Осмели се, инспирирај, промени: Резултати од повикот за млади креативци
Со особено задоволство ги споделуваме резултатите од Повикот за млади креативци на „Лице в лице“, насловен „Осмели се, инспирирај, промени – Политичкиoт интегритет низ очите на младите“.
Во рамки на повикот, кој беше отворен од 21.11.2025 до 12.01.2026 година, во дадениот рок пристигна 31 дело. Делата покажаа високо ниво на креативност, храброст и зрелост во визуелното толкување на сложената тема на политички интегритет, корупција и јавна одговорност.
По пристигнатиот рок, делата беа нумерирани и испратени на анонимна оценка кон жири-комисијата, во состав: Марија Сунчевска, претставничка на „Транспаренси Македонија“, Натали Китаноска, креаторка на содржини на „Лице в лице“ и Георги Равански, графички дизајнер. По внимателна евалуација според утврдените критериуми кои беа објавени и во повикот, жирито гласаше поединечно и независно.
По вкупните гласови, ова се резултатите:

Две дела со највисоки оценки се од иста авторка, 23-годишната Андријана Весовска од Скопје. Нејзините дела се издвојуваат со исклучителна концептуална проникливост и силна визуелна метафора, која на разбирлив и моќен начин ја прикажува замрсената врска помеѓу политичката моќ и нејзините последици врз секојдневниот живот.

Колоритно и визуелно привлечно, ова дело силно комуницира порака за безизлезноста на лавиринтите на одговорност и интегритет во кои честопати се губиме како граѓани, поединци, но и како општество, а во исто време, повикува и на ургентност за ставање крај на оваа состојба.
– Илустрацијата ја прикажува заплетеноста на корупцијата и непотизмот – игри на моќ кои се сплетуваат во вечен јазол, каде единствениот излез е да се пресечат конците. Како што народот вели – „заплеткани како црева“, делото визуелно ја следи патеката на парите низ еден лавиринт без почеток и крај. Стилот инспириран од стрит арт графити културата ја носи пораката до сите, додека црвената позадина ја нагласува ургентноста и потребата за акција. Сите ние сме загушени и загубени длабоко внатре во оваа збрка, и овој цртеж пробува да даде друга перспектива на ситуацијата- посочува авторката.

Нејзиното дело пак, со порака „До кога вака“, на едноставен начин го дава симболот на „нож до коска“, кој бара итна реакција.
– „До кога вака“ е цртеж кој на едноставен детски стил представува како корумпираните договори и зафати нè гушат. Како раката на корупцијата се обвива околу нас како змија. Пораката е лесно читлива, а зборувите повикуваат на акција. До кога ќе трпиме, до кога ќе се гушиме?“ – вели Весовска.

Второнаграденото решение е за делото на 21-годишната Бисера Ќурчинска од Куманово. Ова дело импресионира со оригинален пристап и висока комуникациска сила, успевајќи сложена општествена тема да ја претвори во визуелна порака што поттикнува размислување и лична реакција, особено кај младата публика.
– Делото е инспирирано од искуствата на младите денес, кога за напредок често се бараат врски наместо знаење. Цртежот прикажува што се случува „зад нашите грбови“, додека навистина е пред нас – систем кој фаворизира мажи и богатите, додека жените и малцинствата мора да докажуваат своја вредност. Пораката е јасна: преку глава ни е! Младите заслужуваме почит и шанса да напредуваме – да живееме, а не само да преживуваме – вели Ќурчинска.



Трето-награденото дело е на 22-годишната Аника Цветановска од Скопје. Нејзиното дело се одликува со впечатлив визуелен квалитет и инклузивна порака, сугерирајќи преку многу ситни детали, кои бараат внимателност и гледање подлабоко, за да се види големата слика.
-Во едно мало гратче, луѓето веруваа дека живеат во сон – улиците облечени во меки бои, ветувања што лебдат низ небото и привид на мир кој тивко измамува. Луѓето продолжуваат да се движат низ хаосот околу нив, незабележувајќи го ѓубрето и скршените згради. Само девојката со помагало за движење беше доволно блиску за да гледа јасно. Сите сонуваа освен девојката на прозорецот, таа од горе, гледаше сè бидејќи одлучи да ги тргне очилата. Можеби ова е доволно за почеток — да престанеме да им веруваме на соништата што ни се продаваат како среќа – вели авторката.
Специјална награда од уредничкиот тим на „Лице в лице“
Специјалната награда ја доделува уредничкиот тим на „Лице в лице“, за дело кое, на минималистички начин, ја покажува особена автентичност, општествена чувствителност и силен активистички потенцијал, во целосна согласност со вредностите што ги негува „Лице в лице“.
Оваа награда ја доделуваме на 26-годишната Климентина Соколовска од Македонска Каменица, за постерот насловен „Дишеме изговори“.
-Делото ја преточува фрустрацијата на една генерација во визуелна метафора. Раката во костум, како оџак, испушта чад од изговори и ветувања – „немаме надлежност“, „процедури се“, „се работи на тоа“. Наместо решенија, ги дишеме тие зборови. Во дизајнот, раката е и дел од бродче: ова сугерира дека сите сме на ист брод, и последиците од недостаток на транспарентност и отчетност ги чувствуваме заеднички – споделува авторката.

Дополнително, нагласуваме дека дел од пристигнатите дела покажаа висок квалитет и силна порака, но беа поднесени од автори кои не го исполнуваа критериумот за возраст. Во согласност со јавно објавените услови на повикот и принципите на фер и транспарентна селекција, жири-комисијата ги зеде предвид овие дела исклучиво на ниво на увид, без нивно вклучување во процесот на награди.
На сите автори им изразуваме благодарност и охрабрување за идни повици и соработки. Честитки до наградените и благодарност до сите што оставија трага со својата работа.
Освен делата кои добиваат парични награди (200 евра за првонаградената авторка, 100 за второнаградената и 50 за трето наградената), како и спцијалната награда од „Лице в лице“, најдобро оценетите 15 дела ќе бидат поставени на изложба, која ќе се одржи во ЕУ Хаус Струга, на 11.2.2026 година.
Исто така, овие дела ќе добијат и медиумска и јавна видливост со тоа што ќе бидат објавени овде, на веб сајтот на „Лице в лице“, како и на социјалните мрежи на медиумот.
Сите пристигнати дела од повикот ќе бидат дел од нашата виртуелна галерија во периодот што следува.

Вашето мислење ни е важно. Одговорете на прашалникот подолу
Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства