Социјалното менторство го надминува јазот помеѓу работникот и работодавецот
Лицата со кои се работи секојдневно издвојуваат нови победи во својот живот. Успешно се грижат за своите деца, одат на работа, ги завршуваат своите работни задачи, се дружат со колегите од работа, го споделуваат својот живот и со други луѓе, освен со домашните. Гледаат и други проблеми со кои се соочуваат колегите од нивната околина, ја гледаат убавата страна на животот. Имаат чувство на исполнетост кога ќе им легне платата на сметка, тоа е нивни личен труд
Сандра Крстевска-Саревска е една од првите 12 социјални ментори (ментори за работна интеграција) што Македонија ги доби во време на пандемијата. Работи во Дневен центар за лица со интелектуална попречености во Куманово и по месеците обука за оваа нова и сѐ попотребна професија кај нас, своето знаење го насочи кон поддршка и водење на родителите на децата со попреченост – при процесот на нивна интеграција на пазарот на трудот. Вели дека на ваков начин тие за првпат, по години отсуство, имаат можност да се вклучат во работен ангажман.
– Постојано споделуваат дека сега се гледаат со други очи, прво самите себе, а потоа и своето дете кога ќе дојдат дома. Не кријат дека се многу повесели и со повеќе слободно време – вели Крстевска-Саревска.
Фазите и придобивките на социјалното менторство – во фокус на нашиот разговор.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”show” ihc_mb_who=”4,5″ ihc_mb_template=”3″ ]
Вие сте една од социјалните менторки што ја поминаа верификуваната програма што има цел лицата што тешко можат да се вработат да ги изнесе од кругот на економска и социјална исклученост. Какво искуство Ви донесе оваа програма? Што е за Вас социјалното менторство? Каков вид партнерство?
Со социјалното менторство се прошируваат полињата на дејствување. Програмата ја гледам како една можност, а воедно и решение за еден подолготраен проблем што се провлекува со години низ мојата работа, а тоа е тешкото стигнување со вработување, прво на лицата со попреченост, а и на нивните родители, кои се грижат за нив. Социјалното менторство се покажа како решение на еден тежок и горчлив проблем што го имаат повеќето семејства на лицата со попреченост.
Колку сметате дека социјалното менторство ќе најде примена во сите професионални предизвици пред Вас во иднина? Колку како систем ни недостига овој пристап за зголемување на степенот на инклузивни работни места кај нас? Но и на свеста за потребата од нивно постоење?
Социјалното менторство отвора една нова врата кај бизнис-секторот за потребата од отвореност на пазарот на трудот за поголема можност за вработување на ранливата категорија граѓаните, со една соработка во вид на триаголник. Социјалниот ментор, бизнисот, добива еден квалитетен работник, а лицето чувство на исполнетост, задоволство и станува рамноправен член на општеството.
Работите со деца со попречености, како специјалнa едукаторка, но решивте дека главната поддршка при процесот на (ре)интеграција на пазарот на трудот ќе им ја дадете на нивните родители, исто така, категорија лица што тешко можат да се вработат. Со што се соочивте претходно за да дојдете до оваа одлука? Што беше пресудно?
Секојдневно преку децата остварувам контакт и со родителите. Во повеќето од семејствата мајката останува дома за да се грижи за детето и за неговите потреби. Овие жени ја имаат жртвувано својата кариера, имаат железни нерви во соочувањето со проблемите што ги носи секојдневниот живот во грижа за дете со попреченост. Јас како професионалец само ја гледам површината од таа борба, а тие го живеат тоа. Во секојдневните разговори кога им е најтешко честа е реченицата: „Ах, само пет минути да можам да се тргнам од секојдневието“. Оттука дојде идејата да им се подаде рака на овие жени и и ним да им се даде можност за вработување.
