За забоболка одиш на забар, за душата – што правиш?
Автори на текстот: Анета Ристеска, Александра Лопарска – Илоска и Борјан Исајлоски
Концепт за фотографии: Натали Китаноска и Ирена Крстевска
Видеа: Натали Китаноска, Александра Томан, Лука Плушкоски и Раде Гоговски.
Илустрација: генерирана со Вештачка интелигенција, преку алатката „Канва“, со насоки дадени од Натали Китаноска.
За забоболка одиш на забар, за душата – што правиш?
Над 48 проценти од адолесцентите во Македонија изјавиле дека се чувствувале нерасположени или тажни во поголем дел од изминатата година. На глобално ниво се проценува дека годишно се губат 12 милијарди работни денови поради изгубена продуктивност на вработените како резултат на депресија и анксиозност, а во исто време депресијата силно удира и на возрасните над 60 години веднаш после пензионирањето… И покрај алармантноста на проблемот, колку стигмата не ограничува во грижата за нашето ментално здравје?
Лошото ментално здравје поскапо од трошоците за лекување на ракот
Депресија, стрес, анксиозност. Ова се најголемите предизвици со кои се соочуваат младите на возраст од 15 до 29 години, покажува истражувањето спроведено од Филозофскиот факултет во 2021 година. Процентите на депресија и самоубиства се загрижувачки високи. Само 27% од младите сметаат дека перцепцијата за нив во општеството е позитивна, што дополнително ги одвраќа од барање помош. Половина од испитаниците не бараат помош поради срам, високи трошоци или страв од осудување.
Значителен број, 34,4%, од адолесцентите во Македонија изјавиле дека депресивните симптоми негативно влијаеле на нивната секојдневна работа, грижата за домот или односите со други луѓе, се вели во истражувањето на УНИЦЕФ објавено во мај 2023 година. Ова укажува на сериозен проблем кој го зафаќа секојдневниот живот и функционирање на младите, и покренува прашања за потребата од подобра поддршка и интервенција.
Речиси половина (48,4% ), од адолесцентите изјавиле дека се чувствувале нерасположени или тажни во поголем дел од изминатата година, иако имало и денови кога биле добро расположени.
Освен депресијата, анксиозноста е исто така значаен проблем меѓу адолесцентите. Речиси 42,1% од нив изјавиле дека имаат умерени до тешки симптоми.
Сите овие податоци ја нагласуваат потребата од континуирана психолошка поддршка и програми за ментално здравје насочени кон младите.
Според психолошките истражувања, препознавањето на емоциите е клучен чекор кон емоционалната интелигенција и менталната благосостојба.
Трошоците, пак, поврзани со состојбите на менталното здравје се очекува да пораснат на 6 трилиони долари глобално до 2030 година, според студијата на Светскиот економски форум и Харвардската школа за јавно здравје. Ова го прави лошото ментално здравје поскапо од ракот, дијабетесот и респираторните заболувања заедно. Ваквите прогнози покажуваат колку е значајно да се инвестира во превенција и грижа за менталното здравје, со цел да се намалат и економските и социјалните последици од оваа растечка криза.
Според истражувањето на Светската здравствена организација, околу 20% од децата и адолесцентите ширум светот имаат ментални нарушувања, но само мал процент од нив добиваат соодветна помош. Некои од најчестите симптоми што треба да ги препознаеме се постојана тага, губење интерес за активности, промени во апетитот или спиењето, и намалена енергија. Навремено препознавање на овие симптоми и консултација со професионалци може значително да помогне во третманот и управувањето со проблемите со менталното здравје.
Стигмата и табуата околу менталното здравје
Во многу заедници, особено во помалите градови, разговорите за менталното здравје се ретки и обвиени со срам, што создава средина каде луѓето се плашат да зборуваат за своите проблеми и да бараат помош. Менталните проблеми често се гледаат како знак на слабост или нешто што треба да се крие, што го зголемува товарот на оние кои страдаат, принудувајќи ги да ги држат своите проблеми во себе.
Ова се одговорите дадени за прашалник на „Лице в лице“, чија цел е да допре до предизвиците со кои се соочуваат нашите граѓани, а се врзани за менталното здраво.
Одговорите упатуваат дека важно е да се зборува за менталното здравје и да се бара помош кога ни е потребна.
Потиснувањето на емоциите не е ништо ново, но штетите што ги носи можат да бидат огромни. Потиснатите емоции често водат до анксиозност и депресија, а според истражувањата, повеќе од 264 милиони луѓе ширум светот страдаат од депресија.
