Лице в лице со продавачите на уличното списание

Секое утро излегувам со насмевка – оваа работа ми е егзистенција

Се сеќава на почетоците кога имало денови без да продаде ниту едно списание.
– Тогаш помислував да се откажам. Но, сфатив – не се сите денови исти. А откажувањето од оваа работа е откажување од чесен и сигурен приход – вели Мубија

Текст: Магдалена Чадиноска-Кузманоски 
Илустрација: Ружица Мандичевска (Руки Чуки)

На улиците низ Битола, каде што звуците од свирките се мешаат со мирисот на кафе и атмосферата на Широк сокак, живее една приказна, која e инспирација.
Тоа е приказната на една трудољубива и мотивирана жена, препознатлива по насмевката, по енергијата и, како што велат многумина, по душата што ја шири со секој поздрав.
Таа е симбол на истрајност, топлина и човечност.

– Себеси би се опишала како мотивирана, трудољубива и активна личност – вели Мубија Милошевска, продавачка на „Лице в лице“ во Битола, вклучена преку Младинскиот културен центар. 
И, навистина, секој ден таа станува со желба – да излезе, да се сретне со луѓе, да слушне добар муабет и да ја почувствува енергијата на градот. Продажбата на списанието не ѝ е само работа, таа ѝ е извор на животна енергија.
– Денот ми почнува убаво, секогаш. Секојдневните средби со луѓето ми даваат позитивна енергија, а заработката ми е потребна за егзистенција. На овој начин ми поминува денот – брзо и квалитетно – вели таа.

Не е лесно, ама не се откажувам

Оваа работа ја има од 2018 година и низ годините не ѝ било лесно. Но, не се откажала.
– Со еден збор – истрајност и желба. Ова е мојот начин на живот. Имаше и кризни моменти, како за сите, но, никогаш не се откажав. Денес сум тука – продавам списанија и добри картички.

Секојдневието ѝ е полно со предизвици. Работи на отворено – без разлика дали е дождливо, жешко или студено. Постојано сум, вели, присутна на свирки, концерти, настани.
– А тоа носи предизвици – особено со ваквото време и економската ситуација. Порано не прашуваа за цената, денес тоа е редовно прашање – додава Мубија и нагласува дека и настаните надвор од нејзина контрола, како неодамнешниот немил настан во Кочани, влијаат врз расположението на луѓето, а со тоа и на продажбата.

Се сеќава на почетоците кога имало денови без да продаде ниту едно списание.
– Тогаш помислував да се откажам. Но, сфатив – не се сите денови исти. А откажувањето од оваа работа е откажување од чесен и сигурен приход – вели Мубија.



И јас ја разбирам кризата на луѓето

Меѓутоа, има моменти што вредат за цела година. Омилени ѝ се вечерите со свирки – атмосферата, насмеаните луѓе, нивната поддршка. 

– И јас се забавувам додека продавам – вели таа – и сето ова, на некој начин, придонесува и за квалитетот на мојот социјален живот.
Во Битола сите ја знаат и ѝ се обраќаат со „мајка“. Таа не е само продавачка – таа е препознатливост на градот.

– Луѓето ми нудат кафе, оброк, прегратка. Тоа ме прави среќна. Од млади до стари – сите ме поздравуваат. Не мора секогаш да купат нешто од мене, ја разбирам и нивната криза, некогаш е доволно само да поразговараме, мене и тоа ме прави среќна – раскажува Мубија.

Секогаш ќе го памети моментот кога еден странски државјанин ѝ купил 30 списанија одеднаш.
– Среќата ми беше огромна. Такви нешта не се забораваат. Ме изненади и уште еднаш ми докажа дека сè уште има луѓе што го препознаваат нашиот труд и желбата да заработиме на чесен начин.

На крајот од разговорот, испрати и порака за сите тие што ја поддржуваат.

– Благодарна сум на секој што некогаш купил списание од мене. А тие што не можеле во даден момент – знам дека кога ќе можат, ќе го сторат тоа. Немам лутина, само надеж – вели таа.
А надежта? Таа е едноставна, топла, човечка.

– Прво – да сум здрава и да можам да работам. Да имам покрив над глава. Сакам и повеќе фирми да ми откупуваат списанија. А до крајот на годинава – сакам да си купам обетки – нè испраќа со насмевка што остава трага.

Напишете коментар