Генерација Z, Лице в лице интервју

Од мемиња до активизам: Како „Студентарија“ ги брани интересите на студентите

Да бидеме искрени, кога се запишуваш на факултет, животот станува збунка. Најверојатно си во нов град, престојуваш на ново место, да претпоставиме во студентски дом. Немаш сместување во иста соба со пријателите затоа што за тоа треба да се потегнат врски. А ги немаш. Ако си од Прилеп, најверојатно цимерството ќе ти започне со луѓе од Неготино или пак Куманово. Можеби тоа ќе биде првиот човек што воопшто го запознаваш од тој град. Во мензата, најверојатно има печен компир во вода – млака, малку солена, блуткава. Тие во кујна не го допекле јадењето. Тие што сте биле во студентски во Македонија, сигурно знаете за што зборувам.

Барем еднаш во месецот имаше и голема редица пред мензата, обично за вечера. Тогаш се знаеше дека на мени е сендвич со помфрит. Не си ја пуштајте имагинацијата многу… скромен сендвич е, со неколку компирчиња. Јас секогаш дознавав за сендвичот кога ќе ја забележев редицата, а моите другарки знаеа за него уште во првите петнаесет минути од почетокот на вечерата. Вистинското прашање беше – како? КАКО? Едноставно – „Студентарија“! На почеток си мислев „Ајде бе, кој го следи тој профил сигурно некој сака само да се забавува и преобјавува“. Тогаш останав неинформирана за сè што е актуелно, а поврзано со студенти. Тоа е…
Во 2018 година конечно кликнав фолоу на „Студентарија“.

Денес после 8 години, профилот не известува само за тоа што ќе јадат студентите и каде е најдобрата судентска забава, туку е водилка за тоа како да се запишеш на факултет, да влезеш во студентски, да добиеш оброк, да испочитуваш закон, финансиски да се описмениш, да знаеш што мака има другарката во студентски дом „Пелагонија“ и да се опуштиш. Сè тоа, затоа што Гоше Николов, решил да го отвори профилот на „Студентарија“.
Читајте повеќе во нашето интервју со него.

Како и кога започнавте „Студентарија“? Дали од самиот почеток беше замислена како активистички профил, или предизвиците на студентите природно го насочија во таа насока?

– „Студентарија“ започна во 2017 година, во мојата студентска соба на третиот кат во домот „Гоце Делчев“ во Скопје. Во тоа време немаше место каде студентите можеа да се информираат, да се забавуваат и да споделуваат искуства од своето секојдневие. Искрено, на почетокот идејата беше едноставна – да создадеме заедница каде што преку мемиња ќе си ги споделуваме сите маки и смешни моменти од студентскиот живот. Но, многу брзо сфативме дека интересот е огромен, а предизвиците со кои се соочуваат студентите се сериозни и бараат глас. Така „Студентарија“ органски прерасна во нешто многу повеќе од „забавен“ профил.

Бидејќи во Македонија немаше друга слична платформа која ги обединува сите студенти, тие самите ја препознаа „Студентарија“ како свој простор и ја насочија во оваа активистичка и информативна насока. Денес покриваме сè што е поврзано со студентскиот живот – од уписи, стипендии, субвенциониран оброк и сместување, до проблеми во студентските домови, академски теми, но и содржини за кариера, финансиска писменост и, во последно време, многу популарната тема – вештачка интелигенција.

На „Студентарија“ може да се најде сè: од закони, упатства чекор по чекор за тоа како студент да се смести во дом, па сè до анегдоти како некој/а студент/ка ја прередува целата соба, само за да одложи учење. Опишете го тимот зад „Студентарија“.

„Студентарија“ денес е многу повеќе од профил на „Инстаграм“. „Студентарија“ е модерен медиум, создаден на местата каде што младите навистина се присутни и активни. На социјалните мрежи, каде студентите најмногу поминуваат време, ние на еден современ и нетипичен начин правиме влијание, носиме информации и отвораме теми кои директно ги засегаат. Нашата цел е едноставна – да зборуваме со младите, а не за младите. Да им го пренесеме она што е важно, но на начин што ќе им биде блисок, интересен и искрен.

Иако може да изгледа дека зад „Студентарија“ стои голем тим, вистината е дека во овој момент најголемиот дел од содржината ја изработувам јас. Но, тоа не значи дека сум сам. Вистинскиот тим зад „Студентарија“ се самите студенти. Секое прашање што ќе ни го испратат, секој проблем што ќе го споделат или идеја што ќе ја предложат, директно ја насочува содржината.
Стотици пораки што секојдневно ни пристигнуваат, стануваат инспирација за објави, водичи, па и цели кампањи. Кога организираме настани, студентите се тие што активно се вклучуваат и помагаат. Затоа секогаш велам дека „Студентарија“ не ја градев само јас, ја градевме со сите студенти заедно. Тоа е и нејзината најголема сила.
Визијата е оваа заедница да продолжи да расте и официјално да се проширува со тим млади луѓе кои ќе придонесат со својата креативност и енергија. Верувам дека тоа ќе ни овозможи уште повеќе да ја збогатиме содржината и да создадеме уште поголемо влијание врз студентскиот живот и стандард.