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои активно се грижат за своето ментално здравје, било преку терапија, медитација или поддршка од блиски, имаат подобри резултати во справувањето со стресот и анксиозноста. Според National Institute of Mental Health, разговорот со стручно лице најмногу може да помогне во разбирањето и управувањето со нашите емоции.
Повеќе време во природа, арт терапија, разговор со блиски, физичка активност и техники на дишење се само некои од методите за справување со предизвиците врзани со менталното здравје.
Според истражување на Харвардската медицинска школа, редовната физичка активност, медитацијата, и техниките за релаксација се меѓу најчестите и најефективните методи за подобрување на менталното здравје. Oва не само што помага во намалување на стресот, туку и во подобрување на општата благосостојба и квалитетот на животот.
Холистички наспроти медицински модел
На оваа тема разговаравме со психологот Лина Ќостарова Унковска.
„Холистичкиот пристап гледа на човекот/детето „во контекст“, земајќи ја предвид целината од неговото физичко, емоционално, социјално и духовно здравје.
Клик на фотографијата и читај!
Баланс – патот до подобро ментално здравје. Поддршка и во работните средини
Бизнисите имаат клучна улога во поддршката на менталното здравје. Според Светската здравствена организација, околу 15% од глобалната работоспособна популација страда од ментална болест, што влијае не само на личниот живот, туку и на работните перформанси. Анксиозноста и депресијата ја чинат глобалната економија околу 1 трилион долари годишно. Корпоративните лидери сè повеќе препознаваат дека имаат одговорност да обезбедат работни средини кои ќе ја поддржат менталната благосостојба на вработените и да развијат програми кои ќе ги адресираат овие проблеми.
Во современиот свет, границите помеѓу работата и приватниот живот сè повеќе се губат. Она што вработените го доживуваат дома, несомнено се пренесува на работното место, и обратно. Компаниите, свесни за ова, почнуваат да се фокусираат на создавање работна средина која не само што го поддржува професионалниот успех, туку и личната благосостојба на вработените. Оваа промена го зголемува задоволството на вработените, а со тоа и позитивно влијае на нивното ментално здравје.
Иако не е возможно компаниите целосно да обезбедат рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот, тие сепак можат да промовираат стратегии кои го олеснуваат постигнувањето на овој баланс. Една од најуспешните практики е воведувањето на флексибилно работно време и можноста за работа од дома, што на вработените им дава поголема автономија во управувањето со своето време. Понатаму, менаџерите се охрабруваат да се фокусираат на резултатите и продуктивноста, наместо на бројот на работни часови, што создава повеќе доверба и поддршка во тимот.
И луѓето од високиот менаџемент, кои одржуваат здрав баланс помеѓу професионалниот и личниот живот стануваат инспирација за своите тимови. Дополнително, обезбедувањето поддршка за родители за време на родителскиот период преку флексибилни работни часови и соодветни мерки помага во избегнување на прегорување и анксиозност. Понудата на бесплатни фитнес членства, сесии со психолози, или тимски активности, исто така придонесува за промовирање на здрав животен стил и личен развој.
Технологијата како решение
Брзиот напредок на технологијата, вклучувајќи ги паметните телефони и вештачкото учење, отвора нови можности за подобрување на пристапот до грижа за менталното здравје. Сепак, неопходно е да се воспостави и етичка рамка која ќе ги регулира прашањата како што се приватноста и довербата.
Апликациите за ментално здравје, како што се Headspace и Calm, или нашата Разговор.мк, стануваат сè попопуларни и нудат различни услуги, од медитации и вежби за дишење до консултации со професионалци. Овие алатки овозможуваат на корисниците да пристапат до поддршка во било кое време и од било кое место, што е особено важно за оние кои имаат ограничен пристап до традиционалните форми на терапија. Дополнително, вештачката интелигенција се користи за развивање на персонализирани програми за поддршка на менталното здравје, кои се прилагодуваат на индивидуалните потреби и напредок.
Сепак, со растечкото користење на технологијата во менталното здравје, постојат и предизвици кои треба да се адресираат. Приватноста на корисниците и безбедноста на нивните податоци се клучни прашања кои треба внимателно да се управуваат. Технологијата исто така треба да биде достапна за сите, вклучувајќи ги и оние во руралните и поразвиените заедници. Со соодветна регулација и етички стандарди, технологијата има потенцијал значително да го подобри пристапот и квалитетот на грижата за менталното здравје.
„Лице в лице“, во партнерство со „Разговор.Мк“ обезбедува 100 бесплатни сесии со психолог.
