Смилево е домаќин на „Зрно“, уникатен фестивал за аналогна фотографија

Групна фотографија од 2023, колодиум, Предраг Узелац/Сашо Алушевски
Во живописното село Смилево, под падините на планината Бигла, започна едукативната програма на фестивалот Зрно 2025 – еден од најзначајните настани посветени на алтернативната фотографија во регионот. Со мотото „ФотоСинтеза – основа на животот!“ , фестивалот се одржува од 17 до 23 јули, во селото со богата историја и автентична атмосфера.
Смилево станува дом на осум интензивни работилници што ги водат искусни фотографи и едукатори од различни европски земји. Учесници од цела Европа ќе учат, експериментираат и ќе творат заедно со локалната заедница, градејќи платформа за интеркултурен дијалог преку уметноста на аналогната фотографија.
– Ова е повеќе од фестивал. „Зрно“ е заедница што поврзува луѓе, култури и идеи, градејќи трајни релации меѓу поединци, институции и локални заедници – изјавуваат од тимот на фестивалот.
Фестивалот е посветен на алтернативната фотографија, со фокус на аналогни, историски фотографски постапки, каде секоја фотографија се изработува рачно и е уникат. Покрај работилниците, програмата опфаќа теренски активности, дискусии и простор за слободно творење – сето тоа во опуштена и инспиративна атмосфера.
Менторите доаѓаат од Нови Сад, Белград, Виена, Милано, Темишвар, Осијек и Скопје, носејќи со себе различни перспективи и искуства кои се спојуваат во Смилево.

Како централен настан во јавната програма, на 19 јули, во соработка со НУ „Смилевски Конгрес“ и патувачкото кино на „МакеДокс“, ќе се одржи вечер посветена на визуелната уметност и музиката. Настанот ќе вклучува изложба на австрискиот фотограф Флориан Копр во поранешната кооперација, проекција на документарен филм под отворено небо, како и акустичен концерт на Филис Синановска. Тоа ќе биде вистински спој на фотографијата, традицијата и заедничкото живеење на уметноста.
Особено значајна компонента на овогодишното издание е и соработката со Државниот Архив на Македонија – одделение Битола. Учесниците имаат ретка можност да работат со дигитализирани негативи од колекцијата на Браќата Манаки. Печатејќи позитиви со рачни, историјски техники, фестивалот отвора врата за современо препрочитување на културната меморија – оживувајќи ја историјата преку објективот на сегашноста.
Покрај работилниците, „Зрно“ нуди и простор за теренска работа, креативни дискусии и слободно творење. Сето тоа се одвива во инспиративна и опуштена атмосфера, каде секоја фотографија се изработува рачно и секое дело е уникат.
Повеќе информации на овој линк.