Лице в лице

Волнено бомбардирање на Битола: Уметност и енергија кои поттикнуваат социјални промени

Време на читање: 5 минути

Кога го набљудувам општеството и решавам за што да пишувам, секогаш го одбирам она што отскокнува и ја одржува енергијата на различното… Што е различно во ова?
Уметничкото „прекривање“ на Битола, со малку волна и многу убава енергија! Битола и онака е многу убава, но сега со уметничката иницијатива на СФЕРА не е само убава, туку е и доста впечатлива. Токму ваквото, уметничко бомбардирање на оваа иницијатива, беше тема на нашиот разговор. Зборуваме со Евгенија Герамитчиоска, проектен асистент и волонтерски координатор во СФЕРА.

Раскажете ни повеќе за вашата иницијатива – за активностите, креативноста, придонесот за зајакнување на младите девојки и жени…

Целта ни беше да им дадеме можност на  младите девојки (возраст 15-30) да се  вклучат во заедничка уметничка иницијатива која ќе ја подигне свеста за социјални прашања преку алатката на волнено бомбардирање. Преку оваа иницијатива сакавме да создадеме живописни и впечатливи инсталации на јавни простори, истакнувајќи ја важноста на вклученоста на заедницата и привлекувањето на вниманието кон специфични социјални прашања релевантни за локалниот контекст, како што се свесност за животната средина, социјална инклузија или ментално здравје. Започнавме со серија од 10 работилници посветени на техники и материјали за волнено бомбардирање. Овие работилници претставуваа креативна платформа каде што учесничките  се стекнаа со  практични вештини, како што е плетењето, но истовремено дискутираа и за важни социјални теми како што се заштитата на животната средина и менталното здравје. Преку овие интеракции, не само што се збогати нивното знаење, туку се зајакна и нивната свест за значајни прашања кои ги засегаат заедницата и поширокото општество.

Следеше сесија за планирање, каде што учесничките се фокусираа на мапирање  јавни простори погодни за волнено бомбардирање. Оваа активност дополнително ги разви нивните вештини за организирање, тимска работа и комуникација. Ваквиот процес на планирање создаде чувство на одговорност и подготвеност за понатамошни чекори.

Кулминацијата на проектот беше реализацијата на волненото бомбардирање, преку поставување уметнички дела на избраните јавни простори. Оваа активност резултираше со чувство на заедништво и припадност, како кај учесничките така и кај локалната заедница. Самото поставување на инсталациите беше интерактивно, бидејќи учесничките комуницираа со минувачите, пренесувајќи ја целта и значењето на проектот.

Во текот на иницијативата, објавивме дел од атмосферата на социјалните мрежи, со цел да се промовира иницијативата и да се подигне јавната свест. Креативните објави на платформите како Фејсбук и Инстаграм допреа до голем број луѓе, особено млади, што помогна во ширењето на пораката за заедништво и одржливост.

На крај, беше спроведено следење и собирање повратни информации од заедницата.

Волнено бомбардирање на Битола. Звучи многу јако! Како реагираа граѓаните?

Да доста интересно име и дадовме на иницијативата, „бомбардиравме“, ама со топлина, плетива, бои и уметност!

Реакциите беа мешавина од изненадување, воодушевување и љубопитност. Многумина застануваа за да разгледаат поблиску, правеа фотографии и се интересираа за приказната зад волнените инсталации. Особено им беше интересно како нешто толку креативно и невообичаено може да се користи за подигање на свеста за важни теми.

Некои локални жители споделија слики и позитивни коментари на социјалните мрежи, нагласувајќи ја убавината и креативноста на инсталациите. Па и сè уште од време на време приметуваме на нашиот профил на „Инстаграм“, дека некои од жителите, особено младите, постирале на стори слики од инсталациите. Така, гледаме дека продолжуваат и понатаму да изненадуваат.

