Достоинството на пауза: што ни кажуваат училишните тоалети за образованието во Македонија?

Првите училишни ѕвончиња одѕвонија, а учениците веќе ја почнаа новата учебна година. Во бурата на информации, извештаите за (реалната) состојба на дел од училишните простории, тоалетите, се речиси невидливи.
Теодора Милеска, ПЕРИОД Скопје
Фотографии: Freepik и од Извештајот за пристап до вода, санитација и хигиена (WASH) во училиштната средина за 2024 година.
Во март годинава беше објавен Извештајот за пристап до вода, санитација и хигиена (WASH) во училиштната средина за 2024 година, од страна на Институтот за јавно здравје. Но, оваа информација, со чест на исклучоци, речиси и не го доби „ударното“ време на нашите мали екрани. Извештајот утврдува дека областа „Тоалети“ во континуитет се провлекува како најслаба точка во однос на општата тема за пристап до вода, хигиена и санитација во училиштата во Македонија.
За жал, ова не е новост. Доколку имате дете кое оди на училиште, или сте млада личност која е на училиште, или пак, барем еднаш во животот сте го искусиле формалното образование во нашата држава, свесни сте за состојбата на училишните тоалети и нивните услови.
Изминатиот период во склоп на Филмскиот караван за менструална сиромаштија, тимот на ПЕРИОД Скопје, посети пет градови низ целата држава. Целта на овие активности беше да се крене свеста за менструалната сиромаштија и да се отвори простор за поотворен разговор за менструалната хигиена. Па така, иако имавме учеснички и учесници на возраст од 12 до 52 години, муабетот секогаш завршуваше кај тоалетите. Без разлика на возраста или местото на живеење, ова прашање им беше блиско на сите. Очигледно е дека долгогодишната изложеност на субстандардни тоалети и баш не нè остава рамнодушни.
Од сапунот и тоалетна хартија како еднорози во училиштниот систем до посериозни случаи на немање механизми за заклучување на врати и одржување на приватност. Тоалетите не само „практична“ потреба. Тие се и прашање на достоинство, хигиена и целокупна добросостојба на учениците. Но, подалеку од тоа „нема каде да се оди во тоалет“. Ова не е индивидуален проблем, туку системски пропуст на една држава. Образованието, здравјето и добросостојбата одат рака под рака и не се прашања кои можат да се разгледуваат одделно. Затоа и во самиот извештај јасно стои: „децата заслужуваат здрава средина за учење со лесен пристап до безбедна и одржлива вода, санитарни и хигиенски услуги“.
Недостатокот на пристап до соодветни капацитети за WASH директно влијае врз редовното присуство на учениците и врз нивните образовни достигнувања. Тоа значи дека лошите тоалети не се само непријатност. Тие се пречка за квалитетно образование и еднакви можности.
Според истражувањето „Менструална правда“ од 2021 година, 79% од ученичките одговориле дека во тоалетите во нивното училиште нема секогаш сапун и тоалетна хартија. Ова го потвдува и извештајот за 2024 година, каде е констатирано влошување во примената и достапноста на основни средства за хигиена во училиштните тоалети, споредбено со 2023 година. Процентот на позитивни одговори во однос на втората тематска област изнесува во просек 76.3 % во училиштата во урбаните средини, и 68.8 % во руралните средини.
Тука неизбежно се отвора и прашањето за менструацијата. Управувањето со менструацијата (или познато како МХМ Menstrual Hygiene Management) подразбира пристап до чисти и безбедни тоалети, вода, сапун и приватност, како и достапност на соодветни менструални производи. Кога овие услови недостасуваат, девојките се соочуваат со дополнителни пречки како чувство на срам и стрес, до отсуство од настава од училиште. Според истражувањето „Менструална правда“ од 2021 година, македонските средношколки просечно губат 36 дена од четиригодишното образование во споредба со нивните врсници, единствено поради менструација. Оваа бројка не е само статистика, туку конкретен показател како недостатокот на соодветни услови влијае врз образовната еднаквост и иднината на девојките. Па оттука се отвораат прашања за тоа колку условите во нашите училишта овозможуваат простор за „побезболно“ поднесување на менструалниот циклус и дали постои систем за поддршка за справување со болката или стресот поврзан со менструалната хигиена?
Повеќе од петина (22%) од средношколките изјавиле дека во тоалетите во нивното училиште воопшто нема чешма за миење раце. Дополнително, само 6% потврдиле дека во кабините има закачалки или полици за основни работи кои се неопходни за ученичките да можат достоинствено да ја менуваат влошката (или другите производи за менструална хигиена). Овие бројки покажуваат дека училишните тоалети, во најголем дел, не се дизајнирани имајќи ја предвид реалноста на ученичките.
Состојбата со училишните тоалети во Македонија не е само прашање на инфраструктура, туку е и прашање на достоинство, здравје и еднаквост. Сè додека ученичките, немаат пристап до безбедни и хигиенски услови, зборовите за еднакви образовни можности остануваат празни. Препораките од Извештајот на Институтот за јавно здравје за 2024 година се конкретни. Неопходно е итно нивно спроведување како што е снабденост на училишните тоалети со сапун и тоалетна хартија да биде задолжителна обврска на училишните менаџери, со засилен инспекциски надзор за следење на имплементацијата, како и обезбедување на простории за менструална хигиена да стане стандард и показател за родово-сензитивно училиште и одговорно раководство.



Да не заборавиме на дадените ветувања за бесплатни менструални влошки во училиштата. Тие не треба да останат „за кога ќе се средат поголемите проблеми“ затоа што за многу ученички, токму овој проблем директно влијае врз нивното секојдневие. Соодветните тоалети и бесплатните влошки одат рака под рака во решавање на проблемот и обезбедување на еднакви можности за сите. Но, кај нас секогаш се бара да се приоретизираат едните на сметка на другите, небаре станува збор за луксуз, а не за основни биолошки потреби.
- Достоинството на пауза: што ни кажуваат училишните тоалети за образованието во Македонија?
- „Силјан“ на Тамара Котевска донесе македонски триумф на Венецијанското биенале
- Жено замолчи! И бркај си женски работи! Новинарки и активистки замолчувани преку онлајн насилство
- Многу зборуваме, а малку се разбираме! Комуникацијата и меѓусебното разбирање станува клучниот капитал на компаниите
- Филмски автори и продуценти од Балканот и Европа на едно место – МакеКоПроДокс