Доза вести, Дурбин, ЗЕНици, Школа за медиумска писменост

По медиумската посета – учениците се фатија за работа

Време на читање: 3 минути

Mладите oд три основни училишта од Пробиштип и Злетово кои беа во посета на „Лице в лице“, „Трн“, „Рацин“ и „ИРЛ“ во Скопје, веќе работат на конкретни идеи кои ги добија на посетата на редакциите оваа недела.


Триесетина ученици од 8-мо и 9-то одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Никола Карев“ од Пробиштип, како и од подрачното училиште „Кирил и Методиј“ од Злетово, заедно со нивните наставнички, оваа недела беа во едукативна посета на медиумски редакции во Скопје. Во организација на „Лице в лице“ и на ГРИТ, децата присуствуваа на работилница и посетија различни медиуми. Се запознаа со функционирањето на редакциите, ја запознаа работата на новинарите, добија информации за специфични медиумски производи, за целна публика, како и за различни видови медиумско известување.

По враќањето од оваа посета, учениците веднаш се фатија за работа. Толку малку е потребно за да се инспирираат младите во Македонија.

Учениците, зедно со нивните менторки-наставничките, работат на содржини кои ќе се најдат во училишниот весник на „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип, кој се работи во склоп на Медиумскиот клуб, под менторство на наставничката Маја Митевска Поцева.

За време на посетата на медиумите, учениците добија и конкретни совети и идеи за снимање подкаст, кој е една од нивните следни активности. Новинарите на ИРЛ, споделија дека децата ќе можат да ги контактираат за понатамошна поддршка и менторство за продукција на училишен поткаст. Од таму посочија дека ќе имаат предвид, во некоја од следните „Мобилни редакции“ на ИРЛ, да ја организираат во Пробиштип, каде граѓаните ќе може да пријават предизвици од локално ниво.



Таков е конкретниот проблем со јаловишната депонија во Пробишип, која го загадува градот и околните места и претставува жешка еколошка точка во земјава.
„Лице в лице“ во актуелното издание објавува содржина на оваа тема, а се разви посебна дискусија на самата работилница за ова.


„Јас и ‘Лице в лице’ ќе ја изгасиме најжешката точка – јаловишната депонија“, порача едно од децата.


Членовите на редакциите на ТРН и „Рацин“ пак, ги повикаа да им испратат информации за активности на нивниот мејл и ветија скорашна посета на Злетово и Пробиштип.



Локалната телевизија „Протел“ од Пробиштип пак, објави прилог за оваа посета. Претседателката на организацијата ГРИТ од Пробиштип, Мартина Јачевска, која е и локална координаторка на овие активности сподели:

Особено силен впечаток за Јачевска остави посетата на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), каде младите добија совети за снимање подкасти и креирање медиумски содржини.

„Лице в лице“ конечно и во Пробиштип!

Со актуелното, 56. издание на „Лице в лице“, добиваме и нови партнери во продажбата и дистрибуцијата на единственото улично списание за одржлив развој кај нас. Младинската организација ГРИТ од Пробиштип, е одговорна за дистрибуцијата во Пробиштип.

Во новиот број на списанието „Лице в лице“ објавуваме низа содржини кои се резултат на соработка со млади од Пробиштип, Злетово и Кратово, кои ги изработија новинари и креатори на содржини од Пробиштип и Кратово. Темите се за булинг, загадување и младинско учество. Списанието ќе биде достапно и во Пробиштип, преку нашите партнери од ГРИТ.

Oваа содржина на „Лице в лице“ се реализира во рамки на Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на Здружението на граѓани за истражување, комуникации и развој „Паблик“- Скопје и не мораат да ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Напишете коментар