Од „невидлив“ до готвач: приказната на Валентин кој 20 години не постоеше за системот
Без матичен број и државјанство, Валентин Ракип две децении живеел надвор од системот. Денес е вработен готвач и пример за тоа како упорноста, вербата во сопствените капацитети, но, и соодветната поддршка од релевантни професионалци – менуваат живот
Понекогаш, најсилните животни приказни не започнуваат со можности, туку со нивно целосно отсуство. Животната приказна на ова младо момче е токму таква. Неговиот живот започнал без основните права. Се родил во сиромашно семејство, кое не го запишало во матичната книга на родените. Од тука тргнува цела бура на предизвици. Кога нема матичен број, не може да има ниту документ за лична идентификација. Не може да посети лекар, не може да се вработи…
Но, животот во (веројатно) најголемата ромска населба на Балканов, Шуто Оризари, каде што многу семејства живеат во супстандардни услови, без редовен пристап до основни услуги, за Валентин не беше невозможна мисија. Тој се гледаше себеси како човек кој знае како да живее, кој може да се снајде, да учи и да гради живот, дури и кога околностите изгледаат немилосрдни.
Првата вистинска искра на мотивација ја добива кога се вклучува во работата на Здружението за заштита на правата на децата и го посетува Дневниот центар за деца на улица. Таму, меѓу разговорите, активностите и советите на неговите воспитувачки, Валентин почнува да ја разбира својата сопствена вредност и можностите кои може да ги создаде за себе. Тој не гледа на себе како жртва на системот, напротив! Секое искуство, секој предизвик и секое мало постигнување го учат како да биде упорен, да презема одговорност и да го гради својот пат кон подобар живот.
Од таму, тој продолжува со јасна насока и достоинство.
– Јас во животот никогаш не се тргнав од таа желба што сакав да бидам. Денеска сум тој, Валентин, што работи во кујна – ја започнува тој својата инспиративна приказна.

Од невидливост до припадност
Денес Валентин е готвач во познат ресторан во Скопје. По добивањето лична документација, работите почнуваат да се менуваат. Валентин добива можност за формално вработување. Кујната станува негово место на припадност, простор каде што трудот, знаењето и посветеноста имаат вредност.
– Со сета сила сакам да биде кога ќе го јаде, да биде вкусно. Да нè пофалат, од кујна кој го правел тој хамбургер или некои работи што во менито ги има. Затоа, претежно јас земам одговорност, јас кога ќе го правам, за да биде вкусно, за да му биде на муштеријата, уште повеќе – вели тој со насмевка.
На неговиот пат, да стигне до оваа професија и да е формално вработен, тој не бил сам.

Иако без родителска грижа и без системска поддршка, клучна улога одиграле организациите кои му подале рака во вистински момент. Првиот клучен чекор е поддршката од Здружението за заштита на правата на детето, кое го вклучува Валентин во програмата за работна интеграција на „Лице в лице“. Вториот е тоа што тој станува успешен продавач на единственото улично списание во земјава.
Брзо напредува, се издвојува од многумина, па се приклучува кон програмата Социјално менторство на „Паблик“. Токму овој, трет негов чекор надвор од зоната на комфорноста го носи неколку скалила надвор од животот без документација. Тој добива менторка која работи на негово вклучување на пазар на труд. Истовремено, со Македонското здружение на млади правници и други чинители добива бесплатна правна помош во битката да стане правно видлив.
Поддршката што прави разлика
– Ја запознав Магде во „Лице в лице“, имавме соработка со неа. Навистина ми беше голема поддршка во животот – споделува Ракип.

Кликнете на фотографијата, за неговите размислувања тој период.
Социјалната менторка од „Паблик“, Магдалена Чадиноска – Кузманоски се сеќава на првата средба со Валентин:
– Го запознав непосредно пред да наполни 18 години. На почетокот беше многу скептичен. Меѓутоа, во исто време, беше толку многу мотивиран и беше сигурен дека го сака тоа, што некако и на мене ми го пренесе затоа што ја видов желбата кај него

