Родово одговорното буџетирање води до инклузивна распределба на ресурси
Јавниот буџет има различно влијание врз жените и мажите. На пример, кратењето средства за улично осветлување влијае на безбедноста на жените, а неиздвојувањето средства за детска градинка во одредено место директно влијае на (не)вклучувањето на жените на пазарот на труд
Ивона Паунович-Бишевац
илустрација: Зоран Инадески
Зборовите не носат промени, но буџетот носи – e слоган што јасно покажува што значи родово одговорно буџетирање. Ако тежнееме кон општество во кое се унапредува родовата еднаквост на сите нивоа, тоа мора да биде проследено со промени во пристапот при распределбата и трошењето на парите од буџетот – кој е заедничка каса на сите граѓани во една држава или општина. Ако ова го формулираме на постручен јазик – родово буџетирање е вклучување на родовата перспектива во фискалната политика и во процесите на управување на јавните финансии.
Јавниот буџет не е само економски инструмент. Тој ја сумира политиката во монетарна смисла и ги изразува политичките приоритети. Тоа значи дека буџетот не е родово неутрален. Тој има различно влијание врз жените и мажите и врз различните групи жени и мажи. На пример, кратењето средства за улично осветлување влијае на безбедноста на жените, а неиздвојувањето средства за детска градинка во одредено место директно влијае на (не)вклучувањето на жените на пазарот на труд. Различната секторска политика / програми, има различни позитивни или негативни ефекти врз жените и мажите, врз нивната економска моќ и животен стандард. Затоа е важно институциите што донесуваат одлуки да се свесни дека треба да гледаат и низ родова призма кога планираат и донесуваат соодветен буџет.
Родово одговорно буџетирање (РОБ) претставува вклучување на родовата перспектива во буџетскиот процес. Тоа подразбира родово базирана процена на буџетот, вклучување на родовата перспектива на сите нивоа во буџетскиот процес и прераспределба на приходите и на расходите со цел унапредување на родовата еднаквост (Совет на Европа).
Кои се предностите?
Воведувањето родова перспектива во буџетскиот процес помага да се разбере влијанието на буџетот и да се даде приоритет на таа политика што дава позитивен придонес за родовата еднаквост. Успехот од родово одговорна политика носи придобивки и за жените и за мажите. Но, неуспехот да се усвои ваква политика доведува до ризик од долгорочни негативни ефекти, кои можат да ја продлабочат нееднаквоста, а особено неповолната положба на жените.
Зошто е важно?
Намалувањето на родовиот јаз може да има значајно влијание врз економскиот пораст. Неодамнешната пандемија и тековната економска криза имаат непропорционално влијание врз жените и ја зголемија нееднаквоста. Жените се позастапени во неформалните работни места, во социјалниот сектор и во микро и малите претпријатија, кои се најпогодени од кризата. Понатаму, жените работат повеќе неплатена работа дома, отколку мажите. Поверојатно е дека презеле зголемени обврски за грижа за време на пандемијата.
Но, мора да гледаме и подалеку. На пример, постои родов јаз не само во учеството во работната сила, туку и во здравството, образованието, неплатената работа во економијата на грижа, пристапот до кредити, технологија или приходи.
Потребите и интересите на жените и на мажите треба да бидат вклучени во процесите на буџетирање. Ова ги зголемува отчетот и транспарентноста во планирањето и управувањето на јавните финансии, го зголемува родово одговорното учество во буџетските процеси и ги унапредува родовата еднаквост и правата на жените.
Родово одговорното буџетирање може да биде драгоцена алатка за соочување со овие предизвици бидејќи овозможува ресурсите да се распределат и спроведат на поинклузивен начин. Намалувањето на овие јазови е важно за вкупниот економски пораст и води кон поправедно и понапредно општество.
(Авторката е програмска аналитичарка во канцеларијата на UN Women Скопје)