Старата скопска чаршија низ очите на младите: француско-германски проект ја спојува традицијата со иднината
Како изгледа Старата скопска чаршија кога минатото и иднината се среќаваат низ објективот на младите? Одговорот го нуди француско-германскиот културен проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината“, кој преку изложба на фотографии и документарен филм ја оживува автентичната приказна на едно од најзначајните културни јадра на Скопје.
Настанот, кој има за цел да го промовира и зачува културното и историското наследство на Старата скопска чаршија, ќе биде свечено отворен вечерва, 22 јануари 2026 година, во 19 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан во Скопје.
Меѓународна соработка за културно наследство
Проектот ја нагласува важноста на меѓународната културна соработка меѓу Франција, Германија и Северна Македонија, со фокус на креативни пристапи за зачувување и валоризација на културното наследство. Во рамки на проектот беа реализирани пет интердисциплинарни работилници: по видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура.
На работилниците учествуваа повеќе од 25 студенти од различни факултети во Скопје, кои работеа заедно со реномирани домашни и меѓународни уметници, режисери и професори.
Фотографии што ја раскажуваат приказната на Чаршијата
Изложбата е дел од одбележувањето на Елисејскиот договор, а опфаќа фотографии изработени од студентите учесници во фотографската работилница, под менторство на познатиот германски фотограф Хајнрих Холтгреве.
Фотографиите прикажуваат спој на старото и новото во Старата скопска чаршија – архитектурата, секојдневниот живот, обичаите, мултикултурниот дух, лицата, спомениците и автентичните сокаци на овој историски простор.
Документарен филм за животот во стариот град
Во рамки на настанот ќе биде прикажан и краток документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие, реализиран заедно со студенти од Факултетот за драмски уметности. Филмот ги истражува културните белези, меѓукултурниот и меѓугенерацискиот дијалог во Старата скопска чаршија.
Посетителите ќе имаат можност да видат автентични сцени од секојдневието, како атмосферата во кафулињата, рестораните, продавниците, зелениот пазар, како и богатата културна динамика на овој значаен скопски локалитет.
Настанот ќе го отворат амбасадорите на Франција и Германија во земјава, Кристоф Ле Риголер и Петра Дрекслер. Во рамки на отворањето, свечено ќе им бидат доделени благодарници на сите учесници и соработници на проектот.
Настанот е во организација на Францускиот институт во Скопје, во соработка со Гете Институтот и со поддршка на Универзалната сала.