Инсталациите, не само што испратија порака за заедништво и важноста на ангажираноста во заедницата истакнувајќи ја видливоста на придонесите на младите жени во заедницата, туку и внесоа боја и креативност во градот. Избравме живи бои за инсталациите како жолта, зелена, сина кои докажано е дека го подобруваат менталното здравје. На јавните простори на кои беа поставени, им недостасуваше живост. Ова го променивме и веруваме дека влијае добро и за менталното здравје на граѓаните. Докажано е дека надворешната средина влијае доста врз менталното здравје на населението.

На кој начин уметноста како алатка, беше искористена за да се поттикнат разговори за теми кои често се игнорираат, како што се родовата нееднаквост и инклузијата?

И во предходни проекти кои што сме ги имале, уметноста се покажа како моќна алатка за отвoрање различни разговори и постигнување на различни цели. Така што и во оваа иницијатива, уметноста беше искористена како мост меѓу креативното изразување и социјалната свест, нудејќи иновативен и прифатлив начин за отворање на чувствителни теми како родовата нееднаквост и инклузијата. Преку волненото бомбардирање – форма на јавна уметност што привлекува внимание поради нејзината боја, текстура и уникатност – се создаде визуелен простор кој природно ги поттикна луѓето да прашаат, размислат и дискутираат.

Се решивме баш за користење на волната, бидејќи како мек и традиционален материјал, претставуваше симбол на топлина и заедништво, но истовремено ја носеше пораката дека традицијата може да се трансформира за да одговори на модерни предизвици.

Поставувањето на волнените дела во јавни простори ги направи видливи за сите, создавајќи моменти на интеракција. Овие неочекувани уметнички интервенции предизвикаа љубопитност кај минувачите, кои со своите прашања иницираа разговори за целите на проектот. Учесничките, како амбасадори на оваа иницијатива, активно ги објаснуваа значењата на инсталациите, поттикнувајќи размислување за родовата еднаквост.

Младите девојки и жени, не само што стекнаа нови креативни вештини, туку ја користеа уметноста како средство за изразување на личните предизвици и ставови. На овој начин, уметноста премина од креативен израз во катализатор за промени и дијалог.

Како ја осигурате одржливоста на стекнатите вештини и самодовербата кај учесничките, особено во патријархално обележани општества?

Преку комбинација на практични, едукативни и поддржувачки стратегии. Прво, ги  поттикнувааме да продолжат да се вклучуваат во ваквите активности  и да започнат сопствени активности. Создаваме мрежи и заедници каде што можат да споделуваат искуства и да добиваат поддршка, како и да ги претворат своите вештини во економски можности, како на пример во овај проект,изработка на рачни дела за продажба, организирање на проект.

Менторската поддршка игра клучна улога, овозможувајќи им насоки и мотивација. Дополнително, преку јавни настани и изложби, нивните успеси ги истакнуваме, така што со тоа се зајакнува нивната самодоверба и ги прави видливи во заедницата. Ангажирањето на семејствата и локалната заедница, пак, помага да се намали отпорот кон промените и да се поттикне долгорочна поддршка. Овие чекори создаваат основа за трајни промени дури и во патријархално обележани општества.

Кои се главните предизвици со кои се соочивте при спроведување на активностите? Како тие влијаеја врз создавањето простор за женски гласови и приказни?

Еден од главните предизвици со кои се соочивме беше задржувањето на учесничките во текот на целиот проект. Иако иницијативата предизвика значителен интерес,имавме околу 40 пријавени, но многу од пријавените лица се откажаа пред, или за време на активностите, поради непоклопување на времетраењето на проектот и нивните едукативни, работни или приватни обврски. Овој аспект посочи на потешкотијата за долгорочно ангажирање, особено во контекст каде што жените и младите девојки често се соочуваат со дополнителни лични или едукативни одговорности.

Овие предизвици влијаеја на процесот на создавање простор за женските гласови и приказни. Истовремено, ја нагласија важноста на индивидуалната посветеност на оние кои останаа дел од иницијативата. Ограничениот број учеснички овозможи поинтимна и подлабока работа, што ја зајакна нивната видливост и придонес во заедницата. Иако соочени со пречки, учесничките успеаја да изградат простор каде што нивните приказни и креативен израз се претворија во инспирација за околината.

Напишете коментар