Доза вести, Лице в лице, Час по родови прашања

Економската независност на жената не е прашање на индивидуален избор туку на структурни бариери

Фотографија од настан за презентирање наоди од истражување за економија - Паблик - економска независност

Истражувањето „Проценка на економијата на грижа во осум општини: реалните животни искуства на жените и политиките што го унапредуваат економското учество на жените“, покажува дека економската неактивност кај жените не е индивидуален избор, туку структурен проблем што ја ограничува економската независност на жените.

Денот на многу жени во земјава започнува рано наутро и завршува доцна навечер, а нивната работа најчесто не завршува со работното време. Продолжува дома, како неплатена грижа за деца, стари и други членови на семејството. Според податок на Меѓународната организација на трудот, дури 76% од времето за грижа го обезбедуваат жените и девојките. Tокму оваа неплатена работа е главната причина поради која жените остануваат надвор од работната сила во земјава.

Податоците во нашата земја покажуваат значителен родов јаз во неактивноста: 84.761 жени на возраст од 25 до 49 години се надвор од работната сила, во споредба со 29.639 мажи, а токму оваа возраст се смета за клучна за кариера и семејство.

На настанот за презентација на наодите пак, учествуваа релевантни претставнички и претставници на локалната самоуправа, граѓански организации, донаторската заедница, претставници на бизнисите и јавни институции.

– Истражувањето ни покажа дека неактивноста не е личен избор на жените, туку е структурна бариера и се должи на недостапни или ограничени услуги за грижа, на нееднаква распределба на неплатената работа во домот, на отсуство на флексибилност на работните места – нагласи Климентина Илијевски, тим лидерка на истражувањето, на настанот за презентација на наодите, кој се одржа неодамна во Скопје.

Таа дополни дека и покрај напредокот во законодавството и политиките за родова еднаквост, родовиот диспаритет во економското учество сè уште е длабок и директно го ограничува пристапот на жената до работа, влијае на нејзината економска независност и кариерен развој.

Истражувањето се спроведуваше во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Битола, Свети Николе, Штип, Кочани, Гевгелија и Охрид, каде беа спроведени фокус групи и теренски интервјуа со невработени и вработени жени.

Претставник на УН Вимен на истражувањето за економија на грижа

– Целта на анализата е да обезбеди конкретни и релевантни податоци за потребите на жените од осумте општини, кои ќе се искористат за креирање приспособени мерки и иницијативи. На овој начин, наодите директно ќе придонесат кон поефикасно и правично распределување на јавните средства, во согласност со принципите на родово-одговорното буџетирање, со цел подобрување на квалитетот на живот на жените и девојчињата – нагласи Мартин Нацевски, програмски аналитичар во канцеларијата на UN Women, која повеќе од 10 години работи на родово-одговорно буџетирање во земјата.

Глобален предизвик: економијата на грижа вреди 9% од БДП

Нашата земја не е исклучок, ова е глобален предизвик. Проценките покажуваат дека економијата на грижа вреди околу 9% од глобалниот БДП, односно приближно 9 трилиони долари. Ако беше држава, економијата на грижа ќе беше меѓу најголемите економии во светот, поголема дури и од економии како Јапонија.

Родов јаз и „втора смена“

Дури и кога се вработени, жените се соочуваат со двоен товар: платена работа проследена со „втора смена“ дома. Ова ја намалува нивната економска сигурност, го ограничува професионалниот развој, пристапот до подобро платени позиции и можноста за дообразување.

„После работа продолжува поголемиот, потешкиот дел дома. Сè од мене чекаат“ – вработена жена, Штип

Неплатената грижа создава замор, стрес и прегорување, а често води до напуштање на работното место. Особено погодени се самохраните мајки и семејствата со лица со попреченост.

Недостиг на услуги и ограничен пристап

Истражувањето дополнително укажува на сериозен недостиг на достапни и квалитетни услуги за грижа. Иако постојат одредени услуги, нивниот капацитет е ограничен, информираноста е ниска, а приватните алтернативи се финансиски недостапни.

Истражувачката Катерина Мојанчевска, ги презентира наодите од истражувањето

Родовите норми дополнително ја продлабочуваат нееднаквоста. Тие ја третираат грижата како „природна“ женска улога, додека учеството на мажите останува ограничено и опционално.

„Кога ќе се вратам од работа, само си ја соблекувам јакната и одиме понатаму-ручек, раскревање, пеглање.“ – вработена жена, Битола.

Недостатокот на можности за скратено работно време, работа од дома или поддршка при повторно вклучување на пазарот на труд ја ограничува економската независност и кариерен развој. Во руралните средини, овие предизвици дополнително се продлабочуваат поради недостиг на транспорт и локални сервиси.

„Се договоривме со сопругот тој да ја зема ќерката од училиште и еден ден ми кажа дека непријатно му е веќе да ја зема зашто сите пред училиштето што ги чекале децата биле жени, само тој маж.“– вработена жена, Охрид.

Фотографија од настанот на Паблик - економија на грижа

Решенија предложени од жените

Најсилно погодени се самохраните родители, каде грижата не е привремена, туку состојба што води кон долгорочна економска исклученост.

„Мене работник на четири саати не ми треба – така ми велат. А јас, како мајка на дете со попреченост, толку можам да бидам отсутна од дома.” — невработена жена, Охрид

Економијата на грижа не е приватно прашање, туку јавен приоритет, чија трансформација е клучна за постигнување на родова еднаквост и одржлив економски развој. Без системско признавање и редистрибуција на грижата, економското учество на жените ќе остане ограничено. Трансформацијата на економијата на грижа не е само прашање на социјална правда, туку предуслов за одржлив економски развој и поинклузивно општество.

Напишете коментар