Серијата ни покажа дека сме заситени од информации за тоа како живеат политичарите, кои закони ги прекршиле и за што се осомничени. Тоа и така постојано го читаме во медиумите. Понекогаш е потребно да дознаеме кои сме ние и колку е чесен животот што го живееме. Само така можеме да бидеме подобри граѓани
Маја Васева Трајкова
Фотографии: Сергеј Митевски
„Преспав“ не ги преспива случувањата што го засегаат нашиот живот, напротив, будно ги следи и пресликува.
Во нив, како рефлексија, се огледуваме и ние, граѓаните. Преку хумор што пецка се соочуваме со нашите мани. Каприциозен, малку горчлив, и со доза на леплива иронија. Се смееме, ама таа експресија лесно може да премине и во плач.
Нѐ потсетува каков општествен контекст градиме како граѓани, ама, во исто време, ни остава можност да одѕвони еден рефрен – какви можеме да бидеме.
„Лице в лице“, пак, во континуитет води мисија на укажување на важноста да пораснеме во одговорни граѓани, кои ќе бидат свесни, совесни, информирани, морални, будни, одговорни, проактивни.
И, тука, со „Преспав“, ни се вкрстуваат заложбите.
Секој со свое перо, на свој начин, до истата цел – создавање позитивни промени во општество што ќе нуди еднакви можности за сите. Притоа давајќи им црвен картон на манипулацијата, корупцијата, обележувањето, предрасудите, затворениот ум, малициозноста… (дополнете ја низата).
Огледало на општествените аномалии
Заплеткани во бескрајните обиди да го спасат пансионот, но и вовлечени во постојаната трка за повеќе пари, брз профит, љубов, статус и други земни задоволства, ликовите ни покажуваат кои се амбициите на обичниот човек, но и кои пречки стојат на неговиот пат. Поаѓајќи од тоа дека е верна слика на животот во земјава, серијата успешно го доловува и функционирањето на државниот систем. Па така, често гледаме ликови вплеткани во корупција, измама и кривични дела, кои ги прават наивно и несвесни за последиците, или, пак, свесни дека ќе куртулат и од последиците.
За просечниот граѓанин ова е добро позната ситуација. Системот на државата е толку корумпиран колку што му е тоа потребно на Македонецот за да преживее. Кон корупција посегнува од различни причини, некогаш за да се забрза бирократскиот процес, некогаш за да се спаси од драконски казни, некогаш за да си го спаси животот. И таа ситуација е секојдневна во живот на многу луѓе на ова поднебје.
Но што се случува кога Македонецот ќе се види себеси во таа светлина на малите екрани? Што кога сите негови мани се претставени преку хумор?
Како огледало, серијата ги одразува општествените аномалии, за граѓанинот да се освести откако ќе го види својот одраз. Стануваме свесни за тоа какви луѓе сме и какво општество создаваме. Ликовите на кои им се смееме се типични, од нашето опкружување, а ситуациите во кои се наоѓаат, се ситуации во кои сме се нашле барем еднаш.
Од серијата велат дека намерата е низ забавно–хумористичен формат да се сврти внимание кон појавите во секојдневието.
– Самиот формат на серијата може да послужи како алатка за забава и за едукација или, поконкретно, едукација низ хумор. Комичните ситуации што им се случуваат на ликовите најчесто се реални, додека не ескалираат во апсурдни заради уште поголема смеа. Но, гледачот има можност да ги согледа консеквенциите од нечија непромислена постапка и да разбере кон што може да доведе тоа, а во некоја слична ситуација во која ќе се најде да постапи спротивно – вели Деница Бојаровска, задолжена за односи со јавност на „Преспав“.
Омилено на екран, презрено во реалноста
„Преспав“ ни покажа дека сме заситени од информации за тоа како живеат политичарите, кои закони ги прекршиле и за што се осомничени. Тоа и така постојано го читаме во медиумите. Понекогаш е потребно да дознаеме кои сме ние и колку е чесен животот што го живееме. Само така можеме да бидеме подобри граѓани.
Можеби и затоа во „Преспав“ нема ликови што глумат политичари, туку само обични луѓе. Бојаровска вели дека, иако дејството се одвива околу животот на обичните луѓе, сепак, политиката е присутна.
– „Преспав“ е приказ на животот на обичните луѓе, нема политичари меѓу главните улоги, но има многу политика во нивниот живот. Тие, во вистинска смисла, се една мала политична заедница, која заседава, протестира, се бори против неправдата, се организира во синдикати и активно размислува како да си го подобри животот – посочува Бојаровска.
Во серијата се застапени речиси сите етнички заедници и профили на типични Македонци. Низ дејството нѐ носат патриоти, националисти, опортунист, корумпиран инспектор, европски настроен млад човек, дисциплинирана Германка, озборувачи, млада мома што се плаши дека ќе остане немажена и многу други епизодни ликови што ја прават серијата содржински побогата.
Секој има свој омилен лик, а, што е интересно, понекогаш тој што ни е омилен на екран, го презираме во реалноста. „Преспав“ успева да жонглира со стереотипите, карикатурално ги претставува предрасудите и ги крши табуата. Понекогаш тоа помага општеството побрзо да се развива. Па така, за потсетување, во „Преспав“ се случи и првиот бакнеж на хомосексуалци во домашната телевизиска продукција.
Надеж и ретроспектива
Од серијата откриваат дека отворањето на некои табу-теми ќе биде тема и во новите епизоди. Петтата сезона ги испитува позитивните и негативни страни на отворениот брак, а ликовите ќе се занимаваат со апликација за „тајни“ интимни средби.
Како што е „Преспав“ верна претстава на тоа што се случува и во нашата мала држава, така тековните случувања и овој пат го брануваат животот на „преспавци“. Малиот хотел нема да биде поштеден од ударите на пандемијата врз туристичкиот сектор, а нема да бидат поштедени ни ликовите.
Новата сезона на „Преспав“ се снимаше 20 дена во септември и во октомври, за време на вториот бран заразени од корона. Од серијата велат дека тимот се решил на тој чекор бидејќи „Преспав“ ѝ е потребна на публиката повеќе од кога било.
– Не само поради позитивниот и комичен ефект што го постигнува, туку и поради својата особена мисија, уште од првата епизода во 2016 година – да го „наслика“ нашево општество што поверодостојно, притоа да не му скрие ниедна мана. Сфативме дека публиката нѐ очекува, а, второ, дека сме ѝ потребни на јавноста, која е оптоварена со новите ненормални околности. Неопходно е да влееме надеж и да направиме ретроспектива на општеството – вели Бојаровска.
Овој пат тимот се соочил со нови предизвици. Целта била да се завардат сите протоколи за заштита од ширење на вирусот, а притоа снимањето да тече нормално. Поради тоа сите што се вклучени во тимот еднаш неделно се тестирале за корона. За среќа, никој не се заразил и снимањето поминало во најдобар ред.
„Преспав“ во униформа на „Лице в лице“
Актерите на комедијата „Преспав“ се приклучија и на кампањата „Посреќна 2021 година! ЗА СИТЕ“, иницијатива на платформата за одржлив развој „Лице в лице“ преку која ги повикуваме сите наши поддржувачи да станат членови на дигиталната заедница на „Лице в лице“ и заедно да се движиме кон промените во 2021 година.
Повикот за членство во заедницата на „Лице в лице“ актерите го испратија до своите обожаватели.
Освен актерите од „Преспав“, преку социјалните мрежи, кампањата ја поддржаа и други многубројни личности од нашата јавна сцена.