На линков подолу, прочитајте го дневникот на социјалната менторка на Валентин, објавен во 2022 година.
Тринаесет години за 13 бројки што докажуваат дека постоиш
Процесот воопшто не бил едноставен. Не вклучувал само институционална борба, туку и работа на личниот развој.
– Ние работевме на неговото психо-социјално здравје, но и на неговото ментално здравје. Беше потребно, да остане тој, во целата оваа борба – приземен, но и корисен за себе и за општеството. Учевме многу работи, од тоа како одредени работи се читаат, за тоа што сака да биде. Тогаш, видовме дека сака да биде готвач. Дома готвеше за семејството и тргнавме од тука. Не е лесно ни тоа да го извлечете од лице кое, никогаш никој не го прашал што сака да биде – вели Чадиноска – Кузманоски.
Токму желбата за учење и напредок го издвојувала Валентин. Неговиот пат од „лице фантом“, млад човек кој физички постоел, но правно не, привлече значително внимание во јавноста и медиумите. Долгогодишната борба на Валентин да добие матичен број, лична карта и државјанство стана симбол за состојбите на стотици лица што живееја невидливо за системот и немаа пристап до основни човекови права, како здравство, образование и вработување.
– Тој ме научи дека нема невозможни работи и дека кога ќе се откаже државата, замислете државата да се откаже од вас, ако вие сте доволно упорни, не може да не може – вели социјалната менторка.

Често давајќи изјави и раскажувајќи ја својата приказна пред камера и на јавни настани, Валентин, не само што ја оствари сопствената желба, туку стана гласноговорник за други лица без лична документација – луѓе кои, како него, водат слични битки. Ова јавно застапување беше препознаено и во рамките на доделувањето на престижната државна награда за човекови права „Мето Јовановски“ во 2023 година (линк тука за повеќе). Наградата беше за колективниот труд на „Лице в лице“, но токму искуствотоа на Валентин, како млад човек кој влезе во Собранието, по долгогодишна (и правна) битка со системот, ја илустрира суштината на социјалната инклузија и правичното општество.
За сите овие промени кај Валентин, менторката Чадиноска – Кузманоски посочува дека е особено горда на него.
– Еден ден кога ќе бидам во пензија, ова ќе биде случај на кој ќе се сеќавам. Неговата приказна ни покажува огромна промена, не само кај него лично. Туку, покажува нешто коешто сме го промениле од корен, и за коешто и идни генерации ќе имаат бенефит од таа поддршка.
Менторскиот процес одигра клучна улога во одлучноста на Валентин. Социјалното менторство како методологија, не овозможи само насочување од страна на професионално лице, туку и отвори простор за разговор, за визија за иднината, за мотивација и согледување на сопствените капацитети.

Чадиноска -Кузманоски споделува дека во тој менторски процес, учел Валентин од неа, но и таа од него. Така се создала таа неверојатна динамика на соработка, каде што секоја препрека станувала заеднички предизвик, а секој успех, носел заедничка радост.
– Таа негова вклученост и мотивација и мене ми даваше сила. И јас многу работи научив покрај него – вели Чадиноска – Кузманоски.
Живот со име, иднина и план
Борбата на Валентин Ракип да се издвои од „невидливоста“ и да стане полноправен член на општеството не се одвиваше само зад затворени врати. Социјалното менторство што го доби како бесплатна услуга од „Паблик“, му помогна да ја заврши институционалната битка за матичен број, лична карта и државјанство. Освен тоа, овој пристап го подготви да ја споделува својата приказна гласно и уверливо. Затоа, Валентин денес, е често на настани и во медиуми, зборува за својата животна промена. Но, не преку призмата на „преживување“, туку за истрајност и за успех.
– Јас се гледам како успешен во животот. Сум сакал да успеам, сум успеал и денеска сум ,со име и презиме. Стекнав верба во животот и во луѓето. Така, денеска сум Валентин, којшто има документација и можност, како што имаат и други луѓе – вели тој.
Неговата амбиција не застанува со формалното вработување. Тој редовно истражува нови можности за учење и усовршување. Прашува каде може да добие дополнителна обука или ново искуство, и покажува искрен интерес да напредува во својата професија.
– Некаде за осум години, ќе бидам славен и ќе работам во светски познат ресторан.

Приказната на Валентин покажува дека „невидливоста“ пред правниот систем, не е трајна состојба.
Таа може да се промени кога ќе се спојат личната истрајност и вистинската поддршка.
Погледнете ја галеријата со фотографии на работното место на Валентин.






Пристапната видео приказна за Валентин Ракип и неговата одлучност да биде готвач, погледнете ја во видеото.
Видео прилогот ќе биде достапен и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина.
Новинарка: Бјанка Станковиќ
Видео и монтажа: Горан Бошковски
Фотографии: Ирина Крстевска
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев и Ванеса Лазарева.
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Легнаовска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“.
„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“, во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

- Од „невидлив“ до готвач: приказната на Валентин кој 20 години не постоеше за системот
- Имаш идеја што може да стане стартап? Отворен е повик за млади иноватори
- Економската независност на жената не е прашање на индивидуален избор туку на структурни бариери
- Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Дебатиравме дека нема ноќен живот во Скопје… па танцувавме како да сме го имале цел живот