Менструална сиромаштија: Сè уште табу тема или време за промена?

Кога млади девојки ќе се фатат за работа, работата се завршува. Така и со иницијативата на „Период Скопје“ – неуморно да се зборува за менструалната сиромаштија преку креативен пристап кој нема да изгледа далечен на младите, а притоа ќе едуцира!
Изминатата година зборувавме со Наталија Крстевска и тогаш ни ја претстави нивната книга, ова година имаат филмски караван. Убаво ми е што се задржуваат во рамки на културата и тоа е начинот на кој што комуницираат.
Овде споделуваме повеќе информации за новините со нив.
Фотографии:
Да зборуваме прво за идејата. Зошто филмска проекција? Минатата година имавте книга за овие денови кога зборувавме за менструалната правда. Оваа година има филм. Од хартија до проекција. Зошто?
Минатата година ја презентиравме збирката приказни за прва менструација, собрани на национално ниво. Годинава прикажуваме интернационален филм кој не е снимен во нашата држава. Сепак, некои од темите, чувствата и сликите кои ги гледаме и не се толку далеку за нашето население. И овде се соочуваме со срам и табу кога зборуваме за менструацијата. Многу од нас се соочуваат со менструална сиромаштија и потребно ни е омоќување и мотиваиција да ги скршиме овие бариери и митови. Според истражувањето „Менструална правда“ од 2021 година, 71% од испитаничките никогаш не слушнале за концептот на менструална сиромаштија, а речиси секоја трета изјавила дека барем еднаш, а половина од нив повеќе пати, немале пари за да купат влошки и морале да импровизираат со крпи, тоалетна хартија или друг материјал. Ова јасно ја истакнува потребата отворено да зборуваме за менструацијата и менструалната сиромаштија. Името на филмот е исто така значајно – „период“ или точка на англиски, која претставува крај на реченицата, но и „период“ преведен како менструација, а „end of sentence“ преведено како пресуда – може едноставно да го гледаме како „Менструација. Крај на реченица“. Преку тематиките обработени во филмот забележуваме ослободување од таа пресуда да се живее во срам и тишина кога станува збор менструацијата.

Како ги биравте градовите во има проекции?
Градовите не ги биравме по некој особен шаблон. Дефинитивно сакавме да посетиме помали градови и да зборуваме на овие теми со луѓе со кои не сме имале шанса да зборуваме досега. Сакавме малку да се децентрализираме од Скопје. Забележавме дека разговорот околу менструацијата, менструалната сиромаштија и еднаквост не е воопшто ист во Скопје наспроти помалите места во државата, и сметаме дека можеме да научиме повеќе доколку имаме поголема репрезентативна група околу овој проблем.

Која е главната порака од филмот? Каде би можеле да го гледаме во иднина?
Филмот ги обработува предизвиците поврзани со менструалната сиромаштија и нејзиното влијание врз самодовербата, образовните и економските можности и достоинството на девојчињата и жените. По секоја проекција, следат интерактивни дискусии со цел да се охрабрат отворени разговори и споделување на лични искуства, како и да се зголеми разбирањето за овој општествен проблем кој сè уште е премолчуван. Важно ни е да ги слушнеме мислењата на останатите за филмот, како и да слушнеме дали забележале некои видливи или невидливи сличности од тоа во филмот со состојбата кај нас. Филмот е краток документарец и достапен е на „Netflix“, но прекрасно е тоа што режисерката и продукциската куќа го прават достапен за едукативни цели, без да мора да се плаќа претплата за оваа платформа.


Од она што го има на доскусиите, кажете ни за што се зборува гласно, а за што сè уште се шушка на оваа тема?
Некои од дискусиите по филмот искрено нè изненадија, а некои беа и очекуваните одговори. Имавме неверојатни одговори од учесници кои имале одлични искуства со првата менструација. Не веруваат дека менструацијата треба да е обвиена во срам и сакаат да може гласно да се зборува за ова. Некои се сретнаа со менструалната сиромаштија како поим и пред средбата со нас, а некои првпат го слушнаа концептот таму. Поразувачко беше тоа што на прашањето „Каква е состојбата на тоалетите во вашите училишта/факултети? Дали можете да се справите со менструацијата достоинствено таму?“ не слушнавме позитивни одговори. Во неколку градови учеснците се пожалија на недостиг на тоалет, сапун, чиста вода, па дури и врати во тоалетите во училиштата. Во Штип имавме баш интересно искуство со тоа што за првпат имавме момчиња во присуство на наш ваков помал настан, особено таргетиран кон средношколци. Овде беше интересно тоа што многу од момчињата знаеја за концепти како менструална сиромаштија и менструална еднаквост, а не беа запознати со некои менструални производи.

Наталија, лично долго време работите на оваа тема. Ве паметам уште од 2018-та година каде што гласно зборуватеза репродуктивно здравје, сеопфатно сексуално
образование и менструална правда. Што е поразлично од 2018 година до сега на овие теми?
Разликите од тогаш до сега, можеби се мали, но за мене се многу забележителни. Кога бев во средно, не се сеќавам на организации кои работеа на теми поврзани со менструацијата, а сега имаме неколку со кои имаме и прекрасни соработки како „Тиииит Инк.“ и Мрежа „Стела“. Со „Тииит Инк.“ организираме и настан во „Лабораториум“ на 28-ми мај за да го одбележиме Денот на менструалната хигиена и здравје. Имам забележано и други промени, некои поопипливи како што е намалувањето на данокот на менструалните производи. Исто така, и некои поапстрактни, но можеби уште позначителни како што е промената во односите и начинот на кој зборуваме како општество на овие теми, вклучително младите. Целата наша работа е обвиткана и со надеж за уште поголеми промени во обезбедувањето на пристапноста и достапноста на менструални производи и достоинствени услови за грижа за менструалното здравје и хигиена.
- Подкаст културата како одговор на медиумската криза: „Агеласт“ гостува во Скопје!
- Интервју со проф. д-р Кирил Барбареев: Иднината бара луѓе со способности и флексибилност на приспособување на времето!
- Пет дена перформанси, уметност, музика, спорт и гејминг што ја слават инклузијата во Скопје
- ФМУ и „Џез ФМ“ ја отвораат сцената за младиот џез – концерт и пренос во живо вечерва од Скопје
- Бесплатна обука и сертификација за жени во сајбер безбедност – апликациите се веќе отворени