Пркос како растројство или само тинејџерски ставови?
За родителите е тешко да останат смирени кога детето со опозициско пркосно растројство (ОДД) манифестира вербални или физички испади. Добра стратегија во соочувањето со изразување интензивна лутина кај детето е чекање бурата да стивне, односно родителот да е смирен додека трае нападот на бес, а да реагира отпосле и стратегиски
Маргарита Николовска
Лутина, бес, раздразливост, неследење и непочитување правила, интенција намерно да им се наштети на другите.
Ова се главните карактеристики на опозициското пркосно растројство (ОДД) што може да се дијагностицира кај деца. И додека сите деца ги прават овие работи одвреме-навреме, децата со ОДД имаат постојана шема на раздразливост, лути испади, расправии и непослушност. Иако ова однесување обично е насочено кон авторитетни личности како родители и наставници, исто така, може да биде насочено и кон браќата и сестрите, соучениците и другите деца.
Симптомите на ОДД може да се појават на возраст од две или три години, но поверојатно е да се појават на возраст од шест до осум години. Ако ОДД не се третира и не се лекува во детството, детето може да развие долгорочни хронични проблеми, кои може да траат во текот на нивните тинејџерски години и до зрелоста. Иако ова однесување на детето не е намерно, се смета дека ОДД е поврзана со интензивна импулсивност и неможноста да се контролираат импулсите.
Улогата на биолошките фактори и воспитувањето
Многу фактори од животната средина и домот може да придонесат за појава на ОДД, вклучувајќи грубо или попустливо родителство, негативно засилување за проблематично или нарушено однесување, неконзистентно родителство или запоставување, отфрлање од врсниците, насилство и злоупотреба во домот или соседството, стресен или непредвидлив домашен живот, живот во домаќинство со ниски приходи или недоволно опслужена заедница. Основните карактеристики на личноста поврзани со ОДД вклучуваат импулсивност, раздразливост, висока емоционална реактивност, тешкотии со емоционалната регулација, емоционална нечувствителност и пониска емпатија.
Како да се постапува?
Некои од симптомите на ОДД се слични или исти со симптоми поврзани со други состојби како нарушување на хиперактивност со дефицит на внимание (АДХД), нарушување на однесувањето (ЦД), депресија, биполарно растројство и нарушување на дисрегулацијата на расположението. Затоа, за родителите и наставниците можеби не е секогаш лесно да ја направат разликата меѓу поблагите симптоми на ОДД и повеќе типични тинејџерски ставови. Затоа што, сепак, тоа е обврска на професионалци во оваа работа.
Со детето / тинејџерот треба да се разговара за неговото антагонистичко пркосно однесување и да се постават правила на однесување, кои ќе вклучуваат и казни за нивното прекршување. Воспоставувањето шема на награди и казни, која нема да биде тешко прифатлива за детето, може да биде многу корисно. Добро е родителите да покажат конзистентност и да ги спроведуваат секогаш овие правила. Конзистентното однесување од страна на родителите ќе му даде чувство на безбедност и сигурност на детето.
Ефикасна стратегија за соочување со предизвикувачкото однесување на детето е родителите да останат смирени и емоционално неутрални кога тоа покажува пркос. Викањето или тепањето само може да го влошат однесување на детето. Родителите треба да се фокусираат на неговото добро однесување и да го зацврстуваат што бара свесност и практика. Пофалбите придружени со соодветен гест како гушкање или погалување може да помогнат во зацврстување на позитивните однесувања.
Неоткриени причини за ОДД
Не е откриена причина за појава на ОДД. Истражувањата сугерираат дека гените се одговорни за околу 50 проценти од ризикот на детето за оваа состојба. Децата со семејна историја на депресија или АДХД, исто така, имаат поголема шанса да развијат ОДД. Некои истражувања од 2016 година укажуваат на разлики во некои делови од мозокот што помагаат да се регулира контролата на импулсите, решавањето проблеми, социјалното однесување и емпатијата.
Опозициското пркосно нарушување може да опстојува до зрелоста
Четириесет проценти од децата со АДХД, исто така, развиваат ОДД. Пред пубертетот, ОДД е почеста кај момчињата, по пубертетот е еднакво честа појава кај двата пола. Околу една половина од сите деца на предучилишна возраст на кои им е дијагностицирана ОДД го надминуваат проблемот на возраст од осум години. Постарите деца со ОДД имаат помала веројатност да го надраснат. Опозициското пркосно нарушување може да опстојува до зрелоста.
(Авторката е психолог и психотерапевт)
Photo: Freepik