Следи ги чекорите од сликава и обезбеди си ја услугата која ќе ти помогне да се справиш со предизвиците.
Како до подобра достапност на услуги за ментално здравје?
Во светот на денешната динамика, пристапот до услуги за ментално здравје станува сè позначаен, но сè уште недоволно достапен. Истражувањата покажуваат дека за многумина, психолошката и психотерапевтската помош е финансиски недостапна, а стигмата околу нејзиното користење е силно присутна. Клучен предлог е да се обезбедат бесплатни или субвенционирани услуги за ментално здравје, особено за ранливите групи и младите, со што би се овозможила поголема поддршка и помош на оние на кои им е најпотребна.
Еден од најважните аспекти во оваа насока е нормализацијата и дестигматизацијата на разговорите за ментално здравје. Воведување на образовни програми во училиштата кои ќе ги подготват учениците од најрана возраст за овие теми, може да биде клучно за создавање на средина во која отворените разговори за менталните предизвици се природен дел од животот. Овој сеопфатен пристап не само што ќе ги зголеми можностите за пристап до услуги, туку и ќе придонесе за подобрување на целокупното ментално здравје на заедницата.
Финансиската нестабилност и менталното здравје
Финансиските проблеми и економската несигурност се значајни предизвици за менталното здравје.Комбинирани програми за поддршка во финансиската стабилност и менталното здравје би можеле значително да помогнат во подобрување на состојбата и намалување на стресот кај младите. Ова е заклучокот во најголемиот број од истражувањата за поврзаноста на финансиската состојба именталното здравје. Во истражувањето спроведено од Универзитетот во Блумингтон, Индијана, на тема „Практики и перспективи на менталното здравје во балканските земји“ се наведува дека: „финансиската несигурност е значаен предиктор за зголемен стрес и депресија, бидејќи создава постојан притисок и несигурност која може да ја влоши психолошката благосостојба“.
Јавните личности отворено зборуваат за менталното здравје
Јавните личности можат да имаат големо влијание врз кршењето на стигмата.
Принцот Хари, кој е член на британското кралско семејство, долго време се залага за подигнување на свеста за менталното здравје. Во 2017 година, заедно со брат му Вилијам и снаата Кејт, ја започнаа иницијативата „Heads Together“, која има за цел да ја намали стигмата околу менталното здравје и да ги охрабри луѓето отворено да зборуваат за своите емоции. Хари отворено зборува за своите лични искуства со менталното здравје, особено по смртта на неговата мајка, принцезата Дијана, што помогна да се промени перцепцијата и да се започне поширок дијалог за оваа важна тема.
Американската пејачка и актерка, Леди Гага, е уште една јавна личност која има значајна улога во подигнување на свеста за менталното здравје. Таа е коосновачка на фондацијата „Born This Way“, која работи на создавање на подобар свет преку поттикнување на младите да го прифатат своето вистинско „јас“ и да се грижат за своето ментално здравје. Леди Гага често зборува за своите борби со депресија и посттрауматски стрес, нагласувајќи ја важноста на поддршката и разбирањето во општеството.
Американскиот кошаркар, Кевин Лав, играч на Кливленд Кавалиерс, е уште еден истакнат активист за менталното здравје. Во 2018 година, Лав го објави своето искуство со панични напади во есеј за „The Players’ Tribune“, што инспирира многу други спортисти да зборуваат за своите борби со менталното здравје. Неговиот отворен став и искреност за оваа тема поттикнаа промени во начинот на кој менталното здравје се третира во професионалниот спорт и помогнаа да се намали стигмата околу барањето помош.
Во наш, локален контекст, и актерката Весна Петрушева е, исто така, гласна поддржувачка на оваа тема. Преку своите јавни настапи и интервјуа, таа често зборува за важноста на психолошката поддршка и за разбивањето на стигмата околу менталните предизвици. Нејзиниот ангажман не е само личен, туку и професионален, бидејќи таа активно учествува во проекти кои ја подигаат свесноста за менталното здравје и ги охрабрува луѓето да побараат помош кога им е потребна.
И инфлуенсерката Миа Костова, која е популарна меѓу младите во Македонија, го користи своето влијание на социјалните мрежи за да го подигне гласот за важни општествени прашања, меѓу кои и менталното здравје. Таа редовно споделува свои искуства со анксиозност и со панични напади, и преку тоа ги охрабрува своите следбеници да бидат отворени за сопствените чувства. Со тоа што е искрена и транспарентна за сопственото ментално здравје, Миа игра значајна улога во намалувањето на стигмата и поттикнувањето на позитивен дијалог за овие прашања во македонското општество.