„Придружи се, испланирај, донирај!“ – одржан донаторски кружок за поддршка на граѓански организации
Донаторското здружение „Конект“ под мотото „Придружи се, испланирај, донирај!“, во четвртокот организираше донаторски кружок на кој над 70 граѓани и компании донираа за три граѓански организации, што треба да ја унапредуваат благосостојбата на граѓаните и заедниците.
Донациите се наменети за организациите „Колектив Ветерница“, „Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство“ и „Центар за младински активизам Крик“.
„’Колектив Ветерница’ ќе го претстави филмот ‘Алиса’ што ќе го прави група деца со и без попреченост. Низ процесот децата со попреченост стануваат главни ѕвезди, а нивната публика не вперува прст, туку силно аплаудира. Националната мрежа против насилство работи на проектот ‘Глас против насилство’ за фонд што им помага и ги засолнува жените што се справуваат со насилство во итни ситуации и ќе подмирува медицински и правни услуги, храна, домување и едукација за нивните деца. ‘Центар за младински активизам Крик’ ќе организира летен камп кадешто ќе се здружат врсници со и без попреченост. Едни од други најдобро ќе научат и искусат дека разноликоста е предност“, се вели во соопштението на „Конект“.
Според „Конект“, настанот покажал дека кога помалите донации ќе се здружат, филантропијата станува моќна алатка за вистинско решавање на проблемите во општеството.
„Во овие две години живеевме во пандемија, сведочиме на конфликти низ светот и се соочуваме со економска криза. Проблемите нè учат за силата на нашата поврзаност. Ова е време на негување филантропија, солидарност, обнова, нова енергија и инвестирање во решенија. Донирањето во граѓански организации што градат долгорочни промени е вистинска инвестиција во развојот“, вели Никица Кусиникова, извршна директорка на „Конект“.
Од здружението ги покануваат сите заинтересирани граѓани и компании да пристапат на донаторскиот кружок и да побараат совет директно во „Конект“ на телефонскиот број 02/3224 198 или на е-адресата [email protected] за тоа каде можат да ја вложат својата донација.