Актив арт

Преку хумор до заедништво: серијата „Чаршија“ ги спојува различните култури

Преку кратки хумористични епизоди, серијата „Чаршија“ го прикажува секојдневниот живот на занаетчиите во Старата скопска чаршија, преплетувајќи ги традицијата и современоста. Во текот на изминатате месеци Продукцијата Машина ја снимаше серијата „Чаршија“ каде е следен наратив од интеракции, конфликти и пријателства меѓу тројца сопственици на дуќани од различни етнички заедници — турски слаткар, албански пекар и македонски часовничар — кои ги водат своите мали бизниси еден покрај друг. Подоцна, во приказната се вклучуваат млада Бошњачка која отвора продавница за сувенири и амбициозен млад човек од ромската заедница, внесувајќи нови перспективи и хумор.

Од серијата „Чаршија“ чија режисерка е Сибел Абдиу, објавени се 10 епизоди и во наредниот период се очекуваат да бидат објавени над 20 епизоди.

Во текот на вчерашниот ден Продукцијата Машина ги отвори вратите за учениците од ОУ „Петар Здравковски Пенко“. Основците имаа можност да го посетат студиото каде што се снима серијата и да разговараат со глумците. Дел од глумците во серијата се Борче Начев, Хамди Рашити, Ванеса Петровци, Рајмонда Ахметај, Милена, Блажевска, Бену Шахин, Сон Бејта кој е и меѓу најмладите глумци во серијата и други.

При разговор меѓу глумците и децата кои ги посетија им беше презентирано како преку секојдневни ситуации, „Чаршија“ ги истражува темите на мултикултурализмот, меѓуетничкото соживување и генерациските разлики. Посочија дека целта на серијата е преку хумористични, но воедно и значајни приказни, да поттикне дијалог за различностите и мирното соживување.

„Инспирацијата за оваа серија беше од моето увидување за тоа со какви предизвици се соочуваме во општеството кога се работи за прифаќање на различностите. Јас сум дете од мешан брак и мене се тоа ми е чудно. Па затоа и ја режирав оваа серија за да може да се прикаже заедништвото. Се снима токму во Старата Чаршија затоа што тоа е едно од малкуте места каде се уште има заедништво и добри односи локалци од различна етничка припадност“ изјави режисерката Абдиу.

Следната епизода на серијата според информација од продукцијата ќе може да се следи вечерва (30.10.2025) на нивниот Youtube канал.

Фотографии: Кристијан Христов, во сопственост на Продукција Машина.

Напишете коментар