Лице в лице тема, Магазин

Човековите права треба да се реалност, а не само лекција

Теоретските основи за човековите права во образованието се солидно поставени, но проблемот настанува кога тоа што го учат децата не го гледаат во вистинскиот живот, а со самото тоа, не се ниту способни, ниту расположени да се изборат за него

Елизабета Секирарска

Умниот млад свет во клупите, сега зад мониторите, изморен и дезориентиран, е осуден да расте, да созрева, да си ја гради младоста и, воопшто, да си го конципира животот во едно многу турбулентно, хаотично, многу обезвреднето и деформирано време, во кое еден факт е непобитен: денес е многу тешко да си млад. Што научуваат децата и што изнесуваат од клупите како светоглед,  за понатаму да гледаат на светот околу себе? Секојдневно сме сведоци на околности и на однесување што ни покажуваат дека младите не формираат аспекти што ќе ги водат цел живот, а кои, пред сѐ, ќе значат осознавање на основните човекови права и слободи.

Колку децата денес ги осознаваат, вистински ги разбираат и прифаќаат вредностите, како што се почитување, заштита од измачување, прифаќање на различностите по сите основи, рамноправност, право на секого да се изрази според личните ставови,  право на слобода, на еднаквост, како само еден дел од правата што важат за сите?

Тоа што го учат, не е тоа што го живеат
Илустрација: Зоран Инадески

Темите поврзани за  основните човекови права и слободи се застапени во повеќе предмети во основното и во средното образование. Разработени се на соодветен начин, фокусирани на аспектите според кои ученикот ќе може да ги наброи, да го објасни значењето на човековите права за демократскиот поредок, да ги анализира случаите во кои се нарушени човековите права и слободи.  Ученикот ќе може да здобие сознанија за личните, политичките, економските, социјалните и за културните права, да ја увиди потребата од зачувување на интегритетот на личноста на човекот, да ја сфати важноста на политичките права и слободи, да ја идентификува разликата меѓу слободно изразената мисла во кој било облик од цензурираната мисла, да го открие своето право на избор, како и право да ја брани земјата, да ја препознае потребата од постоењето на човековите права и слободи, да го сфати гарантирањето на овие права како процес што трае и се надградува.  Наставникот треба да им укаже на учениците на прекршувањето и на непочитувањето на правата на граѓаните во општеството.
Кога ќе се погледнат вака наставните програми, се здобива впечаток дека теоретските основи се солидно поставени.

Проблемот настанува кога децата од клупите ќе се преселат во реалниот живот и кога тоа што го учат, не го гледаат, а со самото тоа, не се ниту способни, ниту расположени да се изборат за него.

Во разговор со неколку средношколци, кои веќе имале можност да ги изучуваат наведените содржини, останав пријатно изненадена од нивната подготвеност да го кажат своето мислење, еднакво како што сум и прилично изненадена од фактот дека многу убаво можат да посочат дека тоа што го учат, сепак не е тоа што го живеат. Тоа ми покажува дека го занемаруваме непобитниот факт:

учениците многу добро забележуваат дека тоа што треба да ги изгради како луѓе, им го сведуваме на импровизација затоа што тоа останува на хартија и со статус лекција, а не животен аспект што може да се спроведе во реалноста, поради кој утре ќе бидат добри луѓе што знаат што е право, што е слобода и што умеат и сакаат да се борат и за себе и за другите.

Пред сѐ, се изјаснија дека се задоволни од пристапот на предметните наставници при презентирање на содржините и од нивниот напор да им го приближат материјалот. Според еден од учениците, забележлив е проблемот на ненаучувањето и на примената на презентираното како теорија во животната практика, дури и на самите часови на кои се дискутира за правото на изразување, на пример, како само едно од основните човекови права.

Сѐ додека ставот на едниот се совпаѓа со ставот на другиот, дебата тече без проблем. Проблемот настанува кога несогласувањето прераснува во конфликт за кој не се наоѓа решение. Тој став, според него, многу често е пресликан и во реалните меѓусебни односи, кои поради тоа се далеку од меѓусебно сослушување, почитување на туѓото мислење, помош и неосудување.

Да овозможиме свет каков што заслужуваат младите

Исто така, според ставот на еден од учениците, непочитувањето на правата на еднаквост се гледа и во реалниот живот, токму во клупите во кои растат и созреваат. Посочува пример со ученици што добиваат незаслужени оценки затоа што се „нечии“ деца, за разлика од децата што се „ничии“ и се борат за оценки со сите сили и чесно учат. Прашањето што самиот го постави е: „За кои права на еднаквост и недискриминација зборуваме, професорке, ако јас треба да се отепам од учење, а некој друг не, и тој ќе има подобри оценки од мене? Што научувам јас тогаш? Кое право е во прашање?“ Сите ние би требало да имаме доблест да му одговориме. Под претпоставка да не се засрамиме што сме му овозможиле да го постави.
Во поглед на тоа дали тоа што го учат, реално, можат да го видат, една ученичка мошне сликовито објасни преку своја приказна. Според природата на својот карактер, таа е повлечена, не излегува на места каде што повеќето млади денес се гледаат себеси, па е отфрлена и неприфатена. Поинаква е од другите, а различноста се казнува во услови во кои за вредностите што подразбираат прифаќање се учи, но тие не се „живеат.”
Исто така, прецизно е дефинирана и општествената  деформација, која, според неа, сè повеќе зема замав во услови кога толку многу се учи за правата и за слободите. Гледајќи ги состојбите на измачување, омаловажување или физички напад на соученик, кои не предизвикуваат емпатија кај повеќето млади луѓе, туку се сведуваат на снимање на настанот и на негово споделување по социјалните мрежи, произлегува дека, освен алармантното изостанување на фундаменталните родителски воспитни насоки, на децата им недостига и посуштествен приод поврзан со нивните погледи на правата и на слободите на сите со кои делат живот и опкружување, а кои ги учат како теорија во училиштето.

Ако треба да се направи сублимат на ученичките ставови од една страна и тоа што го учат, од друга, испливува на површина дека теориските основи се сведуваат на декларативни заложби, кои не можат да ја надминат ерозијата на некогаш живите и почитувани општествени вредности. Младите се соочуваат со учење на нешта што не наоѓаат примена во реалниот живот, до тоа ниво што дури и тие што се сè поретки, кои не се откажуваат од своите исправни ставови, се судираат со неприфаќање во атмосфера во која некои сосема други вредности се „ин“.
Затоа е крајно време, ако веќе не е и предоцна, да се застане и како родител и како наставник и да се направи напор на младите да им се создаде и овозможи свет во кој ќе живеат така како што заслужуваат – во опкружување во кое тоа што го учат нема да им остане во сеќавање како товар, токму затоа што не го живеат.



(Авторката е професорка во средното економско училиште „Перо Наков“ во Куманово) 

Напишете коментар