Планетата умира за профити на поединци
НИЕ ЛУЃЕТО СЕ ПОСТАВУВАМЕ КАКО КРАЛЕВИ НА СВЕТОТ. ЗАТОА, СЕГА СМЕ ВО МАТ-ПОЗИЦИЈА. ДЕЛ ОД НАС ВЕЌЕ СФАЌААТ, РЕАГИРААТ, СИ ГО МЕНУВААТ НАЧИНОТ НА ЖИВОТ И СЕ ТРУДАТ ДА ДЕЈСТВУВААТ И НА БЛИСКАТА СРЕДИНА. НЕКОИ, ПАК, НИКАКО ДА СФАТАТ. ПРОФИТОТ ИМ Е ПОВАЖЕН ОД НАШИОТ ПРАСТАР РОДИТЕЛ, ОД НАС САМИТЕ! АЈДЕ ДА ЗБОРУВАМЕ СО РЕЧНИКОТ НА ГРЕТА: ЈА ЖРТВУВАМЕ ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА, ТОА Е ЈАСНО. ЗОШТО? ЗА ДА МОЖАТ МАЛ БРОЈ ЛУЃЕ ДА ПРОДОЛЖАТ ДА СИ ГО ПОЛНАТ МЕВОТ И ДА ТРУПААТ ПАРИ.
автори: Маја Раванска, Анета Ристеска, Ема Тодоровска
Пожарите на сибирските шуми што гореа во август зафатија површина од 3,1 милиони хектари, што е еднакво со големината на Белгија. Огнената стихија во Амазонија, пак, зафати површина колку територијата на Велика Британија.
Гренланд за 24 часа загуби 11 милијарди тони површински мраз на океанот – еквивалентно на 4,4 милиони олимписки базени.
Се давиме во пластика – од 1950 година до лани, произведени се 9,2 милијарди тони пластика. На годишно ниво, пластиката убива повеќе од 1,1 милион птици и животни. На годишно ниво, човекот, во просек, јаде 70.000 различни видови микропластика.
Горат белите дробови на планетата Земја. Се пеплосува амазонската прашума, таа што обезбедува 20 проценти од кислородот што го дишеме ние, Земјаните. Нашиот грев е забележлив од вселената, алармираат светските медиуми.
„Домот ни гори! Сакам да кревате паника!”, предупредува активистката Грета Тунберг со „замрзнат“ изглед на лицето. Тоа се зборови на дете, но ја отсликуваат опасноста што е веќе забележлива. Место да ни „ги боде очите“, ја оттурнуваме и ја забораваме, одбирајќи да живееме во пеколот.
Ако продолжиме вака, има да нè снема. Mногу, многу бргу!
Ние луѓето се поставуваме како кралеви на светот. Затоа, сега сме во мат-позиција. Дел од нас веќе сфаќаат, реагираат, си го менуваат начинот на живот и се трудат да дејствуваат и на блиската средина. Некои, пак, никако да сфатат.
Профитот им е поважен од нашиот прастар родител, од нас самите! Ајде да зборуваме со речникот на Грета: ја жртвуваме цивилизацијата, тоа е јасно. Зошто? За да можат мал број луѓе да продолжат да си го полнат мевот и да трупаат пари. Не гледаат ли дека им ја одземаат иднината на сопствените деца, на неродените деца, на идните генерации!?
Ако погледнеме на нашата планета како на наш дом, ја поставуваме аналогијата: Дали дома, во вашиот стан/куќа би го фрлале отпадот насекаде?
Дали би ги претрупувале собите со мебел, електронски апарати што ќе бидат постојано вклучени и со разни предмети?
Дали би ги оставале славините вода да течат постојано?
Би им ги кршеле ли куќичките на вашите домашни миленици за да си го искористите материјалот од кои се направени?
Се надеваме дека на сите овие прашања одговоривте со НЕ.
Зошто тогаш ѝ ги правиме злосторствата на нашата планета, која е нашиот дом?
Следниот голем чекор во еволуцијата на човекот
Април 1961 година. Јуриј Гагарин е првиот човек во вселената. По враќањето од успешната мисија што го лансира и во историјата на човештвото, тоа што многу влијае на него не е спектакуларниот универзум надвор од нашата планета, туку погледот наназад, вперен токму кон Земјата.
– Вртејќи околу Земјата, се зачудив од убавината на нашата планета. Луѓе, да ја чуваме и да се грижиме за оваа убавина, да не ја уништуваме – порачува космонаутот по историскиот лет.
