профили – лажно претставување, отворање профили во туѓо име, уцени и манипулации преку интернет, хакирање.

Од Организацијата на жени од Струмица, образложија и како некој да препознае дали е жртва на дигитално насилство:

– Дигиталното (сајбер) насилство понекогаш е тешко да се препознае. Често започнува суптилно. Сепак, најчести показатели се постојаното следење на вашата онлајн активност, барање лозинки или обиди за контрола преку пораки и повици. Навредливата комуникација, заканите и споделувањето информации или фотографии без твоја дозвола исто така укажуваат на дигитално насилство. Ако поради нечие онлајн однесување чувствуваш страв, вина или напнатост, важно е да знаеш тоа не е нормално – информираа од организацијата.

Објаснија дека дигиталното насилство влијае на менталното и физичкото здравје. Создава страв, анксиозност, несоница и чувство на срам, негативни мисли, употреба на алкохол и дрога, повлеченост и изолираност, нездрави навики на јадење, гастроинтестинални проблеми.
– Побарајте помош од личност на која ѝ верувате – другар/ка, родители, близок член од семејството или кое било друго лице од доверба. Може да побарате помош и од граѓанска организација што работи во областа на насилство врз жени и девојки. Блокирајте го насилникот и пријавете го на платформата и кај надлежните институции. Важно! Собирајте докази – текстуални пораки и кадри од екран (скриншот)- соопштија од организацијата.

Сите соговорници со кои разговаравме на оваа мошне актуелна тема, беа согласни, дека, за да им се застане на патот на сите оние кои вршат дигитално насилство, треба многу повеќе да се обрне внимание на превенцијата. Да се зголеми исто така улогата на институциите и училиштата, во зголемување на едукацијата и информирањето, околу тоа, што всушност претставува дигиталното насилство, како насилство на новото време.

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Во рамки на соработка меѓу „Лице в лице“ и Мрежа „Стела“, ги објавуваме содржините кои произлегоа по обуката за препознавање родови дезинформации и справување со дигитално родово-базирано насилство. Избраните новинарки и новинари добија менторска поддршка и финансиски придонес за да ги креираат сториите. Содржините кои се финализирани ќе бидат достапни овде, на веб-страницата на „Лице в лице“, како дел од нашата мисија за видливост на инклузивни и одговорни медиумски практики кои придонесуваат кон родовата еднаквост.

Прочитајте и други содржини од оваа соработка

Не е обљуба туку силување – зошто медиумите мора да известуваат родово сензитивно?

Напишете коментар