Зелена република, Магазин

Загадениот воздух го зголемува ризикот од вирусот корона

Време на читање: 6 минути
page31image2175792

Штетните микрочестички од воздухот, особено во зимскиот период, може да предизвикаат здравствени проблеми како инфаркт, мозочен удар, дијабетес и висок крвен притисок. Но, во најновата брза студија од Универзитетот „Харвард“, во сегашнава новонастаната ситуација, овие заболувања се сметаат за подлога што го зголемува ризикот од компликации и од фатален исход од инфекцијата со вирусот корона 

- банер -

Јана Мелоска-Петрова

Фотографија: Томислав Георгиев

Пандемијата во светот не стивнува, го живееме таканаречениот втор бран, кој беше најавуван уште кога не му се гледаше крајот ни на првиот, а со неговото доаѓање уште еднаш се покажаа сите можни слабости на сите здравствени системи во светот, некои дури и многу поразвиени од нашиот. Но, што е тоа што нè тера да се прашаме зошто имаме толку многу жртви, особено меѓу помладите? 

Штетните микрочестички – причина за респираторни и за кардиоваскуларни болести

Се појавија повеќе научни студии во кои јасно се докажува врската меѓу загаденоста на воздухот и зголемениот ризик од инфекција, па дури и фатален исход, од новиот вирус корона. Не случајно намалувањето на загаденоста на воздухот поради целосното затворање на Вухан и на провинцијата Хубеи резултираше и со намалување на случаите од вирусот. Во покраините Ломбардија и Емилија Романа во Италија, исто така, имаше најголем број смртни случаи и заболени во светот, а тие два региона се сметаат и најзагадени во Европа.
Во борбата со пандемијата и разбирањето на вирусот корона и начинот на негово функционирање, се вклучија повеќе научници и истражувачи од разни светски истражувачки центри. Дел од нив се посветија на докажување на врската меѓу загадувањето и ризикот од заболување и смртност од ковид-19. 

Штетните микрочестички од воздухот, особено во зимскиот период, може да предизвикаат здравствени проблеми како инфаркт, мозочен удар, дијабетес и висок крвен притисок. Во најновата брза студија од Универзитетот„ Харвард“, во сегашнава ситуација, овие заболувања се сметаат за подлога или т.н. коморбидитети што го зголемуваат ризикот од компликации и фатален исход од инфекцијата со вирусот корона.

- банер -

Според оваа студија, дишењето загаден воздух во тек на повеќе години го зголемува влијанието на вирусот за дури 11 проценти за само 1 μg / м3 загадување. Нејзината хипотеза е дека долготрајната изложеност на  ситни честички, како ПМ 2,5, резултира со зголемен ризик од смртност од респираторни и од кардиоваскуларни болести. Исто така, може да ги влоши и симптомите од ковид-19. Покрај загадувањето, според студијата, голема улога во зголемениот смртен исход од вирусот имаат и фактори како густина на населението, просечен приход на домаќинствата, процент на лица со сопствен дом, процент на возрасни лица со понизок степен на образование, како и распореденоста на населението по возрасни групи. Иако оваа студија е правена во Соединетите Американски Држави, ја опфаќа состојбата со загадувањето и со вирусот корона во целиот свет, односно во најзагадените региони, кои воедно се и најтешко погодени од пандемијата. 

Загадувањето го ослабува имуниот систем на човекот

Студијата што ја спровел тим истражувачи предводени од Тијан во Кина, откриле дека на местата со зголемени нивоа на азотен диоксид (10 μg / м3) во период од пет години пред пандемијата, имале 22 проценти повеќе случаи на ковид-19, а повисоките нивоа на ситни честички ги зголемиле случаите за 15 проценти.

Друга просторна анализа спроведена регионално, а потоа споредбено со бројот на смртни случаи во 66 административни региони во Италија, Шпанија, Франција и во Германија, покажала дека 78 проценти од смртните случаи биле во само пет региони во северна Италија и во централна Шпанија, кои истовремено имале највисока концентрација на азотен диоксид во воздухот.