Декември 1968 година, тричлениот екипаж на „Аполо 8“ тргна кон Месечината. Астронаутите Френк Борман, Џејмс Ловел и Вилијам Андерс се првите луѓе што отпатуваа до Месечината. Не стапнаа на таа непозната територија, тоа го направија нивните колеги седум месеци подоцна, но ја направија „Earthrise“, највлијателната фотографија за животната средина – која ни го прикажува нашиот свет како совршена мала сина топка, видена од „прозорецот“ на нејзиниот верен „сосед“ – Месечината.
– Студирав астрономија и космологија, па во целост разбирам дека молекулите во моето тело и во телата на моите колеги се прототип во некоја стара генерација ѕвезди. Со други зборови, очигледно е дека ние сме ѕвезден прав – изјавуваше Едгар Мичел, астронаут од мисијата „Аполо“, кој бил шестиот човек што стапнал на Месечината, говорејќи за поврзаноста на човекот со Земјата.
Големата придобивка на луѓето што отишле во вселената, освен подвигот да „згазнат“ на екстратерестријална територија, е и феноменот, кој авторот и филозоф Френк Вајт го насловува „The Overview Effect“, познат и како „Ефектот на големата слика“. Токму овој феномен го почувствувал Гагарин, но и Нил Армстронг, Баз Олдрин, Едгар Мичел… Означува когнитивна промена на свеста, која ја дава перспективата, начинот на кој луѓето што се во вселената гледаат на планетата, полн со страхопочит, длабоко разбирање на поврзаноста на луѓето и на животот на Земјата и силно чувство на одговорност и на грижа за животната средина.
Сè повеќе мислители веруваат дека „Ефектот на големата слика“ го носи следниот „голем чекор“ на човековата еволуција. Астронаутите што имале можност да ја видат Земјата со свои очи, сведочат за нејзината неизмерна убавина – им личела на жив организам, но, во исто време, зборуваат и за ранливиот, кревок изглед.
– „Ефектот на големата слика“ стана симбол на единството на планетата. Загрижен сум дека ќе го загубиме тоа единство, ако не размислиме за тоа што го правиме и ако не дојдеме до нова филозофија, метафора или систематски пристап кон истражување на вселената – вели Вајт во изјава за „Вајс“.
Тој, во документарниот филм „Overview“ посочува и дека многу од старите цивилизации веќе го имале апсолвирано ваквиот ефект, нашето „едно“ со планетата, со целиот жив свет на неа, свесноста и совесноста, почитта кон неа.
Во оваа насока е и аналогијата со „Вселенскиот брод Земја“ преку која се предупредува на тоа дека нашата планета е природен извор со ограничени ресурси, кој мора да го користиме одговорно, во спротивно, сите ќе „останеме жедни“.
Да се освестиме и да станеме теранаути
Додека ги пишуваме овие редови, 563 луѓе го виделе „ореолот“ на Земјата, ја виделе онаа тенка светлечка обвивка што нè заштитува сите нас да „не паднеме“ од тој „брод“ во океанот на вселената. Засега, туристичките посети на вселената се скапа желба на футуристите и на иноваторите. Но, и тоа време ќе дојде. Дали е тоа цената што треба да ја платиме за да се освестиме? Вреди ли? Кој е начинот да станеме „теранаути“, односно луѓе што се освестени како космонаутите и астронаутите, без да патуваат кон орбитата или на Месечината?
Каква е визијата на Македонија?
Ова издание на „Лице в лице“, кое го посветуваме на целите за одржлив развој што се однесуваат на заштита на животната средина и на нашата планета, го подготвувавме токму во периодот кога нашата земја претрпува голема штета од пожарот што ја зафати околината на велешкото езеро Младост. Стручни лица излегоа со алармантни посочувања дека последиците се огромни и дека ќе треба да поминат многу години за боровата шума, која пред 50 години доброволно ја засадија велешани, да се ревитализира.
Дали Македонија има визија и стратегија за создавање услови за одржлив развој, со акцент на чиста вода и санитација, достапна и чиста енергија, соочување со климатските промени, подводниот свет, животот на копно?
Одговорот не е црно-бел. Интенцијата да се подигнува свеста за важноста од создавање свет во кој секоја (идна) генерација ќе има право на природните ресурси, кои стануваат сè поограничени, често е потисната од други „приоритети“.
Што правиме со водата?
Земјава секоја година го одбележува 22 март, Светскиот ден на водата, но со каква динамика тече унапредувањето на оваа сфера, останува нејасно. Особено ако се знае дека реакциите од различни места во земјава, адресирани до надлежните институции задолжени за одржување на водоводниот систем и за проверка на квалитетот на водата, се прилично чести.
