Лице в лице тема

Приказни-будилници за правата на ранливите сограѓани

page8image2332144

Преку приказните на неколку продавачи на уличното списание за одржлив развој „Лице  в лице“, пренесуваме кои се надминатите предизвици во поглед на нивната социјална инклузија, обезбедување и примена на тоа што значи човекови права, но и елементи каде што системот затајува, кои е неопходно што поскоро да се надминат


Колку во земјава се реални поимите еднаквост, рамноправност или инклузија, место да биде илузија? На ранливите категории често им се кршат човековите права, им се занемаруваат потенцијалите, а дел се заглавени во систем што тешко се договара сам со себе како да ги решава нивните животни проблеми. Овие приказни даваат слика што недостига, покажува кои се солуциите, a за заедницата се будилник што ѕвони и потсетува дека треба системски и, пред сè, човечки однос.

Чекор по чекор до самостоен живот на Анабела и на Марица 

– Имам завршено курс за масерка. Учев во „Кочо Рацин“, па сега масирам. Имам и лиценца! Сега купивме и стол за масажа. Тука ги масирам сите другари, но и вработените, плаќаат за услугата – вели 39-годишната Анабела Мередиева, која преку процесот на деинституционализација и со помош на Центарот за лица со ментален хендикеп „Порака Неготино“ – Неготино во Волково, се осамостојува да биде ангажирана и исполнета личност. 

Анабела во униформата на „Лице в лице“. Фотографија: Томислав Георгиев

Анабела, заедно со 40-годишната Марица Милошева, се продавачки на „Лице в лице“. Секое утро во станбените единици на организацијата во Волково завршуваат основни работи, одржуваат хигиена, средуваат. Потоа подготвуваат појадок, пијат кафе…  Пандемијата ги спречи во нивниот работен ангажман со „Лице в лице“. Пред ковид-19 тие се  договараа која каде ќе продава списание и се делеа по групи. Ги знаете од центарот на Скопје, каде што се нивните омилени места, но знаеја да отидат и накај трговскиот центар „Бисер“. Обично работеа од 10 до 14 часот, потоа користеа слободно време за дружење и за одмор. Попладне, пак на работа од 17 до 20 часот, кога фаќаа автобус за назад.
Во изминативе неколку месеци поради спреченоста да бидат на своите работни места затоа што влегуваат во ризични групи, еднаш неделно се дел од мотивациски работилници како прва фаза од подготовката за продажбата на списанието преку интернет во која се активно вклучени и продавачите и нивните координатори. 
– Работилниците овозможуваат да се најде соодветниот начин на приспособување на продажбата во дигитален сетинг, каква е улогата и вклученоста на координаторите, а каква на продавачите и на кои начини можат да го прават тоа заедно. Ваквите процеси на истражување, креативност и на психосоцијална поддршка силно придонесуваат кон додавање енергија и трансформација на процесите и на нивото на мотивираност кај сите вклучени во процесот – вели психологот Радмила Живановиќ, која ги води овие работилниците заедно со психологот Ивана Маринчек.  

Марица, за време на една од работилниците . Фотографија: „Порака Неготино“ Волково

Дел од овие работилници е и Марица, која ни дава осврт за нивниoт живот пред да бидат деинституционализирани во „Порака Неготино“. Објаснува дека претходно биле сместени во ЈУ специјален завод „Демир Капија“. Таму ѝ било тешко. Без услови, отсуство на образование и без можност за развој на работни вештини.
– Кога бев во „Демир Капија“ не бев слободна! Не шетав, не учев ништо. Мака имав – вели Марица. 

Гоце Николов од „Порака Неготино“ – Неготино потврдува дека патот од „Демир Капија“ бил тежок. Уште е тежок, но сега работат со нив, чекор по чекор.
– Таму немале никакви права! Тоа е како стационар. Да се сместат, ако имаат храна да им дадат, да преспијат. Ништо друго. Институциите се надвор од законите и условите. Марица кажува дека не можело да ѝ се даде можност да напредува. Била неписмена. Кога дојде тука почна да учи, да пишува, да чита. Во Скопје ја преместивме во станбените единици. Почна и да зборува поубаво затоа што ѝ овозможивме логопедски услуги – вели тој. 
Николов нагласува дека нивната организација е лидер во процесот на деинституционализација во Македонија. Процесот значи понуда на разни програми и активирање на лицата со хендикеп, интелектуална попреченост, деца без родители… Тој посочува дека во ЕУ и  со конвенциите за човековите права има насока веќе да не постојат институции, па треба да се придвижиме кон систем на едно големо семејство. 
– Таа цел се остварува преку разни едукации. Прво, со основна едукација за домашните активности, а кога ќе ги совладаат тие вештини, следниот чекор е работна терапија и работно ангажирање. Во тој дел беше и нивното ангажирање во „Лице в лице“ – објаснува Николов. 