Какви промени забележувате кај лицата со кои се работи? Што носи тоа во нивниот живот? Колку ги менува? Колку и како ја менува нивната личност и како придонесува за чувството на исполнетост, реализираност, отвореност за дружба со пријателите, за позитивното ментално здравје… Може ли да споделите некое од искуствата? Видено низ Ваша, но и нивна перспектива.
Лицата со кои се работи секојдневно издвојуваат нови победи во својот живот. Успешно се грижат за своите деца, одат на работа, ги завршуваат своите работни задачи, се дружат со колегите од работа, го споделуваат својот живот и со други луѓе, освен домашните. Гледаат и други проблеми со кои се соочуваат колегите од нивната околина, ја гледаат убавата страна на животот. Го имаат чувството на исполнетост кога ќе им легне платата на сметка, тоа е нивни личен труд. Мајките кажуваат дека подобро се чувствуваат во својата кожа, дека имаат време за сѐ, посмирени се и поисполнети.
Низ својата работа како социјален ментор, својата услуга им ја овозможувате и на жени-жртви на семејно насилство. Може ли да направите одредена споредба во предизвиците што излегуваат пред Вас во работата со родителите на лицата со попреченост, од една страна, и со жените-жртви, како ранлива категорија, од друга страна? Кои се потенцијалите на социјалното менторство во двата случаја?
Двете групи се сосема различни, тука најмногу може да се видат позитивните страни на социјалното менторство. Тоа не е шаблон според кој се работи, не е форма на работа, тоа е индивидуализиран пристап што е токму за лицето со кое се работи. Се гледаат афинитетите, способностите, можностите на лицето и според сите тие инпути што ги добиваме, секогаш, ама секогаш заедно со лицето, ниту во ниеден случај без него, се преземаат соодветни планови и мерки за негово успешно интегрирање на пазарот на трудот.
Во текот на работата како социјална менторка веќе имате реализирано вработувања во компании на лица што тешко се вработуваат. Генерирате резултати што значат позитивни промени во нивниот живот. Што вели вашето искуство, како едно лице ја прифаќа организациската култура, но, и како средината го прифаќа лицето? Какви се искуствата со компаниите што покажуваат отвореност, но и со тие што манифестираат скепса и несигурност? Што е најважно во овој двонасочен процес?
Лицата брзо се приспособуваат и ги искажуваат своите дилеми околу работните задачи на социјалниот ментор – повеќе отколку на работодавецот. Со помош на менторството се надминува јазот меѓу работникот и работодавецот. Многу често се случува работникот да не е задоволен, а тоа да не го покажува, но и да завршува повеќе работни задачи отколку што треба.
Што покажува Вашето искуство, дали македонските работодавци манифестираат зрелост и разбирање на предизвиците што ги имаат родителите на децата со попреченост – при интегрирањето на пазарот на труд? Дали постои приспособеност кон нивните потреби – најчесто врзани за одговор на потребите на своите деца (отсуства поради болест и сл.)?
Вработувањето со помош на социјалното менторство не значи дека го вработувате поради сожалување и дека иако не работи треба да го задржите на работно место. Со социјалното менторство сѐ има повратен процес. Значи, ние го вреднуваме вашето видување за квалитетите на лицето, за неговите можности и ограничување и ги прифаќаме критиките на работодавецот, сѐ со цел да се унапреди лицето да работи на своите слабости и да се најде соодветно работно место на кое ќе може да се докаже.
Што Вам лично Ви донесе програмата за социјално менторство? Кои се промените кај Вас? Што, пак, можеби Вие ѝ (до)дадовте на оваа социјална иновација?
Социјалното менторство ме научи да ги слушнам тивките потреби на лицата со кои работам, да ги препознам нивните барања, да ги соочам со нивните можности, но и нивните ограничувања. Да ги пронајдам решенијата и таму каде што ги нема. Социјалниот ментор е мотиватор, реализатор, но и ве соочува со вистината.
Фотографија: Томислав Георгиев
[/ihc-hide-content]
Еден коментар на “Социјалното менторство го надминува јазот помеѓу работникот и работодавецот”