Волонтери од Сојузот на извидници и JП „Национални шуми“, здружени под иницијативата „Боренка “засадија над 1.000 садници – со цел да ги промовираат бенефитите од пошумувањето и да ја подигнат свеста за важноста од заштита на животната средина. Иницијативата опфати едукативни активности за учениците за правилно однесување во природа и спречување шумски пожари.
Оваа дводневна акција започна во петокот, кога „Боренка“ за прв пат ги посети учениците од 4 и 5 одделение од ООУ „Димитар Влахов“. Покрај едукативниот дел за заштита на животната средина, со акцент на правилно однесување за време на престој во природа и спречување шумски пожари, во рамки на оваа средба децата нацртаа повеќе од 200 дрвца кои ги посадија во виртуелната шума на www.borenka.mk.
Веќе наредниот ден, 18 март, во организација на ЈП „Национални шуми“ и Сојуз на извидници на Македонија, волонтерите од повеќе извиднички одреди од Скопје, Штип и Велес и пријателите од Амбасада на САД, засадија околу 1000 садници.
Редовното пролетно пошумување во Демир Капија се изврши на површина од шест хектари, со дрвен вид Црн бор, предвидено согласно Посебниот план за стопанисување со ШСЕ Дошница1.
– Пошумувањето е една од најблагородните активности кои граѓаните можат да ја направат за својата земја, а покрај тоа носи убава и позитивна енергија, дружба на чист воздух и враќање кон природата како општествено одговорна работа. Секогаш се обидуваме да ги потсетиме децата, младите и сите граѓани на познатата изрека од Нелсон Хендерсон „Вистинската смисла на животот е да се засадат дрвја, под чија сенка не очекувате да седите – нагласи Снежана Јанковиќ, координаторка на „Боренка“ од Сојуз на извидници на Македонија.
„Боренка“ е интерактивна кампања чија цел е да ја подигне свеста кај граѓаните, особено кај децата и младите, за важноста на шумите, заштитата на животната средина, глобалното затоплување и превенцијата од пожари.
Фото: Боренка