Анабела во еден здив кажува дека е задоволна од својот ангажман во „Лице в лице“. Се движи низ градот, плоштадот „Македонија“, околу ГТЦ. Луѓето веќе ја препознаваат.
– Многу ми е убаво! Купувачите застануваат, се интересираат, муабетиме, ја слушаат мојата приказна. Сега чекаме да помине пандемијата и да продолжиме со продажба. Во меѓувреме, креираме дела додека сме дома, па тие што ќе купат од нас преку интернет-продажбата, ќе добијат и наше рачно изработено дело – вели задоволно Анабела. 

Марица, пак, гордо потврдува дека е добитник на награда од Специјална олимпијада во Грција. Олимпијката со бронзен медал во дисциплина трчање сега сака да печали пари и да си купи куќа. – Седум години сме момче и девојка со Мики, живееме заедно, но и со другите пријатели. Сакам да живеам сама со Мики. Само нека биде – извикува Марица. 
Николов вели дека целта е нивно оспособување и осамостојување, па, еден ден, да можат да си изградат и сопствено семејство. Тоа оди полека, во фази, со подготовките и активностите во станбените единици. 

За Анабела и Марица, но и за други луѓе со слични приказни, треба да се работи во целото општество, смета Николов. Да се смени менталниот склоп дека лицата со интелектуална попреченост недоволно придонесуваат во ова општество. Истовремено, да се тргне оној стереотип дека „мораме да ги сожалуваме“. 

– Не! Прво да се смени тоа дека „не можат“ да бидат активни на пазарот на трудот, учесници во социјалниот и културен живот. Со мала поддршка, можат да бидат еднакви со другите. Најмногу штети тоа сожалување. Тие се продавачи, ако те интересира да го купиш списанието – купи го. Не гледај го продавачот (неговата попреченост н.з.). Исто како кога одиме во продавница да купиме леб. Гледај го така – вели тој.
Николов упатува на поголема едукација, промоција, кампањи и споделува дека преку законските измени има подобрување во поглед на деинституционализација, но треба поактивно искористување и на мерките од Законот за социјална заштита.
– Да не бидат покажувани со прст, туку да бидеме еден до еден. Самите да бидат борци, а ние да ги разбираме и да им дадеме поддршка за тие да се изборат – нагласува Николов. 


Валентин без матичен број не може да ги исполни своите права за работа

– Немам матичен број. Се нервирам. Како ќе се вработам ако немам матичен?! – реагира Валентин Ракип, продавач на „Лице в лице“од Центарот за згрижување  деца од улица, преку кој во програмата се вклучуваат младинци повозрасни од 16 години. 

Валентин Ракиип е меѓу најуспешните продавачи на „Лице в лице“.
Фотографија: Томислав Георгиев

– Продажбата на уличното списание „Лице в лице“ ме исполнува. Од една страна, можам да заработувам во свое темпо, а од друга, пак, е огромната можност да запознавам различни луѓе. Сакам нови пријателства, едноставно тоа е нешто што ме мотивира да бидам подобар во продажбата и во животот. Но сега како сè да застана, продажбата веќе не е како порано – продолжува да раскажува Валентин.
Валентин е еден од неколкуте продавачи што и во пандемијата се на улиците на Скопје, откако претходно помина обука за самозаштита и за заштита на околината од ковид-19. Неговата приказна е показател за апсурдноста на системот, кој досега не успеа да му овозможи да си ги оствари своите права. Валентин има 18 години, но нема матичен број, па додека продава низ градот, страв му е дека ќе го запре полицаец. Знае дека на многу места треба да покаже лична карта за да искористи државна услуга. 
– Го имам изводот на родени, ама без матичен, тој ништо не вреди. Што ако се разболам, како ќе одам в болница, на лекар? Како ќе ме примат? – прашува тој. 

Валентин живее во Шуто Оризари, на улица „Брсјачка буна“. Заедно е со тројцата повозрасни браќа, Бертон, Мендух и Лорен, и со помала сестра Џенифер. Неговата постара сестра Бернадета е мажена, но, кога може, доаѓа да им помага. Живеат во дворот на нивниот чичко, откако татко му починал, а мајката заминала во Франција. 