Жителите на Мавровскиот регион преку медиумите се пожалија дека имаат чести проблеми со квалитетот на водата за пиење, особено по изградбата на две хидроцентрали на водоснабдителниот систем од кој добиваат вода за пиење.
– Замислете, да купуваат вода луѓе што живеат во земја со изобилство на вода – се жалат дел од жителите на Маврово.
Истражувањето што Институтот за политички истражувања од Скопје го направи на почетокот на годинава, покажува дека 49,2 отсто од анкетираните граѓани квалитетот на водата го оценуваат како непроменет од претходната (без подобрување), а 55,3 отсто од нив сметаат дека водата во земјава е чиста и безбедна за пиење. Истражувањето на јавното мислење на тема „Загадување на водите“, пак, покажува дека перцепцијата кај повеќе од половина од граѓаните (53,3 проценти) е дека државата нема соодветен пристап за соочување со загадувањето на водите. Како најголеми причинители за загадување на водите се наведени: фрлањето отпад 64,4 проценти, земјоделството и употребата на пестициди 13 проценти, индустријата и градежништвото 10 проценти.
До 2050 година Европа ќе користи 95 проценти обновливи извори на енергија, Македонија до 2020 година има цел да постигне 20 проценти
Еден од главните императиви што ги има секоја земја што работи на исполнување на целите за одржлив развој, е и постојаното зголемување на учеството на обновливите извори на енергија, наспроти тие од фосилните горива. Заложбите на европската политика за клима и за енергија повикуваат на целосна декарбонизација на производството на електрична енергија, без емисии на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина, што значи без фосилни горива. Визијата за декарбонизација предвидува до 2050 година 95 проценти од производството на електрична енергија во цела Европа да биде од обновливи извори на енергија.
Македонија бележи нагорни резултати во користењето обновливи извори на енергија за производство на електрична енергија. Сега користиме 18 проценти вака произведена електрична енергија, а целта е до 2020 година да се користат 20 проценти.
Неодамна, по препорака на Националниот совет за одржлив развој, Владата усвои пет приоритетни цели за периодот 2019-2020 година, меѓу кои е и цел 13, која се однесува на климатска акција.
Ќе мериме до каде сме со секоја од целите за одржлив развој
Поради потребата од заеднички напори на сите фактори во соочувањето со низата предизвици на глобално ниво, членки на Обединетите нации, меѓу кои е и нашата, ја усвоија Агендата 2030 и ги донесоа седумнаесетте цели за одржлив развој.
Во нашата држава координацијата на спроведување на целите за одржлив развој е во надлежност на кабинетот на потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања. Во насока на следење на спроведувањето на целите, државата првпат, во соработка со меѓународните организации и со активно учество на приватниот и на граѓанскиот сектор, ќе изработи волонтерски национален преглед. Тоа е механизам што го воспоставуваат ОН како начин да се увиди до каде се постигнувањата на државите со секоја од целите. Следнава година, преку овој механизам, земјава ќе има можност да ги сподели своите предизвици и придонеси со другите членки на Обединетите нации.
Грета и нејзините петоци – пат кон иднината
Грета Тунберг. На осумгодишна возраст ја разбра опасноста за иднината на човештвото, дивиот и растителниот свет, иднината на нашиот дом. Три години подоцна, депресијата го обои нејзиниот свет, токму поради нејзината свесност за сериозноста на штетите што ги нанесуваме на планетата. Детето што има Аспергеров синдром, ОЦД и селективен мутизам ја почувствува болката на мајката Земја и застана во нејзина одбрана. Всушност, во заштита на сите нас.
Движењето „Петоци за иднината“, кое го почна самата Грета, е движење што искажува револтот кон политиката што се однесува на заштита на животната средина. Минатата година, активистката ги почна петочните протести со барање кон шведското собрание: политиката што се применува да се насочи кон задржување на температурата на планетата Земја под два Целзиусови степена, што е ставка од потпишаниот Париски договор.
Македонскиот разгранок на неформалната глобална иницијатива во соопштение до јавноста објаснува што значи Парискиот договор за нашата земја:
„Во 2015 година земјите од светот, меѓу кои и Македонија, го потпишаа Парискиот договор обврзувајќи се дека ќе преземат решителни чекори за спречување на оваа катастрофа. Во нашиот случај, тие чекори се изложени во извештаи за проблемот, кои датираат уште од пред Париз. Во овие извештаи стои дека ако Македонија стане членка на ЕУ до 2020 година, ќе ја спроведува политиката на Унијата за намалување на емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина за 20 проценти. Ако не, тогаш ќе се следува уште помалку амбициозен план и од тој на ЕУ, кој вклучува изградба на нови електроцентрали на јаглен и по 2030 година и широка гасификација на државата.”