Одберете три објави што имале најголемо влијание врз публиката.

– Во изминатите години имало многу објави што поттикнале реакции, но би издвоил три кои навистина направија разлика. Првата е од 2021 година, кога Министерството за образование и наука ги зголеми стипендиите речиси двојно, но само за новите корисници. Тоа создаде огромна неправда – студентите што веќе примаа стипендија останаа со двојно пониски износи. По нашата реакција и онлајн петицијата што ја покренавме, која ја потпишаа повеќе од 8.000 студенти, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз оштетените студенти. Неколку месеци подоцна, Министерството ги зголеми стипендиите за сите и им ги исплати заостанатите износи.

Следниот случај е од 2022 година – собраниските пратеници иницираа измена на Законот за субвенциониран студентски оброк. Тоа ќе значеше дека илјадници студенти ќе го изгубат правото на оброк. Нашата објава (откако го видовме предлог-законот и ги препознавме спорните измени) предизвика лавина реакции – студентите се мобилизираа, студентските организации се огласија, а на крај беа организирани и протести. По тие притисоци, студентите седнаа на маса со пратениците и спорните измени не беа донесени. На тој начин беше спречено укинувањето на правото на оброк за илјадници студенти.

Би ги спомнал секако и објавите поврзани со студентските домови, особено за „Стив Наумов“ (објава 1 и објава 2) и Пелагонија“. Преку бројни пријави од студенти откривме лоши, крајно несоодветни услови, нефункционални простории и проблеми со хигиената. По серија наши објави, особено во 2024 и 2025 година, дел од тие проблеми беа решени – беа извршени поправки и подобрувања. Се разбира, уште има многу работа, но тоа е токму причината зошто „Студентарија“ постои: да продолжиме да инсистираме на подобри услови и достоинствен студентски живот.

Би додал и дека покрај сите информативни содржини и реакции, на „Студентарија“ посебно внимание посветуваме и на објавите што се поврзани со мотивација и ментално здравје. Нив ги објавуваме повремено, со цел да ги потсетиме студентите – на еден креативен и искрен начин – колку е важно да се грижат за себе, особено во периоди на стрес, испити и секојдневни предизвици.

Веруваме дека токму овие пораки, иако понекогаш едноставни, имаат силно влијание. Им помагаат на студентите да застанат, да земат здив и да се потсетат дека нивното добро психичко здравје е најважно – пред сите рокови, испити и обврски.

Со оглед дека имате увид во сè што им треба на студентите, нивните желби и поплаки, како според вас, би изгледал „задоволен студент“ во 2026 година?

– Задоволниот студент во 2026 година, според мене, не е оној кој нема проблеми, туку оној кој има поддршка, информации и чувство дека не е сам. Денес студентите не бараат совршени услови, туку фер шанса да успеат и некој што навистина ќе ги слуша. Задоволен студент е оној кој има пристап до квалитетно образование, пристојни услови за живот/домување и можност да се развива академски, професионално, но и лично. Студент кој знае каде да најде информации за стипендии, сместување, ментално здравје или можности за кариера. Кој чувствува дека има глас, и дека тој глас нешто менува. Тоа е студент кој може слободно да ги пријави проблемите и прекршувањата на неговите права без страв дека ќе има последици за тоа. Само кога ќе има доверба во институциите и ќе знае дека неговото мислење се почитува, може навистина да се чувствува безбеден и слушнат.

Но, задоволен студент е и оној кој може да се забавува без страв. Да излезе навечер, да оди на концерт или журка и да знае дека ќе се врати дома жив, здрав и безбеден. Да може да премине улица без ризик, да живее во средина која го штити и го цени неговиот живот. Последните трагедии со студенти што ги загубија животите ни покажаа колку е важно да се зборува и за ова. Безбедноста е најважна!

Токму тоа се обидуваме да го направиме преку „Студентарија“ – да создадеме заедница каде студентите се информирани, поддржани, охрабрени и безбедни. Во 2026 година јас би сакал да гледам помалку апатија и повеќе иницијатива, студенти кои се гласни, свесни и сигурни дека нивниот живот и глас имаат вредност. Ако успееме во тоа, тогаш навистина сме направиле разлика.

Фотографии: Архива на „Студентарија“ и Гоше Николов

Напишете коментар