Со патишта од пластика до почиста средина
ПОКРАЈ ТОА ШТО СЕ ВОДООТПОРНИ, ОВИЕ ПАТЕКИ МОЖАТ ДА ИЗДРЖАТ ВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА И ПОГОЛЕМИ ОПТОВАРУВАЊА. ПОРАДИ ПЛАСТИКАТА, ДОЖДОВНИЦАТА НЕ ПОМИНУВА НИЗ НИВ, СО ШТО, ПАК, ИМАМЕ ПОМАЛКУ ПОПРАВКИ
Една од главните закани за животната средина е исфрлањето на отпадната пластика.
Од друга страна, пак, изградбата на патишта во цел свет е незапирлива. Eкспериментирањето со нив и со материјалите при нивна изградба, со цел да бидат поодржливи, е клучниот елемент зошто овде ги опфаќаме овие аспекти.
Дебатата за употреба и за злоупотреба на пластиката во однос на животната средина може да продолжи без да даде резултати, сѐ додека не се преземат практични чекори од широки размери, кои ќе покажат како секој може да направи нешто за тоа. Пластичниот отпад може да се користи во градежништвото и за изградба на патиштата. Теренските тестови го издржаа стрес-тестот и докажаа дека овој тип отпад, по соодветно преработување, ќе реши добар дел од еколошките проблеми.
Пукнатините и бранестите оштетувања се најголем проблем на автопатиштата, патиштата, градските сообраќајници. Различна литература сугерира дека кога ќе се додаде во топли агрегати, отпадната пластика формира фин слој над нив. Тие, пак, кога се мешаат со средството што врзува – имаат поголема сила, отпорност и подобри карактеристики со текот на времето. Употребата на пластика за отпад ја подобрува отпорноста на абразија и го подобрува пролизгувањето на асфалтниот коловоз.
Урбанизацијата го зголемува производството на пластичен отпад
Брзата стапка на урбанизација и на развој доведе до зголемување на производството на пластичен отпад. Бидејќи биоразградливата пластика е во природата, таа останува во животната средина неколку години, а отстранувањето пластичен отпад на депониите е небезбедно бидејќи токсичните хемикалии протекуваат во земјата, подземните води и ги загадуваат водните базени. Поради несоодветниот систем и инфраструктурата за управување отпад, отстранувањето пластичен отпад останува главен проблем за властите, особено во урбаните области.
Пластичните патишта се дел од решението. Тие како материјал, главно, користат пластични кеси, чаши за еднократна употреба и ПЕТ-шишиња што се собираат од депониите. Кога се меша со врел битумен, пластиката се топи за да се формира маслен слој над агрегатот и смесата се депонира на површината на патот како вообичаен битумен.
Поекономичен приод и без токсични емисии на гасови
Последниве години е зголемен бројот на истражувањата што покажуваат како мешовитата пластика може да се рециклира и повторно да се употреби. Вообичаено, познати се две методологии. Според првата, мешовитиот материјал се меле, а кај втората се практикува раздвојување на измешаните полимери, за повторно да се добијат чисти состојки. Патиштата изградени со оваа технологија се со подобар квалитет и не бараат одржување во првите пет години. Овој приод чини помалку во споредба со битуменскиот пат и нема токсични емисии на гасови. Покрај тоа што се водоотпорни, овие патеки имаат и подобри својства за врзување, повисока точка за омекнување и можат да издржат висока температура и поголеми оптоварувања. Поради пластиката, дождовницата не поминува низ овие патишта и тоа резултира со помалку поправки.
Важна предност на оваа методологија е тоа што градските власти, кои, обично, немаат доволно финансиски средства, можат да заработат со продажба на пластичен отпад генериран од жителите на самата општина, со потпишување меморандум за разбирање со компаниите за изградба на патишта.
На краток рок, поголем предизвик за пластичните патишта е начинот на реализација бидејќи бара голема поддршка од јавноста и од државните агенции.
(Авторот е дипломиран градежен инженер)