Жените имаат клучна улога во развој на стабилно општество
БЛОГ НА СТРАНЕЦ: АМБАСАДОР КЛЕМЕНС КОЈА, ШЕФ НА МИСИЈАТА НА ОБСЕ ВО СКОПЈЕ
Ако сакаме да предизвикаме големи општествени промени, треба да почнеме да се менуваме самите себе.
Родовата еднаквост е неопходна основа за помирни и попросперитетни заедници. За жал, ситуацијата со КОВИД-19 ја засили веќе постојната нееднаквост кај жените и девојчињата во секоја сфера од нашиот живот, вклучително и здравството, економијата, безбедноста, како и социјалната заштита. Со тоа се ризикува да се уназади и така ограничениот напредок постигнат во родовата еднаквост и правата на жените во последниве години.
Дури и да се занемари пандемијата, и по толку години вложени во засилување на родовата политика, евидентна е нееднаквоста и неправдата во речиси сите земји.
Секоја година, статистичките податоци покажуваат дека мажите и жените не се еднакво платени и дека нееднаквите можности и феноменот „стаклен плафон“ сè уште ги спречува жените да достигнат високи лидерски позиции. Сметам дека би било крајно неправедно да се прифатат овие постојни пречки, кои исклучуваат барем половина од населението од целосен придонес во политичките, економските и во другите области од нашиот живот. Ова е нешто за што нашето општество треба да размисли.
Според мене родовата еднаквост е важна! Имам одлична сопруга, која истовремено е мајка и е вработена, и три ќерки што се стремат кон остварувањето на својата професионална кариера или се веќе дел од неа. Силно верувам дека на жените треба да им се дозволи да придонесуваат кон економскиот пораст и просперитет и дадов сè од себе за да го популаризирам ова гледиште додека служев како претседател на Постојаниот совет за време на неодамнешното претседателство на Австрија со ОБСЕ. Тогаш се приклучив на мрежата „MenEngage“ и оттогаш го поддржував развојот на таа мрежа во Северна Македонија.
Родовата еднаквост е важна и сите ние имаме одредена улога
Инвестирањето во жените генерира економски мултипликациски ефект бидејќи жените голем дел од своите приходи ги реинвестираат во рамките на своето семејство и заедница. Жените, исто така, имаат клучна улога во развојот на мирно и стабилно општество со што се овозможува и поголем економски пораст. Ова е причината зошто жените не треба да бидат изоставени, туку треба да бидат составен дел од процесите на преговарање и на донесување одлуки за иднината на нивната земја. Ова, исто така, важи и за младите. Кога се појавува конфликт, кој е најмногу погоден? Многумина би одговориле дека тоа се војниците. Но, најмногу е погодено цивилното население, вклучително жените и децата. Јас целосно се согласувам со нашата поранешна министерка за надворешни работи Урсула Пласник, која рече дека во потрагата по мирно решавање на конфликтите е исклучително важно да се вклучат жени бидејќи тие донесуваат поинаква перспектива од мажите. Ова го увидов за време на неколку дискусии организирани од Министерството за надворешни работи на Австрија во кои учествуваа жени од Србија и од Косово.
Но, како да го достигнеме потребното ниво на учество на жените? Надминувањето на предрасудите е важно, но, за жал, опкружени сме со нив. Традиционалните гледишта создадоа многу предрасуди, на пример, дека жените не се способни да возат, или дека не можат да бидат добри стручњаци за ИТ, или, пак, дека најмалку од сè би можеле да станат лидерки. Овие мислења треба да бидат демаскирани, а ваквите ставови надминати.
Гласно против гласини
Меѓу најголемите предизвици со кои се соочува Северна Македонија во областа на родовата еднаквост се родово базираното насилство и родово базираната дискриминација, особено во однос на жените од малцинските и од маргинализираните заедници. Ова е предизвик за кој ние како Мисија се обидуваме да помогнеме да се адресира, вклучително и преку нашата кампања „Гласно против гласини“, која има цел да ги демаскира родовите предрасуди и стереотипите на кои треба да се гледа како на сеопфатна повреда на човековите права.
Никој/а никогаш не смее да биде дискриминиран/а според својата етничка или религиозна припадност, пол, попреченост или возраст. Прашањето за семејното насилство е присутно во сите земји и може да се реши само преку сеопфатен пристап, преку одредби во кривичното право, образование, менување на свеста и надминување на предрасудите.
Трет предизвик присутен во Северна Македонија е недостигот од поделба на моќта и на рамнотежата во учеството на жените и на мажите во јавниот живот и донесувањето одлуки на високо ниво. За да помогнеме во соочувањето со овој предизвик, го поддржуваме Собранието во напорите за родова интеграција, вклучително и преку засилување на капацитетите на Клубот на пратенички. Исто така, го помагаме воведувањето родовосензитивно буџетирање и законодавство во нивната секојдневна работа.
Додека зборуваме за родовата интеграција, важно е да се земе предвид улогата и на жените и на мажите. Ние, мажите, треба да играме поголема улога во подобрувањето на родовиот пејзаж во нашето општество. Мажите треба да ја поддржуваат родовата еднаквост во својот дом, на работа и во јавната сфера. Секој маж треба да се ангажира и да се залага за поголема родова еднаквост дозволувајќи им на жените да чекорат преку „затворени врати“. Промовирањето на родовата еднаквост почнува со мали работи, вклучително и овозможување еднакви можности за нашите деца во образованието и обезбедување еднаква дистрибуција на задачите дома. Момчињата треба да ги бранат девојчињата што се соочуваат со дискриминација. Тоа би бил добар чекор напред, ќе се повторам, ова го велам како татко.
Дома секогаш давам сè од себе за да ја поддржам мојата сопруга. Кога имам слободно време навечер или за време на викендите, правиме многу работи заедно. Моите ќерки сега имаат 28, 26 и 23 години. Кога се родија, немав можност да одам на татковско отсуство. Но, сега постои таква можност. Имам колега што работеше во кабинетот на министерот и зеде едногодишно отсуство за татковство. Реакцијата од луѓето околу него беше дека со тој чекор ќе ја уништи кариерата, но не е така. Напротив, преземајќи го овој чекор, тој го покажа својот одговорен пристап кон општеството и изгради одлична кариера потоа.
Ова го велам бидејќи верувам дека ако сакаме да предизвикаме големи општествени промени, треба да почнеме да се менуваме самите себе. Ова е тоа што го правиме во нашата Мисија преку работната група за родови прашања и со нашата посветена виша советничка за родови прашања, а тие заедно прават сè за да ја вклучат родовата интеграција во секоја наша политика и практика, кои имаат влијание и врз нашата внатрешна и надворешна работа.