Промоција на зборникот „И после сѐ, проблеми со родот“ во Скопје: критички истражувања за родот, полот и сексуалноста
Коалиција „Маргини“ на 3 декември ќе ја промовира новата публикација „И после сѐ, проблеми со родот – Критички истражувања за родот, полот и сексуалноста“. Настанот ќе се одржи во кафулето „Котур“, со почеток од 20 часот, а сите посетители ќе имаат можност бесплатно да добијат печатен примерок од книгата.
Oва е зборник на текстови каде што родот, полот и сексуалноста не се третирани како табу или скандал, туку како поле за мислење, историја, отпор и иднина. Текстовите ќе те научат нешто ново, но и ќе те натераат да се препознаеш. Ова е зборник за луѓе што сакаат да разберат, а не да осудуваат – велат организаторите.
Овој интердисциплинарен зборник произлегува од потребата за отворање простор за критичко, аргументирано и научно засновано промислување во време на растечка антиродова реторика и зголемен политички притисок од неоконзервативни движења. Наместо да го препушти јавниот дискурс на идеолошки манипулации, книгата настојува да ги врати клучните поими на родот во нивната аналитичка, емaнципаторска и научна рамка.

Зборникот ги опфаќа дисциплините историја, филозофија, социологија, антропологија, политичка економија, биологија, неврологија, биополитика, еволутивна биологија и современи квир студии. Со тоа, книгата ги поврзува знаењата од различни области што ги разоткриваат митовите, манипулациите и идеолошките конструкции што стојат зад антиродовите наративи.
Во публикацијата се вклучени теоретски и истражувачки трудови од влијателни светски и регионални автори. На промоцијата ќе зборуваат Ирена Цветковиќ, Јана Јакимовска (Радио Милева) и Калиа Димитрова (МЕДУЗА), кои ќе го отворат разговорот за значењето на критичката дебата во време кога родот повторно е ставен во центарот на политички и општествени конфликти.

Публикацијата претставува значаен придонес кон современите научни и општествени дебати, нудејќи алатка за студенти, наставници, истражувачи, активисти и сите граѓани што сакаат да ги разберат комплексните прашања поврзани со родот, полот и сексуалноста.
- Каде завршува природата, а каде почнува фотографијата? Изложба на Сашо Алушевски во Скопје
- Промоција на зборникот „И после сѐ, проблеми со родот“ во Скопје: критички истражувања за родот, полот и сексуалноста
- Афазија, живот по мозочен удар – приказната на адвокатката Мирјана Марковска што ја отвора темата за која владее молк
- „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска со успешна примера во Њујорк
- Работилница за новинарки: „Жените зад приказните“ – простор за поддршка, заедништво и солидарност