Што правам деновиве…
Пандемијата на вирусот корона донесе големи промени во нашиот живот. Почесто сме дома, работиме и учиме преку компјутер и поретко се гледаме со нашите пријатели. Овие промени ги чувствуваме сите, но не секој од нас зборува за нив. Овој напис е збирка приказни на пет момци и девојки со Даунов синдром со кои редовно зборуваме преку „Зум“, „Вотсап“ и „Фејсбук“. Напишани се на лесно читлив и разбирлив јазик, за кои самите потврдија дека им одговара.
Оливер
Оли често оди во викендичката во Таор.
Таму сече сликички од списанија и од нив прави колаж.
Најмногу сака слики од ликови. Откако ќе ги исече, ги лепи на ѕидовите од собата. Sидовите се многу шарени и интересни.
Тој прави и многу убави вази од искористени шишиња.
Празните шишиња ги обвиткува со хартија и со конец од јута.
На Оли му е понекогаш здодевно дома.
Сака да оди на работа во ресторан за да прави кафе, но сега не може. Може да прави кафе дома – нескафе, турско.
Многу му недостига играњето во „Денсерс јунајтед“. Едвај чека да почнат натпреварите по танц за да собере нови пехари и медали.
Илина
Илина е ученичка во гимназијата „Ѓорѓи Димитров“.
Сега има само часови на интернет. Со дефектологот Мери и со професорите зборува и се гледа преку „Мајкрософт тимс“.
Омилен предмет ѝ е македонски.
Пред две недели имаше тест за акценти. Не беше многу тежок.
Сака да пишува поезија. Има напишано многу песни.
Пишува за Скопје, за љубов, за другарство и за танго.
Секој ден вежба танго со Марио преку „Зум“.
Ужива во тоа и едвај чека да танцува со живо. Во сабота и во недела оди на трчање и на пливање. Знае да плива краул и делфин, а сега ја вежба техниката пингвин.
Никола
Никола ги поминува деновите дома, со мајка му и со татко му.
Му недостига излегување во ресторани и во кафулиња, посебно во „Јавна соба“. Еднаш или двапати во неделата оди кај тетка му и кај тетин му во Лисиче. Сака да им оди на гости затоа што имаат голем двор и често прават скара.
Кога е дома, Никола ја зема гитарата и пробува да свири.
Најмногу сака да го слуша Влатко Стефановски.
Навечер оди на прошетка низ паркчињата околу зградата.
Кога ќе се врати гледа една епизода од „Преспав“. Не сака многу да зборува преку телефон со сестра му,
но интересно му е кога се гледаат преку видео.
Антонија
Антонија не оди на училиште, но има часови преку видео.
Убаво ѝ е дома, ама ѝ недостигаат другарчињата. Добро ја слуша наставничката Мирфетка.
Сама ги вклучува микрофонот и камерата ако сака да каже нешто.
Задачите ги решава дома со помош на батковците, тато и мама.
Многу се радува кога ги гледа децата од одделението на компјутер.
Некој крева рака, некој се смее, некој зборува, некој се проѕева.
Интересно е кога има многу лица на екранот.
Ги препознава и по глас.
Секоја недела има часови со дефектологот Данче и со логопедот Драгана.
Понекогаш ѝ помагаат со домашната работа. Антонија најмногу се радува кога оди на зумба.
Таму има многу другарки: Андреа, Кики, Ива и Марија-Магдалена.
Јулијана
Јуле обожава да оди на работа во печатница.
Обично оди со автобус, но сега има помалку линии поради вирусот корона. Затоа родителите ја носат на работа со кола.
Кога излегува секогаш носи маска. Кога е убаво времето Јуле вози велосипед во Сарај.
Таа е активна спортистка и членка на Специјална олимпијада.
За викенд оди на пливање на базен во „Борис Трајковски“.
Јуле многу сака да готви.
Лани готвеше за „Ретвитни оброк“, a cега готви јадења дома.
Готви со мајка ѝ или со сестра ѝ Ана.
Јуле сака да излегува и да танцува. Тоа многу ѝ недостига. Последен пат танцуваше на забава преку „Зум“, на песна од Тина Тарнер.
(Содржината ја подготви Росица Колева, специјален едукатор и логопед)
Браво Росица за концизното и разбирливо претставување на Оли, Никола, Антонија, Илина и Јуле….секој од нив има јак и силен карактер и многу може да се напише …секако по едем долг расказ,дури и книга, бидејќи навистина живеат исполнети животи и се активни со интересите и хобито кое го одбрале. моја привилегија е што сум ги сретнала и со нетрпение очекувам повторни средби…доколку организирате некоја дружба на Зум…ваша сум🙏❤️