Ирена Велковска од Дневниот центар (десно), заедно со Ема Тодоровска, координаторка за продажба на „Лице в лице“.
Фотографија: Томислав Георгиев


– Иако многу повреден од системот, тој континуирано прави исчекори во својата инклузија. Освен што е продавач на „Лице в лице“, тој е и волонтер во Првиот скопски извиднички одред. Му даваме помош и со неформалното образование. Неговата постара  сестра доби документација, врз основа на направената ДНК-анализа. Сите браќа и сестри на Валентин, и самиот тој тогаш направија ДНК-анализа врз основа на најстарата сестра и се докажа сродството со таткото, кој имаше државјанство. Но, за него и за другите три лица процесот оди бавно.. Му дадоа привремено матично бројче, но тоа  не е валидно, не може да користи бенефити – вели Ирена Велковска од Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари, каде што Валентин волонтира секој ден.
Во Центарот е присутен од 12 години. Тука е среќен, исполнет. Пишуваат, учат, се дружат. Валентин ја фали Ирена за можноста да напредува, а истовремено раскажува и за други свои постигнувања. 

Како продавач на „Лице в лице“, во 2019 година беше во жири-комисијата за натпреварот „Гласник на невидливите“ на Македонската платформа за сиромаштија, а огромно задоволство му носи и тоа што е извидник. 
– Бевме во Михајлово, Попова Шапка… Требаше оваа година да одиме на планината кај Охрид, ама пандемијата нѐ спречи. Но, кога сум таму, меѓу извидниците, со постарите водачи – се чувствувам слободен. Заборавам на документите, заборавам каква ми е ситуацијата-  вели Валентин. 
Тој дополнува дека, кога ќе се реши неговата состојба, сака да стане келнер или готвач.


Стружанецот Игор – на крстопат меѓу самореализација и обележаноста од сограѓаните

Игор, покрај неговото омилено, Охридско езеро
Фотографија: Горан Ристовски

Игор Шајноски има 32 години. Тој е лице со Даунов синдром од Радожда. По неколку месеци практична работа, Игор од април стана првото лице со попреченост вработено во „Порака Нова“, организација од Струга што постои веќе 36 години, како продавач на „Лице в лице“. Тој е и единственото продавач на списанието  од овој дел од Македонија.
Работниот ден му почнува наутро околу 8 часот, во „Порака Нова“ во Струга. Таму има свое биро, задолженија, а по утринското кафе се упатува да продава „Лице в лице“. За 10 години, вели тој, се гледа како напредува во реалниот свет, во кој има и секојдневни предизвици.  

– Треба да просперирам заедно со сите во нашето општество. Како јас кон другиот, така и другиот кон мене. Нека се стави некој во моја кожа, тоа што го чувствувам на терен. Да се однесува културно, како што треба. Навистина сакам да сменам нешто. Сакам да погледнат уште подлабоко и уште посвесно во мене. Дека навистина го работам ова. Јас! Сакам да бидам почитуван и ценет. Сам заработувам и придонесувам во моето семејство – вели Игор. 

Секретарот на „Порака Нова“, Анита Гаговска, раскажува дека откако завршил основно училиште, Игор почнал да доаѓа во Дневниот центар на организацијата. Тој секогаш се гледал себеси како понапреден. 
– Но, ако не се гледаше така себеси, немаше да стигне до ова ниво. Работеше и на други места, во фабрика за пластика, како градинар. Потоа работеше во картонажа, па пак се врати во фабриката. Но разни фирми, колку и да се според правниот статус заштитни друштва, го немаат тоа што го викаме социјално менторство. Вработените често се оставени сами на себе. Кој се снајде – се снајде. Колку и да инсистираме да се работи со психолог, социјален работник, ментор, фирмите често не можат да го обезбедат – вели Гаговска. 

Анита Гагоска е постојана мотиваторка на Игор.
Фотографија: „Порака Нова“

Игор и луѓето како него, дополнува таа, политичарите не треба да ги користат кампањски. Истовремено, сограѓаните треба да сфатат дека е рамноправен и да го мотивираат во работата, да го покаже својот максимум. Без обележаност, без сожалувања, туку чисто да го туркаат напред да си ги оствари правата, но да си ги заврши и дневните обврски. 
– На продавачите им викаме: ако некој им дава пари, а не сака списание, да не ги земаат парите. Игор секој пат си стои зад своето. Никогаш не зема милостина – нагласува таа. 
Игор со колешката Анита се заедно во разни ситуации. Некогаш се смеат, некогаш се караат, некогаш плачат заедно. Имаат заеднички спомени, имаат и заеднички пречки за решавање.
– Ние, навистина, знаеме да се караме, ама и заедно да плачеме за нешто што го сакаме. Работата ни значи – потврдува Игор. 
Со собраните пари сака да се жени. Вљубен е.
„Не ви го кажувам името“, низ смеа кажува Игор, кој нѐ повика да му бидеме гости кога патот ќе нѐ однесе накај Радожда. 

Напишете коментар