Доза вести, Лице в лице

Социјалното менторство помага на младите приматели на помош да најдат работа

Недостигот од работна сила е една од најболните точки на македонската економија. Додека компаниите алармираат дека кубурат со работна сила, над 90.000 сограѓанки и сограѓани, и понатаму се водат како невработени, а стотици илјади се неактивни на пазарот на труд. Во вакви околности, се поставува прашањето: каде се младите кои добиваат Гарантирана минимална помош (ГМП)?

„Веруваат дека не можат“ – најголемите бариери почнуваат во главата

Марија Цветаноска – Трпески работи како социјална менторка во организацијата „Паблик“. Таа секојдневно е во контакт со млади приматели на ГМП (социјална помош). Нејзината задача е да им помогне да ги препознаат сопствените способности, да излезат од стагнацијата и да направат чекор кон економска независност.

Според неа, причините зошто многу млади не бараат работа се многу подлабоки од стереотипите што често се споменуваат во јавноста.

– Повеќето од младите со кои работам се убедени дека нивните слабости се посилни од нивните способности. Вистинските бариери се траумите, сиромаштијата, изолацијата, непрепознавањето на капацитетите, семејните околности и незнаењето како да направат промена – објаснува таа.

Овие млади, додава Марија, со години живеат во комфорна зона – прават само она што им е познато. И токму затоа, тешко ја напуштаат.

– Во таа лажна зона на удобност, секојдневието е исполнето со напнатост, изолација и уверувањето „не можам“. Тоа уверување е многу посилно од секоја можност – вели социјалната менторка.

Реформата на социјалната заштита: поддршка или стагнација?

Кога во 2019 година беше воведена Гарантираната минимална помош, државата најави дека ќе создаде систем што ќе ги поддржи сиромашните, но истовремено и ќе ги активира и ќе им помогне да излезат од кругот на сиромаштијата и невработеноста.

Шест години подоцна, прашањата остануваат отворени: Дали социјалната помош навистина мотивира кон вработување? Или пак, несвесно ги држи луѓето заробени во системот? Дали ГМП е доволна за достоинствен живот? И најважно: дали работоспособните приматели добиваат реални можности за активација?

Одговорот, според социјалната менторка Цветаноска – Трпески, е јасен:

– Кога поддршката е индивидуална и континуирана, има резултати. Јас веќе имам вработено луѓе кои успешно се интегрираат и се исклучуваат од системот на социјална заштита.

Социјалното менторство – мост кон нов почеток

Она што се покажува како клучно во процесот на активација е индивидуалниот пристап. Токму тоа го нуди социјалното менторство. Таа услуга, која „Паблик“ ја развива веќе неколку години, нуди индивидуален пристап и работа лице в лице. Секоја менторска сесија носи нова можност за градење самодоверба, подготвеност и вештини.

– Работиме на трансформација на лимитираните верувања. Кога млад човек ќе почне да верува дека може, тој навистина почнува да прави чекори – вели Марија.

Преку менторството, младите приматели на ГМП добиваат поддршка да ги препознаат сопствените таленти, насоки каде да бараат работа.

– Исто така, гледаме на луѓето како на луѓе со потенцијал, а не на пасивен примател на помош. Така и доаѓаме до тој, нов поглед на себе и сопствените можности. Кога ќе се почувствуваат слушнати, сфаќаат дека заслужуваат повеќе од животот што го живеат – додава Марија.

Потребна е јасна разлика – кои категории имаат долгорочна потреба од социјална помош?

Еден од клучните предизвици е да се направи јасна линија: Социјалната помош мора да остане силна и стабилна за оние кои се навистина неработоспособни, како на пример, лица кои имаат здравствени предизвици и повозрасни луѓе.
Фокусот на Цветаноска – Трпески е кај младите и работоспособните, со кои таа работи на активација, поддршка и мотивирање.

Излезот постои – но бара време, трпение и вистинска поддршка

Иако проблемите се комплексни, решенијата не се недостижни. Искуствата од теренот покажуваат дека кога младите приматели на социјална помош добиваат индивидуална поддршка, насока и верување во нивните способности – тие почнуваат да прават чекори напред.

Социјалното менторство не ги вработува луѓето – туку ги подготвува да поверуваат дека можат да работат и да успеат.

А тоа е првиот, најважен чекор кон економска независност и напуштање на социјалната помош.

Напишете коментар