Овие резултати покажуваат дека долготрајната изложеност на овој загадувач може да биде една од најголемите потпомагачи на фаталноста предизвикана од вирусот корона во овие региони, а и во светот. Британската национална агенција за статистика открила дека без оглед на етничката припадност, долготрајната изложеност на ситни честички (ПМ 10 и ПМ 2,5) може за седум проценти да го зголеми ризикот од заболување и од смрт од ковид-19. Од друга страна, Кол открил дека во Холандија, општините со поголеми концентрации на ПМ 2,5 за 1 μg / м3 имаат 9,4 случаи на ковид-19, три хоспитализации и 2,3 смртни случаи повеќе од другите. Во Холандија, најголемиот број случаи се појавиле на југот од земјата, каде што населението, главно, живее во рурални, не многу густо населени предели. Но, тука се наоѓаат најголемите фарми на свињи и на кокошки во земјата, па оттаму се појавува и сомнежот дека, можеби, зголеменото производство на амонијак од животните придонесува за поголемо загадување на воздухот, а со тоа и зголемен ризик од компликации од ковид-19.

Покрај зголемениот ризик од респираторни инфекции, загадувањето го ослабува и имуниот систем на човекот, со што го прави послаб да се бори со вирусот, велат од Европската алијанса за јавно здравје.

Како што многупати досега ни кажуваат здравствените власти, главниот проблем за сериозноста на инфекцијата од вирусот корона и фаталниот исход од болеста се намалениот имунитет, хроничните болести и коморбидитетите кај пациентите. Тука посебно се истакнуваат високиот крвен притисок и астмата, кои во најголем број случаи заразени со вирусот завршуваат со сериозни компликации или трагичен исход.

Според истражувачката од Универзитетот „Стенфорд“, Мери Пруницки, најважно е да се открие кој тип загадувачи предизвикуваат здравствени проблеми, но, исто така, и колкава количина загадувачи може да толерира нашето тело. Така научниците ќе може да разберат зашто и колку човекот е подложен на ковид-19.

Најдобрата одбрана е во здравите бели дробови

Сепак, на глобално ниво, загадувањето не се смета за една од причините за зголемената чувствителност, компликации и смртност од вирусот корона затоа што во овој краток временски период, не е можно да се направи кохерентна студија што ќе опфати повеќеслојни податоци. Но, научниците се подготвени да понудат решенија за намалување на загадувањето.

Неколку земји и градови веќе направија планови како да го намалат загадувањето и да преземат построги мерки за заштита на животната средина. Милано, на пример, кој се наоѓа во Ломбардија, најтешко погодениот регион во Италија, има план за организирање почист јавен превоз и намалено користење автомобили по симнувањето на строгите рестрикции и отворањето на градот. Еден од главните адути на градските власти е изградбата на 35 км велосипедски патеки за превоз со велосипеди и со мопеди, намалување на капацитетите на градското метро на 30 проценти за да се одржува социјална дистанца, а истовремено да се стимулира возење велосипед.

Не се сите градови подготвени за големи зафати како Милано. Затоа научниците, а особено еколозите, сметаат дека треба да се размисли за поголема употреба на еколошки горива во секојдневниот живот. Тие предлагаат да се зголеми употребата на етанол, еколошки гас што е лесно достапен и веќе во широка употреба во светот. Неговата обновлива природа го прави погоден за употреба и за намалување на ризикот по здравјето на луѓето во време на пандемија. Ако фосилните горива се заменат со етанол, се очекува емисиите на ПМ честички драстично да опаднат. Етанолот ги заменува токсичните компоненти на фосилните смеси во бензинот, а добиеното гориво согорува почисто со што придонесува за подобрување на квалитетот на воздухот. Колку што повеќе фосилни горива се заменуваат со етанол, толку се помали негативните ефекти од патниот транспорт врз здравјето на луѓето.

Најдобрата одбрана од вирусот лежи во здрави бели дробови и во силен имунитет, кои, пак, се уништуваат од загаден воздух. Властите во сите земји треба да го насочат вниманието кон создавање подобри амбиентални услови и да почнат да вложуваат во одржливо општество. Глобалниот одговор на кризата предизвикана од вирусот корона треба да се искористи за да се создаде поздраво општество, кое е подобро подготвено за итни случаи, епидемии и пандемии. Додека не се докаже јасна врска меѓу загадениот воздух и ризикот од вирусот корона, ни останува само да ги почитуваме пропишаните мерки: држи дистанца, носи маска, миј раце. 


(Авторката е еден од основачите на Здружението „Хелтгрупер Самит“ Скопје)

Напишете коментар