Доза вести, Лице в лице

Колку чини да се одгледува дете во Македонија? Анализа алармира за празнини во системот

АНализа трошоци деца

Државата нема национална проценка колку чини да се одгледува дете, ниту систематизирана база на податоци за тоа колку навистина издвојуваат семејствата за храна, образование, облека, здравствена грижа и други основни потреби. Ова го покажува новата анализа „Трошоци за одгледување деца во Северна Македонија: реалност, предизвици и препораки (2025)“ на Центарот за еднаквост и правда (ЦЕП), која предупредува дека ваквиот институционален вакуум го отежнува креирањето политики засновани на докази и може да доведе до неефикасна распределба на социјалната поддршка.

Во услови на растечки животни трошоци и зголемени ризици од детска сиромаштија, анализата ги разгледува постојните мерки за финансиска поддршка на семејствата со деца и го оценува нивното реално влијание врз животниот стандард. Авторки на анализата се Катерина Шапкова Коцевска, Елена Димушевска и Неда Чаловска Димовска. Според авторките, без јасна и прецизна проценка на трошоците, државните политики остануваат делумни и недоволно насочени кон оние на кои им е најпотребна помош.

Документот нотира дека отсуството на детални податоци ја ограничува можноста за стратешко планирање и отвора простор за арбитрарност во системот на социјална заштита. Особено загрижува тоа што без реална пресметка на „трошок по дете“, не може прецизно да се утврди дали постојните надоместоци навистина ги покриваат основните потреби на домаќинствата.

Анализата содржи и препораки за унапредување на системот на финансиска поддршка и за поефикасно справување со детската сиромаштија. Документот е достапен на веб-страницата на ЦЕП, на овој линк.

Напишете коментар